четврток, 26 декември 2024
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

НБА еволуција: од Џордан, преку Кари до Јокиќ, Дончиќ и Вембањама

НБА лигата во текот на последните неколку децении веројатно има највидлива континуирана еволуција во однос на сите други американски професионални спортови.

Почнувајќи од доминацијата на Мајкл Џордан во 1990-тите, кога НБА влезе во домовите низ цел свет и го привлече глобалниот интерес, па преку револуцијата со тројките на Стивен Кари во 2010-тите, до денес, кога ѕвездите како Никола Јокиќ, Лука Дончиќ и Виктор Вембањама одново го менуваат изгледот на лигата. Секоја ера воведуваше нов пристап, нови играчки филозофии и различни стилови, а со нив и нови спортски икони кои го обликуваа кошаркарскиот спорт, одржувајќи и го статусот на НБА како најквалитетна и најавангардна лига која претставува еден вид одраз на своето време.

1990-тите: “Ер Џордан“ ера

1990-тите беа златно доба за НБА, ера во која доминираше една трансцендентна фигура: Мајкл Џордан. Неговиот талент, харизма и немилосрдно стремење кон успех не само што ги издигна Чикаго Булс во култен тим, туку и ја промовира НБА лигата во глобална култура. Неговите шест шампионски титули, невидениот дијапазон на кошаркарски вештини, харизмата и магнетизмот надвор од теренот ги промовираа 90-тите во неспорна деценија на НБА лигата и кошарката воопшто. Дури и да не се осврнеме на личните впечатоци за неговите виртуозни потези и игри, бројките говорат сами за себе: 6 шампионски НБА титули, 6 МВП на финалињата и 5 МВП во регуларниот дел од сезоната во период од осум години. Џордан беше олицетворение на доминација, пред се со неговиот неодбранлив шут од полудистанца кој стана негов заштитен знак и ги обележа клучните моменти од неговата кариера, почнувајќи од кошот против Кливленд ’89-та, па до последниот кош во дресот на Чикаго против Јута ’98-ма.

НБА во 90-тите се карактеризираше со цврста, физички интензивна, дури и груба кошарка. Тимовите како Детроит Пистонс и Њујорк Никс го диктираа тој стил, а одбраната беше клучот за успех. Ѕвездите како Џордан мораа да го презентираат својот талент под немилосрден притисок, па дури и против осветничка игра на противникот во одбраната. “Лошите момци“ од Детриот беа репер за дефанзивен тим кој никогаш и никому не дозволи лесен кош. Впрочем дури и Џордан има вкупен негативен скор со нив со 4 порази и само една победа во финалињата на источната конференција во 10 победени и 12 загубени натпревари. 90-тите беа обележани и со легендарни ривалства, на кошаркари кои сите од ред имаат свое место во „Куќата на славните“, како Чарлс Баркли, Патрик Јуинг, Карл Мелоун, Меџик Џонсон, Клајд Дрекслер… Овие ривалства беа повеќе од игра, тие беа битки за кошаркарска превласт што привлекоа огромна публика и го максимизираа интересот за кошарката. Тој интерес кулминираше на Олимписките игри во Барселона. Дрим-тимот од 1992 година со Џордан, Меџик Џонсон, Лери Бирд и други НБА легенди беше една друга димензија на кошарката во однос на остатокот од светот. Нивната доминација на Олимпијадата во Барселона ја воодушеви меѓународната публика и ја промовира НБА како глобална лига. И повторно централна фигура беше „Ер Џордан“, брендот преку кој НБА стана глобална забава за сите љубители на спортот.

Дури и денеска ерата на Џордан останува репер за индивидуална извонредност и тимски успех. 90-тите се потсетник за тоа како еден играч, со талент, работа и визија, може да трансформира цела една лига и да инспирира генерации. Но, 90-тите не се само ера на Џордан – тие се ера на кошарката, период кој ја постави сцената за сè што стана НБА денес.

10-тите години од овој век

2010-тите во НБА може да се дефинираат со еден збор: трансформација, а во нејзиниот центар беше Стивен Кари. Со неговото хипнотизирачко шутирање за три поени и заразниот и максимално забавен стил на игра, Кари направи револуција во кошарката, менувајќи го начинот на кој се игра кошарката. „Кари револуција“ стана филозофија на игра во која стратегијата “што поблиску до кошот, поголема веројатност за поени“ стана надмината, а одбраната, наместо со концентрација под и окулу кошот, мораше да се игра низ целиот терен. Пред Стивен Кари, шутот за тројка во голема мера се сметаше за секундарно оружје, користен по потреба и препуштен на неколкумина специјалисти. Но, за Кари шутот за три стана фокусен елемент во играта. Со шутеви од центарот на теренот и погодоци надвор од баланс од секоја можна позиција, Кари ги растегна противничките одбрани до точка на паника, принудувајќи ги да го чуваат уште од моментот кога ќе дојде до средина од теренот. Таа способност да погоди од каде било е дополнета со вешто водење на топката и несебичното играње. Помеѓу 2015 и 2019 година, Кари ги предводеше Голден Стејт Вориорс до пет последователни настапи во НБА финалињата, освојувајќи три шампионски титули и две МВП награди.

Вориорси, под водство на тренерот Стив Кер, изградија систем околу шутот и дриблинзите на Кари, а тој концепт стана основна стратегија на модерната кошарка. Во сезоната 2015/16, Голден Стејт го урнаа и рекордот на Џордан и Булси за најмногу победи во регуларна сезона, завршувајќи со 73-9.  Стивен Кари не само што ја промени играта на теренот; тој го промени начинот на кој кошарката беше перципирана ширум светот. Новите генерации почнаа да ги имитираат неговите длабоки тројки, а тренерите го прифатија шутот за три како основно оружје.

И надвор од теренот Кари стана култна фигура. Неговата популарност го промовира во еден од најмаркетираните спортисти во светот. Дотогаш не баш познатиот бренд Under Armour со Кари како нивно заштитно лице, стана светска марка, а неговата популарност ја искористија и социјалните мрежи, кои преку клипови и исечоци од неговите настапи собираа милиони лајкови, но и исто толку долари од реклами.

Денес, секој тим дава приоритет на шутирање тројки, а аналитиката и статистиката се основа на тренерските стратегии. Иако неговите критичари тврдат дека акцентот на шутирањето тројки драстично го намалил влијанието на другите кошаркарски елементи во играта, не може да се негира улогата на Кари во кревањето на популарноста на НБА. 2010-тите беа негова ера, време кога кошарката стана побрза, поефикасна и подостапна за секого.

Најновата ера: Јокиќ, Дончиќ и Вембањама

НБА отсекогаш била лига дефинирана од нејзините ѕвезди, при што секоја генерација носи нови лица кои одново ја редефинираат играта. Денес, лигата влегува во ново поглавје, обележано со доминацијата на Никола Јокиќ, Лука Дончиќ и најмладиот Виктор Вембањама. Ова трио на меѓународни играчи донесе нов спој на вештина, креативност и разноврсност што ја преобликува кошарката за следната ера.

Никола Јокиќ драстично ја редефинира центарската позиција. За разлика од традиционалната центарска игра базирана на предноста што ја носат височината и силата, играта на Јокиќ е изградена на финеса, екстремен коефициент на спортска интелигенција и асистенции во стилот на најдобрите плејмејкери. Трикратниот МВП-то од регуларните сезони, засега дојде до една титула со Денвер Нагетс и до еден трофеј МВП од финалната серија, достигнувајќи статус на еден од најдобрите центри на сите времиња. Способноста на Јокиќ да ја оркестрира играта и нападот од пост позиција е неспоредлива. Со неговите навидум лесни трипл-дабл учиноци и талентот за невозможни додавања кои изгледаат како рутински, тој ја трансформира центарската позиција во фокусна точка на модерниот напад. Неговата игра стана модел и за другите центри како Сабонис, Шенгун, Холмгрен… Неговиот успех ја потенцира и глобалната природа на НБА и е инспирација за генерации играчи од Европа и пошироко.

Лука Дончиќ, словенечкото чудо од дете, ја потресе лига од моментот на неговото пристигнување во 2018 година. Од првиот натпревар заигра со микс на НБА ветеран и маалски баскетџија оствајќи ги сите фасцинирани од дрскоста и вицот во играта. Неговите тројки со исчекор назад, лукавите дриблинзи и способноста да го контролира темпото на играта го прават еден од најефикасните играчи во лигата. И покрај неговата младост, Дончиќ веќе одигра неколку историски натпревари, вклучително и 73 поени против Атланта, како 4-ти најефикасен настап на еден играч во историјата на НБА. Привлечноста на Дончиќ не лежи само во неговата вештина, туку и во неговата радост за играта, што го прави миленик на навивачите ширум светот, а со дрскоста и неговиот „Trash Talk” предизвикува споредби со легенди како Лери Брд, Гери Пејтон и Реџи Милер. Со асистенции што го обезглавуваат противникот и дриблинзи што го“вадат од патики“, Дончиќ е неспорно еден од најзабавните играчи во светот и пример по кој новите генерации плејмејкери ја моделираат својата игра.

Виктор Вембањама, францускиот феномен и драфтот број еден во 2023 година во НБА, неподелено ја претставува иднината на кошарката. Со височина од 224 цм. и вештина со топката слична на бековите, Вембањама е талент кој се појавува еднаш во неколку генерации. Способноста да шутира од секаде, да дрибла, да асистира и да брани повеќе позиции, предизвикува споредби со величини како Кевин Дурант и Карим Абдул-Џабар, но неговиот уникатен спој на вештини сепак го издвојува. Во својата дебитантска сезона со Сан Антонио Спарс, Вембањама одигра блескави партии, прикажувајќи извонреден репертоар и достугнувајќи дабл-дабл просек од 25.5 ппн и 10.5 спн, но и 3.5 рампи по натпревар. Уште на стартот на неговата кариера, манифестира потенцијал за доминација во годините што доаѓаат и неговото влијание врз иднината на НБА и кошарката е неспорно. Тој ја отелотворува континуираната еволуција на НБА, каде што висината и атлетизмот се спојуваат со невидена вештина и разноврсност.

Ново глобално златно доба

Јокиќ, Дончиќ и Вембањама ја манифестираат максималната глобализација на НБА лигата. Оваа најнова ера одразува лига во која повеќе не доминираат играчи родени во Америка, туку лига која ги собира и промовира талентите од целиот свет со сета специфика и различност што ја носат со себе.

Појавата на ова „трио фантастикус“, сигнализира и промена во стилот и филозафијата на игра, нагласувајќи ја вештината, креативноста и кошаркарската и спортската интелигенција пред необработениот атлетизам. Како што лигата се прилагодува на нивното влијание, НБА продолжува да еволуира во спектакл што ја плени публиката насекаде и ветува сигурна иднина за кошаркарскиот спорт.

Љубомир Николовски

КОЛУМНИ

Рајко Пеколски

Акционери и реакционери (либерал-капиталистичка бајка)

Кики Стаматојани

„Ништо не се губи, ако барем еден човек се сеќава“

Ристо Цицонков

За некои термини во областа на енергетиката

Соња Стојадиновиќ

ЕУ и САД наспроти Кина

Данијела Зорчец

Справување со булингот кај децата со тешкотии во развојот

Бернд Ригерт

Западен Балкан остана без конкретни ветувања од ЕУ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ