сабота, 21 декември 2024

Не е докажано обвинението против Силвана Бонева, утврди судот и ја ослободи поранешната пратеничка

Кривичниот суд донесе неправосилна ослободителна пресуда за  поранешната пратеничка Силвана Бонева, која, според наводите на обвинението поднесено уште од Специјалното јавно обвинителство, вршела измама со патните трошоци кои што ги наплаќала од Собранието на Македонија, прикажувајќи главно сметки како да доаѓа од Струмица, иако живеела во Скопје. Според судот, обвинителот не го докажал делото кое ѝ го ставил на товар. Лажното обвинение падна, реагираше Бонева преку Фејсбук.

Објавено на

часот

Сподели

„Основниот кривичен суд Скопје, денеска на јавна расправа, ја објави пресудата за кривичниот предмет со К.бр. 2799/20, во јавноста познат како Друмарина, против обвинетата С.Б. за кривичното дело – измама во службата од чл. 355 ст. 3 вв ст.1 вв чл. 45 од КЗ со која обвинетата ја ослободи од обвинение.

Според првостепната, неправосилна, пресуда судот утврди дека јавниот обвинител, надвор од разумно сомнение, не го докажа делото кое ѝ се става на товар на обвинетата, а во однос на оштетното побарување, застапникот на државата го упати на спор.

Воедно судот, постапувајќи по службена должност, а по сила на законот, донесе решение со кое се укинува времената  мерка – забрана за отуѓување и ставање под хипотека на недвижен имот на име на обвинетата и нејзиното семејство.

Против првостепената пресуда и решението, странките имаат право на жалба во рок од 15 дена по прием на пресудата и 3 дена по прием на решението, преку овој суд до Апелациониот суд Скопје“, се вели во соопштението на судот.

Бонева по пресудата објави статус на Фејсбук:
„По 6 години голгота, правдата победи! Вистината излезе на виделина! Со 21 сведок и 7.179 докази, се срушија како кула од карти лагите и клеветите дека божем нешто сум злоупотребила, исто како што се сруши со години повторуваната лага дека сум била рекордер во земање на патни трошоци.
Наместо Oбвинителството да го докаже обвинението дека сум поднесувала лажни фискални сметки, јас докажав дека Oбвинителството како докази против мене имаше подметнато туѓи фискални сметки од други лица, прикажувајќи ги како да се мои.
Го побив обвинението дека не сум патувала на седници од Струмица за Скопје и докажав дека патував додека бев пратеник во тој период, a Собранието ми исплатило патни трошоци согласно закон, исто како и на другите пратеници.
Дополнително, преку фотографиите постирани на фејсбук и сведоците, докажав дека не само што сум патувала на седници, туку и дека скоро на секои 2 дена во тој период патував на свој трошок на средби со граѓани низ целата држава, иако за такви активности Собранието не исплаќаше патни трошоци.
Се потврди дека прогонот на СЈО беше чиста политичка пресметка, a обвинението против мене целосно неосновано и политички мотивирано. Му благодарам на Бога што ми даваше сила да го издржам оваа распетие!
Им благодарам на сите вистински пријатели кои веруваа во мене и ми даваа сила да издржам! Се надевам дека конечно ќе почиваат во мир моите најмили, кои не го дочекаа овој ден!
На сите оние платени ботови кои диригиано со години измислуваа, пишуваа и кажуваа секакви гадости за мене, со цел да ме девалвираат како човек и политичар, Бог нека им суди“!
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ