петок, 28 февруари 2025
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

НБА: Напредна Баскет Аналитика

НБА-лигата отсекогаш била лига на ѕвезди, натпревари од највисоко ниво и моменти за паметење. Но, под површината на забивањата, дриблинзите, влезовите и скоковите што ги одушевуваат навивачите, се крие цел еден свет на бројки што полека и тивко, но упорно и бескомпромисно ја револуционизира играта.

Поени, скокови, асистенции – овие статистики долго време беа основата за оценување на придонесот на играчите. Но, во денешната НБА, аналитиката ја подигна играта на едно сосема ново ниво, влијаејќи буквално на сè, од тренерските штабови и нивната подготовка на тимот за секој поединечен натпревар, преку  скаутските анализи и активности, до менаџерските канцеларии и генералната клупска стратегија. Аналитиката стана незаменлива алатка во обликувањето тимовите, во поставувањето на играта и селекцијата и проценката на играчите. Тоа што кошаркарите го прикажуваат на теренот е само продолжение на она што се подготвува од тимови специјалисти кои го мерат и анализираат секој аспект во играта на својот и на противничкиот тим и на своите и на противничките играчи поединечно. Сите тие информации се пакуваат во стратегија на игра, стратегија на кошаркарските операции, стратегија на финансии и конечно стратегија за успех на „кошаркарската компанија“ во НБА бизнисот. Една сеопфатна Напредна Баскет Аналитика во секоја пора од кошаркарската игра и кошаркарскиот бизнис.

Револуција на шутот за тројка

Дали знаете кога последен пат на еден НБА натпревар победил тим кој не постигнал ниту една тројка? Пред точно 9 години, на 5-ти февруари 2016-та година кога Мајами Хит славеше во натпреварот против Шарлот Хорнетс. Од тогаш се одиграни преку 1.000 натпревари и не се случило ниту еднаш натпреварот да заврши со победник кој не постигнал барем една тројка. Истата таа 2015/16 сезона, само 6 тима во лигата имаа преку од 30% удари за тројка од сите упатени шутеви. Лани пак, само 2 тима упатија помалку од 33% удари за три од вкупните шутеви во текот на сезоната. Рекордот сѐ уште го држи Хјустон од 2017/18 кога од вкупно 6.906 шутеви, 3.470 беа за тројка или 50,2%! Во раните 2000-ти, тимовите во просек имаа приближно 14 обиди за три поени по натпревар. Денес тој број вртоглаво се искачи на преку 35 обиди по натпревар, односно за 150% повеќе. Зошто? Затоа што математиката е непобитна: трите поени вредат повеќе од два, дури и за тимот шутира тројки со помал процент на успешност. Тој дополнителен поен по шут ја прави стратегијата за тројки поефикасна. Математиката е едноставна: 30 удари за 3 поени со 40% успешност ви носат 36 поени. 30 шутеви за 2 поена со дури 50% успешност ви носат 30 поени, шест помалку дури и ако сте попрецизни во шутот. Шутирањето со 40% за три е еквивалентно на шутирање со огромни 60% за два во однос на поени по шут. Доколку тимот има само 33% прецизни шутеви за тројка тие се еквивалентни на одлични 50% прецизен шут за два. Тимовите како Голден Стејт Вориорс, предводени од Стеф Кари, ја прифатија оваа филозофија и направија вистинска револуција во играта. Во модерната кошарка, центрите како Никола Јокиќ, Виктор Вембањама, Џоел Ембид, Карл-Ентони Таунс се сериозна закана за тројка и затоа одбраната за нив мора да се рашири дури и подалеку од линијата за три. Тоа пак, создава повеќе простор за дриблинзи, влезови и втрчувања. На овој начин максимално се отежнува одбраната на рекетот. Шутот за тројка стана приоритет и при изборот на играчи и составувањето на тимот. Овој тренд го направи шутот за три поени вештина без која играчите не се конкуретни, без оглед на која позиција во тимот играат. Тимовите со квалитетен шут за тројка статистички имаат поголем успех во плеј-офот и тој факт ги промовира обидите за три во суштински елемент во борбата за шампионската титула.

Метрика за ефикасноста на играчите

Помина времето кога играчите беа оценувани само според нивните поени, скокови и асистенции. Напредните метрики како што се рејтингот за ефикасност на играчот (PER), процентот на реално шутирање (TS%) и вредноста во однос на играчот за замена (VORP) обезбедуваат подлабок увид во влијанието на кошаркарите врз играта и резултатот. Овие метрики им овозможуваат на тимовите да ја проценат вистинската ефикасност и ефективност многу подалбоко од сувите бројки за поени, скокови и додавања, правејќи ја видлива разликата меѓу играчите што трошат многу топки и оние што се вистински ефективни. Рејтингот на ефикасност (PER, Player Efficiency Rating) е формула што го споредува позитивниот учинок на играчот, на пр. поени, скокови, асистенции, украдени топки, блокади и негативниот придонес, како промашени удари, загубени топки, фаули и неуспешни додавања и ја дава целосната слика за неговата игра и индивидуалниот придонес во победата или поразот. Процентот на реално шутирање (TS% True shooting Percentage) ги опфаќа сите можни шутеви на играчите кон кошот, слободните фрлања, за два и за три поени, што дава појасна целовита слика за шутерскиот учинок на играчите. Настрана екстремни примери кога еден играч е постојано фаулиран со цел да шутира слободни фрлања како што беше примерот со Шекил О‘Нил, процентот на реално шутирање им дава информации на противничките тренери како да ја постават одбраната во текот на играта и во завршницата од натпреварите според петорката што другиот тим ја извадил на теренот. Оваа аналитика не дава само информација за тоа кој од противничките играчи со каков процент шутира, туку и од кое место е најуспешен, па играта во одбрана се поставува на начин да се оневозможат противничките играчи да дојдат до своите омилени места за шут.

BOX plus/minus (BPM) е уште една модерна метрика која го утврдува учинокот на кошаркарот во однос на 100 поседи на топката. Притоа се утврдува просечниот учинок на сите кошаркари во лигата, или за уште поконкретен увид, на сите кошаркари што играат на одредена позиција во тимот и тоа се зема како BPM нулта коефициент. Ако кошаркарот остварува повеќе поени од утврдениот BPM, неговиот учинок е позитивен и обратно. Притоа може да се мери офанзивен и дефанзивен БОКС плус/минус, како и вкупен које е комбинација од двете метрики.

Следна аналитика, популарна во последно време е VORP (Value over replacement player) и со неа се мери колку еден играч придонесува за успехот на тимот во споредба со играчот кој вообичаено влегува во игра како замена. VORP е кумулативна статистика која ги комбинира квалитетот и квантитетот на перформансите на играчот, а се добива на начин што БОКС плус/минус ќе се помножи со коефициентот добиен од бројот на минути во игра поделени со просечниот број на минути на играчите во лигата. VORP често се користи и за споредување на играчите по позиции, а им помага на тимовите да ги идентификуваат потценетите играчи и да донесат квалитетни одлуки во однос на времето минато во игра на секој кошаркар, но и во однос на составувањето на екипата.

Дефанзивна анализа

Додека нападот најчесто е во центарот на вниманието, аналитиката исто така го трансформираше начинот на кој се оценува одбраната. Традиционалните статистички категории како блокови, скокови и освојувања/кражби на топка не ја кажуваат целата приказна. Напредните метрики како што се одбранбениот рејтинг (Defensive Rating, DRTG), процент на успешни одбрани (Defensive Win Shares, DWS), и процентот на шут на противниочкиот тим (Opponent Field Goal Percentage, oFGP%), обезбедуваат многу подлабок увид и анализа на играта во одбрана. Процентот на успешни одбрани на пр. ги пресметува класичните дефанзивни категории како украдените топки, блокадите и одбранбените скокови, но исто така ги комбинира со помалку видливи учиноци како позиционирање и притисок врз противничкиот напад. Овие одбранбени активности не можат да се прикажат низ индивидуални бројки, но јасно се гледаат во колективниот учинок на петорката кога одредени играчи се на теренот. Анализата на играта во одбрана оди до таму што се пресметува и каков е процентот на успешни напади на одреден тим кога тој е принуден да троши време на пренесување на топката на противничката половина, или колку е ефикасен во брза игра и бркање по теренот, а колку во позициона игра со бавно темпо. Притоа петорката се поставува врз основа на анализата кои играчи се поуспешни за одбрана на едниот или другиот стил на игра. Тимовите сега користат аналитика на податоци за следење за способноста на играчот да ги изместува шутевите, да ги оневозможи стрелците да дојдат до топката или до омилената позиција за шут и да ги попречува прецизните додавања на противничките кошаркари. Тоа е аспект од дефанзивната игра која досега не можеше прецизно да се изрази во бројки. На пример, влијанието на Руди Гоберт врз одбраната на Јута и Минесота не се мери само со бројот на блокови и скокови, туку и преку тоа како неговото присуство на теренот ги принудува противниците да шутираат со помал процент на успех. Со Гобер во тимот, Јута во просек примаше 7 поени помалку на 100 противнички напади, отколку без него во петорката. Со сличен просек е неговиот дефанзивен учинок и сега во тимот на Минесота. Или пак Дрејмонд Грин од Голден Стејт, чие присуство на теренот значително ги подобрува дефанзивните перформанси на тимот. Со Грин во игра, Вориорси имаат позитивен дефанзивен рејтинг и во просек примаат меѓу 7 и 9 поени помалку на 100 противнички напади.

Оптимизација на поставата

Аналитиката го промени и начинот на кој тренерите управуваат со ротациите на своите кошаркари. Со детална анализа на податоците за секој играч посебно, како и за сите можни петорки што настапувале низ натпреварите, тренерите можат да идентификуваат кои комбинации на играчи најдобро функционираат заедно, како и која петорка треба да се извади во теренот во зависност од резултатот и од противникот. Метриката како нето рејтинг (NetRtg) односно разликата помеѓу офанзивниот и дефанзивниот рејтинг на играчите им помага на тренерите да одредат кои состави се најуспешни во секоја конкретна ситуација. Се разбира главниот тренер не секогаш за време на играта е свесен за можните опции кои би биле статистички најадекватни во текот на играта, но затоа тука се асистентите кои детално следат сѐ на натпреварот и реагираат според претходно подготвениот план за игра. Торонто Репторс на пример, веќе неколку години се  рекордери по бројот на ангажирани тренери. До главниот Дарко Рајаковиќ, на клупата се уште 8 асистенти кои следат различни аспекти од играта. Торонто има тим на компјутерски аналитичари од 15-тина експерти кои работат на постоечките, но и на нови софтвери за анализа на секој дел од натпреварите и секој аспект од играта на кошаркарите.

Голден Стејт Вориорс имаат репутација на клуб кој тежи кон иновативност, и на теренот и надвор од него. Нивната анализа и примена на податоци за оптимизирање на перформансите на играчите и за превенција од повреди е една од најсофистицираните во лигата. Во текот на изминатата деценија, НБА тимовите драстично ги проширија своите оддели за аналитика. Многу тимови сега вработуваат експерти дури на ниво на научници за прибавување и анализа на податоци, статистичари и софтверски инженери за детално да ги скенираат тенденциите на противникот и ги максимизираат перформансите на играчите, но и да го минимизираат ризикот од повреди.

Управување со оптоварувањето

Здравјето на играчите стана главен фокус во модерната НБА, а аналитиката игра голема улога и во оваа сфера на менаџирање на тимовите и управувањето со обемот на работа. Тимовите користат податоци за да ги следат степените на замор на играчите, ризикот од повреди и времето за опоравување. Метриката како стапка на искористеност (USG%, Usage Rate percentage) и минути по натпревар (MPG, Minutes per Game) им помага на тренерите да одредат кога на играчот му треба одмор. Овој аспект од третирањето на играчите е веќе толку распространет во НБА, што доведе до формирање на посебна секција на експерти во тимовите кои се грижат за т.нар. „стратегија за управување со оптоварувањето“, односно Load management strategies (LMS). Врз основа на медицинските наоди за физикусот на играчите, како и статистистичките податоци за циклусите на нивните повреди, овие експерти предвидуваат колку, кога и кои играчи треба да паузираат од натпревари или тренинзи или на обете, а сѐ со цел да ги имаат играчите максимално подготвени за главниот период од сезоната, за плеј офот.

Иако стратегијата се смета за контроверзна, бројките и истражувањата покажуваат дека играчите кои се преоптоварени во текот на регуларниот дел од сезоната се повеќе склони кон повреди и имаат полоши резултати во постсезоната. Исто така се докажа и дека стратегијата на управување со оптоварувањето преку намалување и оптимизација на „трошењето“ на кошаркарите може значително да ја продолжи и нивната кариерата. Типичен пример за ова е ЛеБрон Џејмс кој успешно игра во својата 40-та година од животот. Од 2020-та, низ последните 5 сезони, вклучувајќи ја и оваа, ЛеБрон пропуштил вкупно 94 натпревари, или во просек скоро 19 по сезона. Најчесто како резултат на оваа стратегија, а не на реална повреда на играчот. Последниот, класичен пример за стратегија за управување со оптоварувањето е неговото откажување од настапот на Ол Стар викендот во Сан Франциско. Иако таму не играше со изговор дека е повреден, веќе на следниот натпревар со Шрлот на теренот мина 38 минути.

Како до нов Јокиќ

Изборот на играчи од НБА драфтот веќе не се базира на „филингот“ на тимскиот скаути и нивните предвидувања за потенцијалите на кошаркарските таленти. Нивната задача сега е сведена само свртување внимание кон одреден играч. Одтука натаму, него го превзема напредната аналитика. Клубовите користат вкрстени податоци од настапите на потенцијалните избори на драфтот, преку нивните физички и психички каратеристики, степенот на спортска и општа интелигенција, па дури и семејните прилики пред да се решат за својот пик и иден член на тимот.

Напредните софтверски решенија прават анализа и споредба за можниот долгорочен развој на талентот споредувајќи ги неговите со бројките на други претходно избрани слични играчи на драфтот. Клубовите користат и софтверски проекции за предвидување на можни идни повреди на кандидатот, анализирајќи ги неговите биомеханичките податоци и повредите од минатото. Некои тимови користат и вештачка интелигенција што ја полнат со огромен број податоци за да ја предвидат веројатноста потенцијалните пикови да станат ѕвезди, играчи од задача, просечни играчи или промашувања. И оваа тенденција се повеќе се применува. А досега голем број пати се покажа како исклучително прецизна.

Познато е на пример дека поранешниот мнозински газда на Далас, Марк Кјубан одлуката да направи трејд за да го доведе Лука Дончиќ во клубот ја донел исклучиво заради упорноста на неговиот аналитички тим кој инсистирал на тоа дека нивниот модел на проекција покажува дека Дончиќ има феноменали метрички каратеристики и дека е идна голема ѕвезда, за разлика од скаутите кои тврделе дека атлетицизмот не му е силна страна, дека бројките од настапи во послаба конкуренција како Евролига не се реална слика за неговите можности, дека не може да игра одбрана, дека секогаш постои можност од проблем со адаптација… Кјубан сепак се реши за аналитички пристап и ја договори трампата со Атланта Хокс за Тре Јанг…Останатото е веќе историја. Интересна е сторијата за Никола Јокиќ кој беше потпишан од неговиот менаџер Мишко Ражњатовиќ без воопшто да биде виден во живо од него на ниту еден натпревар. Ражњатовиќ ги следел статистичките податоци од натпреварите на Јокиќ и го испратил својот асистент во Сомбор да го потпише Јокиќ “на невидено“.  И повторно се останато е веќе историја… Уште една неспорна потврда дека бројките и статистиката не лажат.

Иднина на НБА аналитиката

Како што напредува технологијата, така се зголемува улогата и влијанието на аналитиката во НБА. Натпреварите се следат преку софистицирани софтверски алатки кои го бележат секој момент од кошаркарскиот натпревар. Експертски тимови во секој клуб на свој начин, преку сопствено развиени софтвери ги анализираат податоците и подготвуваат стратегија за играта, за оптимизација на перформансите на играчите, за нивното здравје… буквално за сѐ. Во сето ова со голема брзина влегува и вештачката интелигенција која може да анализира огромни количини на податоци за да идентификува модели и да ги предвиди исходите, давајќи им на тимовите конкурентска предност.

НБА веќе подолго време не е само игра на талентирани спортисти, НБА  е сѐ повеќе игра на бројки. Аналитиката го промени начинот на кој се градат тимовите, како се играат натпреварите и како се оценуваат играчите. Некои традиционалисти сеуште копнеат по деновите на кошарката од „старата школа“, но и тие не можат да го негираат фактот дека статистиката даде една нова димензија на кралицата на игрите, модерна, побрза и поефикасна. Затоа, следниот пат кога ќе гледате натпревар, обрнете внимание и на бројките што ви се сервираат. Тие може да ви кажат многу повеќе за натпреварот отколку што покажува семафорот.

Љубомир Николовски

КОЛУМНИ

Димитар Љоровски Вамваковски

Од „непостоечки“ фактор до неопходен сојузник и државен непријател: македонското национално...

Ристо Цицонков

Топлификација (парно) на градовите решение за аерозагадувањето?! (2)

Рајко Пеколски

Потрошувачка кошничка

Ѓорѓи Трипков

Запирката и точката

Зоран Дабиќ

Пројде времето на дилетанти во политиката

Александар Донски

Александар Велики Македонски во исламската света книга Куран

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ