сабота, 27 јули 2024
Јове Кекеновски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Небулозите зад кои стои поранешeн уставен судија и претседател на Уставниот суд

Не можам да верувам дека зад содржината на „Декларацијата за етнички изборен легитимитет’’ што ја потпишаа лидерите на партиите кои партиципираат во Европскиот фронт меѓу другите стои и еден поранешен уставен судија и претседател на Уставниот суд.

Ви се верува ли дека персона која била на оваа висока државна позиција стои зад небулозите и неправните аргументи искажани во Декларацијата. Не паметам никаде, во ниту една држава во светот еден судија кој бил на ваква висока позиција, по завршувањето на функцијата да се обрука на ваков начин. Но, по сѐ изгледа дека за момент заборавив дека ова е Македонија и сé е можно. Човеков со колешките Наташа Габер и Гзиме Старова се спротивставуваше на одлуките во времето на Груевски и така стана нов претседател на Уставниот суд.

Ајде да видиме како тоа овој човек јавно се посипа со пепел или пак желбата за власт толку многу го заслепи, па не знае што е право, а што криво. Како прво навистина не можам да сфатам и воопшто не ми е јасно како и врз која основа оваа персона смета дека неговиот легитимитет и легитимитетот на неговите партнери Албанци, Роми и Турци од Европскиот фронт e поголем од легитимитетот на останатите политички претставници на етничките заедници групирани во други политички партии и коалиции на партии, како на пример од: Албанците кои ја сочинуваат коалицијата Вреди, коалиција каде партиципираат само албански политички партии; Партиите на Ромите во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ (коалиција Твоја Македонија од 24 политички партии на речиси сите заедници во РМ) каде што партиципира најголемата ромска политичка партија Демократски сили на ромите (ДСР) предводена од д-р Шабан Салиу; Роми обединети за Македонија предводена од Селими Ерџан; Демократската парија на Ромите предводена од Миљазим Сакипов и Обединетатата партија за еманципација на ромите на Неждет Мустафа. Како е можно нивниот легитимитет да е помал од партијата на Роми која партиципира во Европскиот фронт? Турците кои се во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ каде партиципира Движењето за национално единство на Турците во Македонија (ДНЕТ) предводена од Ердоган Сарач, група избирачи предводена Аднан Ќахил…; Двете српски политички партии предводени од Драгиша Милетиќ и Иван Стоиљковиќ; Партија на Власите во РМ; Новорегистраната бошњачка партијата на поранешниот новинар Сафет Бишевац и група избирачи предводена од Бошњакот Салко Куч…

И да не ги набројувам останатите етнички заедници во државава. Како тоа и на која основа и критериуми овој поранешен уставен судија и неговите коалициски партнери од ромската, турската и албанската заедница во Европскиот фронт се самодекларираат дека се поголеми Албанци, Турци и Роми од погоре наведените?

Со напишаното во оваа наводна Декларација тој и неговите партнери од Европскиот фронт свесно, некоретно и недемократски ги понижуваат и девалвираат сите останати политички партии и припадници на етничките заедници кои не се во нивната коалиција и сите оние граѓани кои не гласале за нив. А многу повеќе не гласале отколку што гласале за нив.

За каква етничка хегемонија зборува и укажива поранешниов уставен судија и неговите партнери ако сите знаеме дека во последниве дваесеттина и повеќе години имаме класична тиранија на малцинството врз мнозинството за кое мнозинството заради неминовност од соживот и подобро утре молчеше. Граѓаните од мнозинството станаа граѓани од втор ред. Од мултиетничка заедница станавме бинационална држава. Наместо држава на сите граѓани, станавме држава на политичките елити на власт.

Кој тоа суптилно, а во најголем број случаи јавно повеќе од три месеци наназад се заканува за мирот, безбедноста, стабилноста на нашата земја и регионот доколку не е дел од власта по секоја цена?

Дали коалицијата Твоја Македонија (со 24 политички партии на речиси сите етнички заедници во РМ) и коалицијата Вреди се идното моноетничко мнозинство? Ова ли е моноетницизмот кој го нарушува легитимитетот на другите етнички заедници и го оптоварува соживотот и демократијата? Зарем овие наведени небулози, квази и неправни принципи содржани во Декларацијата овој поранешен уставен судија го научил од оние кај кои полагал како студент или пак подоцна како судија?Ова ли беа „критериумите и принципите“ кои ги употребуваше кога одлучуваше додека беше уставен судија и претседател на Уставниот суд? Зошто Сали Мурати, како уставен судија (цели 9 години) никогаш не спомена дека парламентарното мнозинство во Собранието се формира од страна на победниците на изборите, а не согласно одредбите од Уставот кои се децидни и јасни како ден. Зошто додека ја извршуваше функцијата не собра храброст или пак не го покажа „своето знаење на уставната материја’’ и не кажа дека договор (во овој случај т.н. Мајски договор) меѓу лидери на политичките партии од минатото кој пред сѐ е записник од договореното за функционирање и соработка во одреден период, дека во меѓувреме станал уставен акт на кој сега слепо и мошне гласно се повикува и тој?

Имам уште прашања, иако сум сигурен дека никогаш нема да добијам аргументиран и правно издржан одговор, па затоа сметам дека и овие прашања се премногу затоа што незнаењето, правниот волунтаризам, политичката заслепеност и желба за власт по секоја цена се далеку од здравиот разум на дел од актерите на политичката сцена и од искрената желба на гласачите кои јасно кажаа НЕ. Демократијата не е анархија, а правото не е пластелин со кои си играат малите деца.

Проф д-р Јoве Кекеновски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ