Не е омилено јадење на децата, а и во македонската кујна брокулата речиси ја нема. Многумина ја одминуваат по пазарите и супермаркетите, особено не ја сакаат блуткава, а и нашите мајки и баби немале навика да ја јадат. Како да е, тука од неодамна, сè уште ненавикнати на неа, кралицата на зеленчукот, брокулата, чека да ја откриеме. Наводно, 100 грама брокула дневно го намалува ризикот од оболување од рак.
Брокулата содржи големо количество од антиоксидансните витамини А, Ц и Е, всушност содржи повеќе витамин Ц од портокалот, а и го забавува процесот на стареење. Малкумина знаат дека брокулата е од оние намирници што помагаат во слабеењето. Иако има малку калории и иако е лесна, на желудникот му се потребни дополнителни калории за да ја свари, со тоа брокулата, заедно со целерот, е храна што колку повеќе ја јадете, толку повеќе не ви се таложи.
Новите истражувања покажуваат дека сокот добиен од брокула е поздрав од оној од цвекло. Според истражувањето, 95 отсто од ќелиите заболени од рак, по шестмесечно консумирање големо количество сок од брокула, одумираат. Оттука, брокулата се најде и на врвот на топ-листата на природни лекови што го уништуваат процесот на создавање штетни ќелии.
Дури и за тенот брокулата е одлична. Содржи калциум и магнезиум, неопходни за зајакнување на коските, забите, ноктите, но и на нервите! Содржи и бета каротен, кој ја одржува кожата здрава и со убав тен.
А и лесна е за подготвување. Ако ја варите, потребни ви се само 3 минути и ќе добиете здрав прилог за јадењето, на кој му недостигаат само неколку капки маслиново масло. Не ја преварувајте бидејќи ќе загуби добар дел од витамините! Вистинската вредност ја има кога се сервира полусварена, никако мека.
Доколку ни така не ви е вкусна, верувајте, нема ништо повкусно од супа од брокули. Но за тоа ѕирнете во рубриката Кујна.