Нејмар, кого Бразилците го сметаат за наследник на легендарниот Пеле, во Монтевидео (Уругвај) ја прими наградата за најдобар играч на Јужна Америка во изборот на тамошниот весник „Ел Паис“, од каде и најави дека не планира скорашно доаѓање во Европа.
Реал Мадрид и Барселона „играат Ел Класико“ и надвор од фудбалскиот терен, особено што од поодамна се обидуваат да го договорат младиот Бразилец.
„Не планирам сега да заминам. Имам уште некои работи да направам во Сантос. Имам договор до 2014 година и планирам да останам до тогаш“, рече Нејмар, кој на 159 меча даде 81 гол за легендарниот клуб, каде што целата своја кариера ја мина Пеле, пред да замине за Њујорк Космос на крајот на својата богата кариера.
Нејмар пред десетина дена ја доби наградата на ФИФА за најубав гол за 2011 година. Тој е бразилски репрезентативец, кој треба да биде носител на играта за две години на Мундијалот во неговата земја.
„Сите знаат дека е сон да играш во Европа, но јас не знам дали тоа ќе биде во 2014 или подоцна“, додал Нејмар.