петок, 18 октомври 2024
Средба на премиерот оо германскиот канцелар во Берлин

Не треба да има нови условувања за Македонија, тоа е мојот став, му кажа Шолц на Ковачевски

Објавено на

часот

Сподели

„Ќе бидам јасен. Тоа е јасно договорено, и треба да биде редовен пристапен процес според постапките кои се управуваат од ЕУ. Тоа се работи кои се веќе напишани на хартија и не треба да дојдат други што се однесува до билатералната состојба. Јас гарантирам за тоа“, рече канцеларот Шолц на новинарско прашање за коментар дали е прифатлива за него изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека уставните измени, кои се утврдени во преговарачката рамка, се само прелиминарен услов за земјава и дека со нив не се исцрпени сите услови за државата да ја почне втората фаза од преговорите.

Шолц порача дека уставните измени се од централно значење за да се ослободи патот на Македонија кон ЕУ и дека Германија сериозно ја сфаќа ЕУ-перспективата на земјава.

ЕУ е нашата единствена цел, а подобар договор од овој пред нас нема, ниту ќе има, потенцира премиерот Ковачевски, продолжувајќи дека токму затоа овој трасиран пат до ЕУ, иако нема да е лесен, мора да се изоди, рече Ковачевски.

„Ние мораме да ја исполниме стратешката цел на која сме се обврзале пред 30 годидни – полноправното членство во ЕУ. Ние мораме да им овозможиме на нашите граѓани, идните генерации да живеат во ЕУ, горди што се Македонци, со крената глава, со македонски јазик јазик, со македонски идентитет, но она што е најважно, побогати и со подобар стандард од сега“, нагласи премиерот.

Овој развој знаеме дека неминовно ќе се случи, вели тој, а за тоа се доказ сите земји членки кои пред многу години биле во нашата ситуација, а кои по членството во ЕУ доживеале сериозен раст и развој и денес нивните граѓани ја имаат шансата да живеат во земји со подобар стандард, да се побогати, да ги остваруваат сопствените потенцијали целосно, да живеат европски и слободно.

„Дали ќе бидеме и ние таму, сега зависи само и единствено во нас. Оваа историска шанса која ја имаме, не смееме да ја пропуштиме и треба да го дадеме нашиот глас за Европа, за нашата, за иднината на нашите деца. Токму затоа денес, во оваа прилика би сакал уште еднаш да ја потврдам нашата европска визија и перспектива. Нашата иднина се европските вредности кои ги делиме со нашите германски пријатели. Ние, заедно со Европската унија, сме обединети во различностите“, порача на заедничката прес – конференција премиерот Ковачевски.

Со почетокот на преговорите и скринингот како и со потпишувањето на Фронтекс, ние минатата година добивме целосна потврда за нашите заложби за европска иднина и добивме потврда дека македонскиот јазик е заштитен и е на исто рамниште со останатите јазици на Европската Унија, рече Ковачевски.

Оваа Влада, додаде тој, донесе многу тешки одлуки, и покажа лидерство и храброст, а отворањето на преговорите е основа и можност за подобра, побогата иднина, подобар животен стандард за граѓаните.

„Процесот на преговори беше мачен и тежок, но факт е дека ние од тој процес излеговме како земја која успеала да се избори за своите позиции. Вие сте и лично запознат со ова и за Вашата поддршка и лична посветеност во тој процес, искрено Ви благодарам, знам дека вашиот личен влог беше ценет и пресуден во даден момент. Оттогаш до денес и ние и ЕУ ги исполнивме нашите ветувања. Во овој контекст, би сакал Во мое лично име и во името на мојот народ, да упатам искрена благодарност за поддршката која ја добивме и од германскиот народ со усвоената Резулуција од страна на Бундестагот, со што Сојузна Република Германија дава недвосмислено охрабрување на Северна Македонија на евроинтегративниот пат до полноправно членство во Европската Унија“, рече премиерот Ковачевски.

Со усвоената Резулуција, додаде тој, Берлин ни дава дополнителен поттик за натамошно интензивирање на реформската агенда во сите сфери во нашето општество. 

„Сега останува следниот чекор, уставните измени, кои ќе се најдат пред нашето Собрание и нашите 120 пратеници. Очекувам дека тие ќе покажат државничко однесување, ќе бидат на ниво на задачата и ќе донесат одлука со која ќе се овозможи подобра иднина, за нас, за идните генерации, за нашите деца“, подвлече Ковачевски. 

Сојузна Република Германија е наш клучен политички, но и економски партнер, додаде тој, и во текот на овој тридецениски период на интензивна соработка од воспоставувањето билатерални односи, поставивме и одржавме трговската размена која само минатата година изнесуваше 3,2 милијарди евра. Германија е нашиот прв трговски партнер, партнер број еден. Околу 50 отсто од вкупниот извоз од Македонија е во Германија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ