сабота, 27 јули 2024

Неизградениот автопат Кичево-Охрид, сомнителните тендери на ФИТР и функциите на Џафери најматни настани, оцени ТИ-М

Неизградениот автопат Кичево-Охрид, барањето за одговорност за Фондот за иновациски развој, изработката на Деталниот урбанистички план за поранешната фабрика Треска во центарот на Скопје се само дел од настаните што Транспаренси Интернешнл-Македонија (ТИ-М) ги оцени како матни за месец февруари 2024 година, а во рамки на Барометарот на корупција. Како позитивни или според оваа невладина организација, бистри настани се издвоени неколкуте кривични пријави против полицајци, војници и вработени во Агенцијата за вработување. Барометарот на корупција е редовна месечна активност на ТИ-М за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Автопатот Кичево-Охрид е најголемата инфраструктурна инвестиција со децениска изградба, но и покрај дополнителен заем од 180 милиони долари, пролонгирање на изградбата за 6 години и зголемување на вредноста на договорот за 45 отсто, оваа делница не е изградена, констатираат од ТИ-М. Оттаму го цитираат државниот завод за ревизија (ДЗР) кој констатираше повеќе недостатоци при изградбата на овој автопат.

„Недостатоци за проектната документација, нерешените експроприации на земјиштето како и недоволно обезбедените соодветни човечки и технички ресурси од страна на изведувачот, влијаеле на пролонгирање на изградбата и предизвикале дополнителен одлив на финансиски средства над првично договорените, што не е во согласност со пропишаниот правен стандард за постапување со должно внимание уреден со Законот за трговски друштва“, пишува во извештајот на ДЗР.

Од ТИ-М како матен настан го оценуваат и сомнежот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за незаконско доделување грантови од страна на Фондот за иновации, а меѓу кои грантови бил и оној доделен на внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Антикорупционерите побараа од Владата да утврди одговорност кај органите на Фондот за иновации и технoлошки развој, вклучувајќи го директорот Фестим Халили поради сомнежи за злоупотреба на законот поради доделените пет милиони денари на фирмите Тхор индустриес и Еверест ЏД, во сопсотвеност на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети. Злоупотребите велат се правеле противзаконски со кратењето на роковите за проектите, принцип по кој Фондот работел и во други случаи кои не се поврзани со Дрин Ахмети“, забележуваат од ТИ-М.

Од ТИ-М како матни настани за минатиот месец посочуваат уште два предмети што ги работеше ДКСК.

„ДКСК донесе одлука да достави предмет до Основното јавно обвинителство (ОЈО), како и до Финансиска полиција (ФП), против екс градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, за искористување на градоначалничката функција за да го смени деталниот урбанистички план (ДУП) кај Мајчин дом и на местото каде било впишано зеленило, да се впише 9-катница. Од Антикорупциска го сомничат Коневски дека за лична корист – добивање на деловен простор од 312 метри квадратни, ја искористил функцијата градоначалник и место зеленило, нацртал зграда. На последната работна седница, пред да ги отстапат функциите на своите наследници, претходниот состав на ДКСК го затвори и предметот за начинот на планирање на ДУП-от за ‘Треска’. На обвинителството му го предава предметот со констатирани сомнежи за корупција на фирмите кои пред 10 години го изработиле планот, за општината да го усвои спротивно на генералниот урбанистички план“, констатирале од ТИ-М.

И поранешниот претседател на Собранието сега премиер на техничката Влада, Талат Џафери најде свое место во најматни настани за февруари.

„Џафери платил казна и продолжил да го прекршува законот. Џафери го прекршил Уставот и платил казна поради неспоивост на функциите. Според антикорупционерите, Џафери иако бил претседател на Собранието истовремено членувал и во партиските органи на ДУИ, поконкретно во претседателството на Генералниот совет на партијата. Од Антикорупциската комисија прашале дали и покрај платената казна Џафери сѐ уште извршува партиска функција, но од ДУИ одговор не добиле“, се наведува во Извештајот на ТИ-М.

Како позитивни или според оваа невладина организација, бистри настани се издвоени неколкуте кривични пријави против полицајци, војници и вработени во Агенцијата за вработување.

„Седум лица меѓу кои и вработени во Агенцијата за вработување заработија кривични пријави од Министерството за внатрешни работи (МВР) за повеќе дела. Како што соопштија од оваа институција, тие се товарат за злоупотреба на службена положба и овластување, примање поткуп, примање награда за противзаконито влијание, давање поткуп и давање награда за противзаконито влијание. Професионален војник им доставувал телефони на затвореници во затворот Идризово со што ги пречекорил границите на своите службени овластувања. Полицаец од граничниот премин Ќафасан земал мито, колега го криел и добиле кривични пријави за примање поткуп и помагање на сторител по извршување кривично дело“, наведуваат од ТИ-М.

Истрагата за даночно атајување против сопственикот на фирмата Новоматрикс и замрзнување на имотот на истата е уште еден настан што од ТИ-М е оценет како бистар настан за минатиот месец.

„По барање на Обвинителството за организиран криминал, Основниот суд Скопје 1 изрекол времена мерка за забрана за отуѓување, располагање и оптоварување на возилата на компанијата Салус Плус, попозната според поранешниот назив Новоматрикс, чиј сопственик е Александар Наумов. Имено, ова решение е заведено и во Централниот регистар, каде се наведува дека по барање на Јавното обвинителство од 27 октомври 2023 година, Кривичниот суд донел решение на 31 октомври 2023 година за донесување привремена мерка – забрана за отуѓување, располагање и оптоварување на моторни возила, поради основано сомневање дека е сторено кривично дело злосторничко здружување и даночно затајување“, констатираат во Ивештајот за Барометар на корупцијата од Транспаренси Интернешнл-Македонија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ