Од Народната банка денеска соопштија дека започнува втората фаза на Проектот за финансиска писменост на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и нејзината Меѓународна мрежа за финансиска едукација (ИНФЕ), спроведен со финансиска поддршка на Министерството за финансии на Холандија и неговата Money Wise платформа, што ќе се одвива во следниот петгодишен период, од 2023-2027 година.
„Главниот приоритет на втората фаза е да ги поддржи земјите да го подобрат нивото на финансиска писменост на нивното население преку поддршка при утврдувањето и имплементацијата на домашните стратегии и политики за финансиска писменост, со нудење изработка на анализи, извештаи и препораки за градење капацитети приспособени на соодветните институционални потреби и стратешките приоритети“, се појаснува во соопштението од Кабинетот на гувернерот.
Со проектот, покрај нашата земја, ќе бидат опфатени и Ерменија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грузија, Молдавија, Црна Гора, Романија и Украина. Преку проектните активности, се посочува, ќе се обезбеди можност за пристап до експертиза од регионот и пошироко за актуелни прашања од областа на финансиската писменост и ќе се покренат ефикасни иницијативи за финансиска едукација кои произлегуваат од најдобрите меѓународни практики и искуство.
Во рамки на првата фаза на Проектот (2018-2021 година), од страна на Народната банка, а во соработка со останатите финансиски регулатори, беше изработена првата Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија (за 2021-2025 година). Беше изработен и Кодекс на добри практики за финансиска едукација, како и Рамка на основните компетенции за финансиска едукација.
„Воедно, воспоставена е мрежа на субјекти од приватниот и граѓанскиот сектор, вклучени во областа на финансиска едукација и инклузија. Во рамки на првата фаза, меѓу другото, од страна на ИНФЕ-ОЕЦД беа собрани податоци за нивото на финансиска писменост на возрасното население, а беше спроведена и анкета за финансиската писменост на микро, мали и средни претпријатија. Овие мерења создадоа основа за натамошни активности во областа на финансиската писменост, кои ќе продолжат и во втората фаза од проектот“, пишува во соопштението од Народна Банка.