вторник, 22 октомври 2024

Нема да учествуваме на никакви партиски организирани протести, велат од СОНК

Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков денеска ги повика членовите на синдикатот да не учествуваат на протест, без разлика кој го организира, освен на активности на кои СОНК е организатор.

Објавено на

часот

Сподели

Тој појасни дека синдикатите си ја работат својата работа и нагласи дека секое мешање на политичките партии во образованието е очигледно и може да биде контрапродуктивно.

„Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, како најголем синдикат за образование и наука, во кој членуваат над 20.000 просветни работници, се оградува од секаков вид на политички влијанија и дејствија во образованието. Во период на интензивни преговори за изнаоѓање решение и средства за подигнување на социјалниот статус на вработените во образованието, делувањето на политичките партии и преземањето на улогата на синдикатите, упатува на купување на ситни политички поени и може да има сосема спротивен ефект“, се вели во објавата на Неделков на Фејсбук, која е споделена и на Фејсбук страната на СОНК.

Според СОНК, политичките партии имаа и имаат можност да докажат колку се загрижени за просветните работници, а тие знаат тоа најдобро да го оценат.

„СОНК ќе продолжи да делува со сите расположиви синдикални средства во натамошниот период, се до остварувањето на својата цел. Членовите на СОНК нема да учествуваат на никакви партиски организирани протести и строго ќе внимаваат на мешањето на политиката во синдикатот“, се наведува во објавата на Фејсбук.

СДСМ денеска на прес-конференција најави дека преку Комисијата за образование утре ќе организира собир на наставници и просветни работници. Собирот под слоганот „Немате оправдувања, покачете ги платите!“ ќе биде пред Министерството за образование и наука во Скопје, со почеток во 11:30 часот.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, на прес-конференција соопшти дека се врши злоупотреба на наставниците и апелираше просветните работници да не подлегнуваат на притисоци на опозицијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ