сабота, 27 јули 2024

Не бе друже Таравари, научна фантастика е ем да си министер, ем да раководиш со Гостивар, порача АА на Села

Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села, како дел од Европскиот фронт, преку кусо соопштение ја иронизира изјавата на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари дека ќе стане министер ако деновиве се донесат законски измени со кои до редовниот термин за локалните избори в година, не би се одржaле избори за градоначалник во Гостивар и другите општини каде ќе се испразни првата општинска функција. На Таравари му порачуваат користејќи ја често неговата изрека: „Не бе друже, не е вистина/научна фантастика е“.

Објавено на

часот

Сподели

„Вистината за лажните моралисти е дека тие ќе се повлечат од функцијата градоначалник бидејќи ВМРО-ДПМНЕ им вети законски измени. Со тоа, за неколку дена, законот ќе се промени и наместо предвремени избори на локално ниво, ќе имаме вршители на должност до редовните локални избори. Другите изјави се само за пропаганда и измама на соработниците. Ќе видиме уште еднаш дека од професори како Намик Дурмиши, заменик-градоначалник, на кои им припаѓа да ја водат Општина Гостивар, ќе биде побарано да се повлечат бидејќи не се соодветни за ВМРО. *Не бе друже, не е вистина/фантастика е“, се вели во реакцијата од таборот на Села.

Инаку, Таравари, чие име фигурира како иден министер за здравство,  вчера во изјава за медиумите рече дека уште размислува дали да ја прифати таа функција или да остане градоначалник на Гостивар. Смета деке не е фер граѓаните сега повторно да излегуваат на избори и в година повторно на редовни избори.

„Дилемата е дали вреди да се оди за една година двапати на избори? 35.000 луѓе во Гостивар да излезат да гласаат во ноември оваа година и во октомври следната година, мислам дека е нечесно. Така што, ако остане актуелниот Закон за локална самоуправа, јас ќе останам тука. Единствената причина што ме колеба е таа дека не би сакал граѓаните да ги малтретираме за неполна година двапати да излезат да гласаат“, изјави Таравари по средбата со австрискиот амбасадор Мартин Памер.

Одлуката тој ја најави за во понеделник. Доколку стане министер, вели дека би требало да го замени еден од советниците во општината, но смета дека претседавачот на Советот, Ваљбон Лимани е добро решение.

Токму затоа крилото на Зијадин Села во реакцијата наведува дека за ВМРО-ДПМНЕ не е прифатлив Намик Дурмиши, кој како заменик градоначалник всушност би требало да стане вршител на должноста градоначалник до спроведувањето на избори за градоначалник на Гостивар.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ