„Сепак, неизвесноста во однос на идната динамика на инфлацијата и натаму постои, а е поврзана со цените на примарните производи поради геополитичките и климатските фактори, како и поради одредени фактори од домашен карактер коишто можат да влијаат на агрегатната побарувачка“, велат од Советот на Народната банка.
Во декември, вкупните депозити и кредити пораснале над очекувањата, со годишен раст од 11,4 проценти и 11,2 проценти, а анкетните податоци укажуваат на олеснување на кредитните услови и зголемена побарувачка на кредити.
Девизните резерви на крајот на 2024 година достигнале историски максимум од 5.029 милиони евра, со повеќе од 60 проценти вложени во хартии од вредност, главно државни обврзници од еврозоната.
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг, коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а балансираниот приод во инвестирањето придонесе за остварување поволни финансиски резултати“, велат од Народна банка.
На седницата одржана вчера, Советот на Народната банка ги усвоил и финансиските извештаи на Народната банка и годишната сметка за 2024 година, коишто беа предмет на ревизија на независно друштво за ревизија.
„Според мислењето на независниот ревизор, финансиските извештаи ја прикажуваат објективно финансиската состојба на Народната банка, како и резултатите од работењето и паричните текови, во согласност со меѓународните стандарди за финансиско известување. Во согласност со заложбите за обезбедување транспарентност во работењето, финансиските извештаи на Народната банка се објавуваат во Службен весник на Република Македонија, како и на интернет-страницата на Народната банка“, велат од централната банка.