сабота, 27 јули 2024
Ученички по убиството на Вања бараат солзавци оти се плашат

Не ги учете децата дека светот е розов, учете ги да се заштитат, советува психологот Ивановска

Свирепото убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска стана колективна траума, која ја чувствуваат сите граѓани во оваа држава. Сторителот или сторителите (ќе покаже истрагата) на ова грозоморно убиство внесоа страв речиси во секој дом во земјава. Во сечиј ум барем по еднаш се заврте свирепото сценарио од грабнувањето и убиството на Вања. Редакцијата на МКД.мк направи обиколка низ неколку средни и основни училишта кога децата заминуваа од образовните објекти, каде што позборувавме и со неколку родители. Сите го делат истиот став, дека она што се случи со Вања направи траума од различни размери кај сите. Разговаравме и со психологот Тиана Ивановска која вели дека треба децата да се учат да се заштитат оти светот не е розов. 

Објавено на

часот

Сподели

„Децата ги земаме бидејќи сме исплашени и ние, но и тие. Мојот син е петто одделение и до пред некое време одеше сам до училиште и накај дома бидејќи живееме во близина, но сега не сака. Чека да го земеме од страв да не го земел некој. Можеби вина малку имаме и ние бидејќи вестите ни се пуштени постојано овие денови и децата слушаат дека грабнале девојче и дека го убиле. Но и да криеме, тие имаат телефони, социјални мрежи и слично, каде што деновиве постојано се зборува и се објавува за девојчето. А и да не се социјалните мрежи и вестите, факт е дека се случи грабнување и убиство на 14-годишно девојче. Пострашно од ова не може да биде, бидејќи одзедоа живот на едно невино девојче и внесоа страв во детството на сите други деца. Не знам дали некогаш ќе се оправиме“, вели мајка на петтоодделенец во едно основно училиште во Кисела Вода.

Голем дел од родителите и на средношколците ги чекаат и ги земаат периодов од училиште. Средношколките што беа во близина додека зборувавме со нивните родители велат дека меѓусебно се прашуваат и се интересираат да си набават солзавци, спреј или електрошок за да може да се заштитат ако некој ги нападне.

Отворено зборуваа на темата за грабнувањето и убиството на Вања и велат дека знаат бидејќи се зборува и во училиште. Исплашени се и додаваат дека или излегуваат по неколку девојчиња во група, или со себе ќе мора да носат солзавец за да се заштитат. И нивните родители велат дека би одобриле, иако знаат дека е недозволено, но појаснуваат дека во овие моменти стравот им е голем.

За тоа дали убиството на Вања е колективна траума за сите нас зборувавме со м-р Тиана Ивановска, лиценциран психолог и основач на СебеСложувалка. За МКД.мк таа одговара на неколку прашања во врска со тоа како учениците, па и сите други, да го надминат она што ни го донесе свирепото убиство на младото девојче.

Тиана

Како психолог, сметате ли дека она што осомничените ѝ го сторија на Вања, односно ѝ го направија најстрашното одземајќи ѝ го правото на живот, ни создаде колективна траума, која никогаш нема да ја заборавиме и од која нема да се оправиме? Како еден човек може да се справи со колективната траума и како тоа го доживуваат возрасните, а како децата, и како и едните и другите да си помогнеме кога најактуелно нешто е тоа и овие информации не можеме да ги избегнеме?

Изминатиов период бевме сведоци на навистина тежок период за сите нас, како колективно, така и индивидуално, сепак многу е важно да не заборавиме дека во настанот е инволвирано само едно семејство од Скопје, за кое се води истрага што ние сѐ уште целосно не ја знаеме и можеби никогаш целосно нема да ја дознаеме. Земајќи ги горенаведените елементи многу е важно да сме свесни дека потребно е да се штитиме од нештата што целосно не ги знаеме и врз кои немаме никаква контрола. Еден од начините како да не креираме колективна траума е да се свртиме кон себе, сопствените семејства и сето она што таму е наша одговорност да го менуваме и негуваме.

Мора да имаме предвид дека целиот медиумски пренос на сите детали поврзани со истрагата дополнително предизвика зголемување на паниката и чувството на вознемиреност кај сите луѓе. Во минатото за колективни трауми сме ги сметале војните, пандемиите, природните катастрофи и разните видови настани во кои имало голем број жртви, повредени и засегнати семејства. Сметам дека во ваквите ситуации е потребно да ја задржиме свесноста и да не дозволиме изолиран случај да предизвика колективна паника и чувство на небезбедност.

2. Како да се постапува со основците и средношколците, како професорите да постапат, што е она што може да им ја врати довербата на децата дека живееме во безбеден град по ваков грозоморен случај?

Како што напоменав погоре, наша е одговорноста како возрасни да ја задржиме присебноста и да не дозволиме изолиран случај да креира генерално чувство на небезбедност. Во зависност од возраста на децата, така треба да тече и соопштувањето. За повозрасните деца потребно е да се објасни комплексноста на ситуацијата ставајќи акцент на нашата неповрзаност со сето она што се случувало во засегнатото семејство. За помалите деца може да се користат и проективни техники, споделување приказна преку цртање, раскажување приказни во кои ќе се стави акцент на важноста да бидат искрени и отворени со родителите.

3. Природно ли е да се плашиме, односно да се плашат и децата и дали ни е оправдан стравот?

Стравот е најстарата и најинтензивна емоција кај човекот. Етиолошки стравот има цел да нѐ заштити. Но доколку не постои реална закана, зборуваме за страв што е ирационален. Суштината на сето тоа е да се обидеме да разграничиме што од целата ситуација е вистинска закана за нас и нашето дете, а што припаѓа на погореспоменатиот изолиран случај.

4. Како да ги заштитиме децата од ваква траума, која речиси секое дете ја слушна бидејќи вестите преку социјалните мрежи во ова модерно време беа преплавени со информации дека девојчето е грабнато и убиено?

– За жал, не можеме секогаш да ги заштитиме децата од сѐ што припаѓа во надворешниот свет. Всушност, многу е погрешно кога за нив формираме слика дека светот е розов. Вакви случаи, за жал, имало во секоја држава затоа што секаде во светот постојат криминал и подземје. Она што децата треба да го знаат е како да се штитат себеси од потенцијална опасност и како да прават одлуки што ќе ги држат настрана од погоре наведеното.

5. Сметате ли дека близината во семејството е толку многу важна постојано, а не само кога вакво нешто ќе ни се случи, односно ако ги советувате децата, тие многу повеќе ќе ве разберат ако сте блиски со нив, отколку ако сте ги оставиле на дистанца?

– Близината со децата е основа на секое функционално семејство. Треба да сме свесни дека таа не се креира за време на криза, туку е нешто на кое се работи почнувајќи со самото пристигнување на детето во семејството. Семејства во кои е присутна поддршката, љубовта и целосното прифаќање се токму оние семејства што генерално полесно минуваат низ вакви настани.

6. Треба ли преголема грижа и постојано ѕвонење на децата и пишување пораки дали стасале во училиште или треба да се остават да ги завршат секојдневните обврски? Што е поздраво и за родителите и за децата? Можеби умереното е најдобро, но што е вашиот совет, што значи умерено?

– Умереноста во односот значи контрола врз детето, поставување правила на однесување во домот, но и поддржување на неговата независност и оставање простор да самото искреира свое мислење и свој став за светот.

7. Според психологијата, како работи мозокот на оние што ладнокрвно убиваат и грабнуваат дете?

– Психолошкиот профил на ваквите лица оди во насока на крајна емоционална и емпатиска тапост, која е најблиску до кластерот на нарушување на личноста. Овој вид нарушувања се трајни и се карактеризираат со неможност на личноста вистински да сочувствува со кого било или што било. Во овој кластер на растројства спаѓаат психопатијата, нарцизмот и граничното растројство на личноста.

8. Тука се и ОУ Песталоци, кои ја познавале Вања и растеле со неа. Ќе се вратат ли во нормала овие дечиња?

-Мојата прогноза е позитивна, добив информации дека одличен тим на психолози подготвува стратегија за нивно надминување на оваа загуба.

9. Колку му е потребно на човечкиот мозок за, условно кажано, да оздрави од ваква траума, зборувам за граѓаните, не за блиските на Вања. Може ли човек да заборави ваков монструозен чин?

– Потребно е да не ја потценуваме моќта на човечката психа и нашиот капацитет за адаптација и преживување. Верувам дека колективно изминативе денови дишевме со семејството на Вања заеднички тагувавме за нејзината загуба, но пополека овој настан ќе го оставаме зад нас, се надевам земајќи ги лекциите од него и менувајќи се на подобро.

                                                                                                                                       К. Додевска 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ