„Северноатлантскиот совет во средата одлучи да го назначи Холанѓанецот Марк Руте за иден генерален секретар на НАТО, кој ќе го наследи Јенс Столтенберг“, се вели во соопштението на НАТО.
Долгогодишниот холандски премиер ќе ја преземе функцијата на 1 октомври годинава, кога му истекува мандатот на Норвежанецот Јенс Столтенберг.
Со ваквата одлука на Северноатлантскиот совет, прашањето за именување на нов генерален секретар беше тргнато од дневниот ред на претстојниот самит на НАТО, што ќе се одржи кон средината на следниот месец во Вашингтон.
Генералниот секретар на НАТО се избира со консензус на сите членки. Традиционално местото на генерален секретар му припаѓа на некој од европските членки на Алијансата, додека началникот на воениот штаб е Американец.