сабота, 6 јули 2024
Жените се помалку застапени во политиката, но борбата за рамноправност продолжува

Навредите како „дроља“ и заканите по живот не ги плашат политичарките, туку им даваат мотив да бидат гласни и борбени

Да се биде жена во време на една политичка некултура, која изобилува со сексизам, мачоизам и стереотипи, воопшто не е лесно. Наместо симбол на сексапил, ум, нежност… во реалниот живот голем дел од жените што ќе стапат на функција и се борат за правата се нарекуваат со погрдни зборови, неретко дрољи. Добиваат закани по живот, по животот на своите деца. Во државава, кога си жена, се чини дека најголем дел од општеството тоа го асоцира на фигура во кујна, во домот, со крпа во рака… Но има жени што ги рушат овие стереотипи и се трудат со својата појава, со своите ставови, со збор и упорност, да направат промени и да седнат рамо до рамо со мажите во политиката. Овие жени покажуваат дека местото на жените не само во кујна, туку и во класната борба.

Објавено на

часот

Сподели

. Терминот „дрољо“ упатен кон политичарките често пати го гаси сјајот во очите на жените, но само за момент, бидејќи тоа им дава мотив да продолжат понатаму погласни, да ги охрабрат сите жени, да им покажат дека не се сами и дека за успех е клучна женската солидарност.

Истражувањето што (ИКС) го изработи за периодот од март до мај 2024 година покажува дека самото присуство на политичарките во медиумите е доволна основа за нивно стереотипизирање и дискриминација поврзана со традиционалните родови улоги и изгледот на жените, особено преку употреба на сензационалистички јазик. Тоа придонесува за нивно понатамошно објективизирање и дефокус од клучните политички прашања, ги зајакнува ставовите за традиционалните одговорности и задачи на мажите и жените и ги одржува предрасудите за улогата на жената во јавната сфера.

Истражувањето покажува дека со зголемената употреба на социјалните медиуми како особено важни инструменти за спроведување политички кампањи, тие се претворија во простор каде што онлајн-насилството врз жените во политиката ќе забележи кулминација.

„Од една страна, социјалните медиуми претставуваат важни алатки за женските кандидатки и политичарки директно да комуницираат со својата изборна единица, надминувајќи ја маргинализацијата и пристрасноста со којашто се соочуваат на традиционалните медиуми, а од друга страна, ги изложуваат на значајни количества сексизам, вознемирување и закани, со штетен ефект врз политичките амбиции на младите жени. Социјалните медиуми значајно влијаат на обликувањето на ставовите за политичките способности на жените и застапеноста на жените, при што зајакнувањето на негативните родови стереотипи на социјалните медиуми неминовно ќе влијае за зајакнување на мизогините ставови за улогата на жената во политиката“, се вели во истражувањето на ИКС.

Санела Шкриељ, политичарка, дипломиран психолог и поранешна заменик-министерка за труд и социјална политика, вели дека нашето Собрание е место каде што се случувале физички напади врз пратенички, сексистички коментари, навреди и сѐ додека нема одговорност за таквите постапки, тие ќе се случуваат.

За тоа колку смета дека е важна застапеноста на жените во политиката и јавниот живот, Шкриељ вели дека ако целиме кон рамноправност на мажите и жените, тоа е од суштинско значење.

„Секако дека е суштинска застапеноста на жените во политиката и воопшто јавниот живот, ако целиме кон рамноправност и еднакви можности. Одлуките што се однесуваат на сите нас се неодвоиви од политиката и затоа мора да имаме жени на тие места каде што се носат одлуките, односно на местата каде што има моќ да се носат одлуки што влијаат на животите. Политичките структури треба да го одразуваат општеството во кое половина од населението се жени. Притоа да не заборавиме дека жените исто така не се хомогена група и дека мора да зборуваме и за застапеност на жени од различни етнички, возрасни структури, жени со попреченост, жени од рурални средини. Само така ќе обезбедиме гласот на сите овие групи да биде слушнат и да имаме подобро претставување на нивните потреби и креирање политики што ќе одговорат на тие потреби. Истото се однесува не само на политиката, туку општо во јавниот простор. Тоа овозможува жените активистки, новинарки, жените во бизнисот да бидат видливи, слушнати и да се зајакне тоа влијание во општеството. Важно е за како жена да сфатите дека не сте сами, важно е јакнењето на женската солидарност, важно е како мотивација и охрабрување за сите млади девојки“, вели пратеничката Шкриељ.

Нејзиниот став за тоа дали медиумите за соговорници околу сериозни теми повеќе ги избираат мажите од жените е дека мажите се далеку поприсутни во медиумите за она што се смета како сериозна тема.

„Може да разговараме и за тоа што е сериозна тема од областа на политиката за медиумите. На пример, родовата еднаквост во политиката, без која, ќе повторам, не можеме да зборуваме за политика што работи во прилог на сите граѓани, не би можеле да кажеме дека се третира како сериозна тема. Сведоци сме на безброј дебати, емисии каде што ќе се разговара за сооднос и коалиции меѓу партии, застапеност на различни етнички групи, но многу малку внимание ќе ѝ се посвети на оваа тема. Тоа од старт создава таква ситуација во која за ‘сериозните теми’ повеќе се присутни мажите. Понатаму, ако ги анализираме партиите, нивните раководни структури, ќе видиме дека тоа сѐ уште се структури каде што доминираат мажите, а тоа понатаму се пресликува и во институциите. И да заклучам, мислам дека има и доволно истражувања што укажуваат токму на тоа, мажите се далеку поприсутни во медиумите за она што се смета како сериозна тема“, вели нашата соговорничка.

Мотив за оваа политичарка, а и за нејзините колешки, е тоа што бројката на жените во политиката и јавниот живот е помала од таа на мажите, а клучот во решавањето на ова прашање таа го гледа во женската солидарност.

„Секако дека е мотив, иако признавам дека на моменти се чувствува тоа обесхрабрување, особено кога гледате дека со децении зборуваме за истите предизвици, партиите декларативно сите се за поголемо учество на жените, но во практиката не ги гледаме баш тие заложби, особено ако зборуваме за извршната власт, каде што реално се ресурсите што со себе носат моќ. Во секој случај, лично сметам дека немаме право да бидеме обесхрабрени и заради почитта кон сите наши претходнички што се избориле за правата што ги имаме денес, но и заради идните генерации на кои им должиме подеднакво да се заложиме и бориме. Секогаш повторувам дека за мене клучна е женската солидарност и таа женска солидарност и мене и на моите колешки ни дава дополнителен мотив да продолжиме. Политичка некултура што изобилува со сексизам, мачоизам, стереотипи. Само погледнете ги коментарите на социјалните медиуми, не само за жените во политиката, туку за жените што се гласни и видливи во јавниот простор. За жал, не се само социјалните медиуми, тие се само пресликување на вредностите во општеството. Политичката некултура ја има во изобилие во Собранието, кое би требало да биде место на аргументирана и конструктивна дебата. Нашето Собрание е место каде што се случувале физички напади врз пратенички, сексистички коментари, навреди. Кога пратениците во Собранието промовираат таква некултура, испраќаат порака до целата јавност дека тоа е прифатливо. И сѐ додека нема одговорност за таквото однесување, ќе бидеме сведоци на такви однесувања“, вели оваа жена, која била мета на навреди, но со крената глава продолжува понатаму.

Ја нарекувале „дроља“, но вели дека не дозволува ваквите коментари и навреди да влијаат негативно, бидејќи, како што појаснува, целта на ваквите навреди е да ги натераат жените во политиката да се повлечат, но за неа тоа е мотив да биде уште погласна.

„Јас во политиката влегов од граѓанскиот сектор и претходно сум работела на овие теми, така што на некој начин бев спремна во еден дел и секогаш се трудам, колку што можам, да не дозволувам коментарите на социјалните медиуми да влијаат, затоа што сум свесна дека целта е да се повлечеме и да не зборуваме гласно за овие теми. Но признавам дека влегувањето во Собранието и ужасно ниското ниво на политичка култура и шовинизмот присутен таму, е нешто што во негативна смисла ме изненади. ‘Шегите’ на машките колеги и тоа дека се прифатени како нешто нормално, коментари за изглед, за приватниот живот. Се сеќавам за време на дискусијата околу преговарачката рамка, се вадеа слики со коментари за дел од пратениците. Имаше едно табло на кое под сликите на колегите мажи од тогашното мнозинство имаше епитети како предавници, криминалци и слично. На тоа табло бевме ставени само неколку жени со сосема друга категорија епитети, под мојата слика на пример пишуваше дроља. Факт е дека социјалните мрежи станаа алатка за навреди, закани, за жал најчесто без никакви реперкусии, за жените што се дел од јавниот живот. Злоупотребата и нарушувањето на личниот, интимен простор се сѐ поприсутни, не само кај нас, туку глобално. Мора да сме свесни што е целта на сите овие навреди и напади, а тоа е повлекување на жените од јавниот простор. Многу жени и ќе се двоумат дали да влезат во таа арена и да се изложат дополнително на такви напади. Во 2023 година ние усвоивме измени на Кривичниот законик за усогласување со Истанбулската конвенција во насока на инкриминирање на многу форми на родово-засновано насилство, вклучително и сексуално вознемирување, демнење, но сепак институционалните одговори затајуваат“, додава нашата соговорничка.

Таа смета дека жените не се доволно застапени во политиката, а тоа го покажуваат и бројките. Во новата влада, на пример, има само три жени-министерки, дури и помалку од порано.

„Секако дека не се доволно застапени, само треба да ги погледнеме бројките. Таму каде што имаме квоти, како Собранието и во локалните совети, имаме напредок, толку колку што пропишува законот. Таму каде што нема квоти, како градоначалничките и министерските позиции, родовиот јаз е огромен. Деновиве е актуелен составот на новата влада и таму имаме само 3 жени, дури помалку и од претходно, иако бројот на министерствата се зголеми. Сето ова укажува дека политичките партии, и самите со доминантно машки раководства, сѐ уште го гледаат еднаквото учество на жените низ призмата на исполнување законска обврска за квоти. Логиката за еднаквата застапеност е многу едноставна, жените се нешто малку над половина од населението и никако не можеме да зборуваме за претставничка демократија или институции за граѓаните ако немаме пресликување на тој сооднос. Не може половина од населението да биде исклучено од тие места каде што се носат одлуки, а да зборуваме за опфаќање на потребите на сите“, ни појасни таа.

Застапеноста на жените во политиката и јавната сфера и искоренувањето на навиките на нивно навредување и омаловажување за неа е долготрајна борба за која мора да се работи посветено.

По однос на ова прашање Шкриељ додава: „Ова е долготрајна борба и фактот што според сите процени ќе бидат потребни децении за остварување на родовата еднаквост, под услов да се работи посветено, укажува дека имаме уште многу работи да направиме. Од образование ослободено од стереотипни содржини и кое промовира еднаквост, до подобра законска регулатива што ќе овозможи поголема застапеност на сите нивоа на власта. Работата со партиите е исклучително важна, во насока на градење внатрешни механизми за еднаква застапеност во партиските структури и градење капацитети на жените лидерки внатре во партиите. Понатаму, говорот на омраза на социјалните медиуми бара институционален одговор што сега изостанува. Секако, многу важна е и работата со медиумите, уредниците, новинарите за она што значи родова сензитивност и поголем простор да се зборува на оваа тема. Истовремено, многу истражувања покажуваат дека медиумите знаат да ги јакнат дополнително родовите стереотипи и да ги поддржуваат штетните наративи и тоа е нешто што исто така мора да се подобри“.

Морачанин: Највознемирувачки беа навредите и заканите упатени кон моите деца

Маја Морачанин, лекарка, пратеничка и поранешна претседателка на ДОМ, вели дека застапеноста на жените во политиката и јавниот живот е многу важна.

„Таа е значајна не само за жените, туку за целото општество. Затоа што, не можеме да очекуваме прогрес на општеството доколку не се користи потенцијалот на 50% од популацијата. Точно е дека на теми од областа на политиката, мажите се повеќе застапени во медиумите. Тоа се должи и на фактот што многу поголем број мажи во споредба со жени, извршуваат високи политички функции, како премиер, министри, претседатели на политички партии. Но поголемата застапеност на мажите во медиумите, на политички теми, влијае на зацврстување на стереотипите и предрасудите дека ‘политиката е машка работа’. За мене лично, секогаш е дополнителен мотив во борбата за родова еднаквост. Жените во политиката покажуваат повисоко ниво политичка култура. Јас бев пратеничка седум години и не сум била мета на лични навреди и сексизам од страна на колегите во Собранието. Но на социјалните мрежи многу често бев мета на лични навреди, сексизам, говор на омраза, па дури и закани по живот. За мене, како и за повеќето колешки пратенички, највознемирувачки беа навредите и заканите упатени кон моите деца“, вели Морачанин.

Според неа, социјалните мрежи се главниот извор на навреди, сексизам и говор на омраза кон жените што се дел од јавниот живот.

„Нема жена во политиката што не била предмет на лични навреди или говор на омраза. Не би можела да кажам дека тоа што сум поранешна пратеничка е олеснување, но тоа искуство помага полесно да се носите со навредите и говорот на омраза. Но факт е дека личните навреди, сексизмот, говорот на омраза ги обесхрабруваат жените активно да се вклучат во политичкиот живот. Во Собранието и локалните совети жените се задоволително застапени. Но тоа се должи на задолжителните родови квоти од 40% жени на листите за пратеници и советници. Таму каде што нема квоти, како што е за министерските и за градоначалничките функции, бројот на министерките и градоначалничките е многу мал. Од 24 министерски позиции, само 3 се жени, а од 81 градоначалничка позиција, само 2 се жени. Важно е да има поголем број жени на одлучувачки позиции. Истражувањата покажуваат дека жените им се повеќе посветени на темите важни за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, како на пример здравството, образованието, заштитата на животната средина, климатските промени. Исто така, многу помалку се подложни на корупција. Жените покажуваат поголема подготвеност за конструктивен дијалог, компромис и решавање на споровите. Конкретно, за да се зголеми бројот на жените во политика, потребно е да се зголемат квотите од сегашните 40% на 50% жени на листите за пратеници и советници, да се воведат квоти за министерки и за градоначалнички. Исто така, зголеменото учество на жените и особено нивната застапеност на раководни позиции во политичките парти, мора да биде дел од статутарните одредби и стратегии на политичките партии. Сепак, зголеменото учество на жените во политиката е само еден сегмент од комплексната тема за правата на жените и родовата еднаквост. Потребен е системски пристап, односно родовиот аспект да биде интегриран во секоја сфера на општествениот живот“, додава Морачанин.

Митева: Зголемувањето на бројот на жените во политиката не е само праведност, туку поефективен политички систем

И Марија Митева, пратеничка, членка на Извршниот комитет и портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека застапеноста на жените во политиката и јавниот живот е од клучно значење за постигнување вистинска демократија и обезбедување дека различните перспективи се слушаат и се разгледуваат во процесите на донесување одлуки.

„Жените сочинуваат половина од населението и нивното учество е од суштинско значење за решавање на сите прашања, но особено на оние прашања што единствено ги засегнуваат жените, родовата еднаквост во целина и семејните политики. Без соодветна застапеност, овие прашања можеби нема да го добијат вниманието што го заслужуваат при креирањето политики. Затоа, зголемувањето на бројот на жените во политиката не е само праведност, се работи за создавање поинклузивен и поефективен политички систем, кој ќе ги одразува и ќе им служи на сите граѓани. Важно е медиумите активно да ги бараат и да ги засилат гласовите на жените што се експерти во различни полиња на политиката, обезбедувајќи урамнотежена и разновидна застапеност на перспективите затоа што доколку дозволиме да се воспостави тенденција каде што медиумите ќе повикуваат или покажуваат повеќе мажи како соговорници кога се разговара за сериозни теми ќе се дозволи потврдување на стереотипот дека мажите се поупатени или авторитативни за политичките прашања, па со тоа ќе се стопираат напорите за промовирање на жените во јавниот дискурс. Во целина, сметам дека медиумите кај нас имаат соодветност во овој пристап, што сметам дека е за поздравување“, вели Митева.

На недоволната застапеност на жените во политиката навистина може да се гледа како на сенка што обесхрабрува многу жени да влезат на политичката арена, но вели за оние што веќе се ангажирани или пак оние што сакаат да бидат вклучени, оваа реалност служи како моќен мотиватор.

„Тоа ја поттикнува решеноста да се залагаме за поголема родова еднаквост во политиката и да се залагаме за политики што ги поддржуваат правата и учеството на жените. Борбата против ваквите разлики често ја зајакнува солидарноста меѓу нас жените во политиката и инспирира заеднички напори за надминување на институционалните бариери и општествените предрасуди. Кај нас, кога се во прашање жените во политиката, се чини дека има сплет на политичка култура и некултура. Од една страна, постојат напори за промовирање на родовата еднаквост и зајакнување на жените во лидерски улоги, што се усогласува со напредна политичка култура. Сепак, постојат и постојани предизвици вкоренети во традиционалните норми и предрасуди што го попречуваат целосното учество на жените. Тие може да вклучуваат стереотипи за женските улоги, недостиг од мрежи за поддршка и институционални бариери што го промовираат политичкото опкружување во кое доминираат мажи. Постигнувањето вистинска родова еднаквост во политиката бара решавање на овие културни бариери, зголемено образование и негување на потребната политичка култура, каде што жените се вреднуваат и нивниот придонес ќе биде признаен на еднаква основа со мажите“, вели нашата соговорничка.

Таа со политика се занимава околу 14 години и се соочила со многу лични навреди.

„Се занимавам со политика околу 14 години и за ова време, за жал, се имам соочено со лични напади, навреди и сексизам, можеби повеќе преку социјалните мрежи. Овие искуства во тој период беа длабоко разочарувачки, бидејќи ги поткопуваат моите придонеси врз основа на неправедна поделба, а не на моите идеи или способности. Не би наведувала конкретни примери, но со сигурност можам да кажам дека и покрај овие предизвици, му останувам посветена на залагањето за еднакви можности и предизвикување на дискриминаторските ставови и однесувања во политичката сцена. Овие искуства само ја зајакнуваат мојата решеност да се залагам за политичка култура во која постои вреднување, каде што секој може значително да придонесе и секогаш ќе го промовирам тоа без страв од предрасуди или дискриминација. Социјалните мрежи, за жал, може да бидат значаен извор на навреди и малтретирање за жените што се дел од јавниот живот, вклучително и политичарките. Жените во истакнати улоги често се соочуваат со сексистички коментари, лични напади, па дури и закани на интернет. Овие навреди може да варираат од омаловажувачки забелешки за изгледот или способностите, до потешки форми на вознемирување заради нивно замолчување или дискредитирање. Анонимноста и досегот на социјалните медиуми ги влошуваат овие прашања, што им олеснува на поединците да се вклучат во штетно однесување без одговорност. Влијанието на онлајн-навредите врз жените во јавниот живот може да биде длабоко, што само по себе ја нагласува итната потреба од посериозни ефективни мерки за борба против онлајн-вознемирувањето и создавање побезбедни дигитални простори што ги почитуваат и штитат сите поединци“, додава Митева.

Застапеноста на жените на министерските позиции, парламентот и локалната власт варира во различни земји и региони, вклучително и во Македонија.

Според неа, иако е постигнат напредок во некои области, постојат разлики.

„Клучно е да има жени застапени на овие позиции од неколку причини: различни перспективи – жените носат уникатни перспективи и искуства во креирањето политики, збогатувајќи ги дискусиите и осигурувајќи дека политиките се однесуваат на потребите на сите граѓани, вклучувајќи ги жените и маргинализираните групи. Понатаму, жените во лидерски улоги служат како пример за помладите генерации, инспирирајќи ги девојките и младите жени да продолжат со кариерата во политиката и јавниот дискурс. Исто така, жените лидери често се залагаат за прашања како што се родовата еднаквост, здравствената заштита, образованието и семејните политики, кои се клучни за општествениот развој и благосостојба. Постигнувањето рамнотежа во политичкото лидерство не е само прашање на правичност, туку и на ефикасност. Кога жените имаат еднакви можности да учествуваат во процесите на донесување одлуки, општествата имаат корист од побалансирано и поодговорно владеење кое подобро одговара на потребите и грижите на сите граѓани. Накратко, зголемувањето на застапеноста на жените на министерските позиции, парламентот и локалната власт е од суштинско значење за поттикнување соодветно управување“, завршува оваа пратеничка.

Мажите се позастапени на функциите во локалната, законодавната и извршната власт

Бројките што ги добивме од Министерството за труд и социјална политика, а кои се однесуваат на тоа колку жените и мажите се застапени во локалната, законодавната и извршната власт, покажуваат големо отстапување во корист на машкиот пол.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека воведувањето на концептот за родова еднаквост на жените и мажите во сите институции и унапредувањето на родовата еднаквост се приоритет, имајќи предвид дека родовата еднаквост е еден од клучните аспекти за просперитет на целото општество и обврска за државата што произлегува од Агендата за одржлив развој 2020-2030.

„Во изминатиот период Владата донесе значајни законски решенија, стратегиски документи, програми и мерки за унапредување на родовата еднаквост и зајакнување на жените, особено во областите на заштита од дискриминација, насилство врз жените и родово-базирано насилство, економското зајакнување и родово-одговорното буџетирање, здравствената заштита и пристапот до сексуално и репродуктивно здравје, со посебно внимание кон маргинализираните и ранливи групи жени беа донесени клучни закони и документи за јавните политики во стратегиските области за унапредување на родовата еднаквост во земјата, како што е Стратегија за родова еднаквост за периодот 2022-2027 година, што претставува основен стратегиски документ на земјата во областа на родовата еднаквост, со кој се воспоставува институционалниот патоказ на целите и активностите за унапредување на родовата еднаквост и унапредување на статусот на жените во земјата во предвидениот период на имплементација“, велат од МТСП во однос на прашањето за застапеноста на жените во политиката и јавниот живот.

Еден од приоритетите на Стратегијата за родова еднаквост во реализирањето унапредувањето на родовата еднаквост е исто така и зголемувањето на бројот на жените на позициите на донесување одлуки во извршната власт, политичките партии, медиумите, спортот, локалната самоуправа, односно во сите области во кои нема воспоставени законски решенија или квоти.

Зголемувањето на бројот на жените носителки на одлуки треба да се врши преку стимулациски мерки, сензибилизација, подигнување на свеста, како и со обврзувачки законски мерки.

Особено е важно поттикнувањето на жените за учество во структурите на донесување одлуки во единиците на локалната самоуправа, каде што се носат одлуките и мерките што директно влијаат врз квалитетот на животот во локалните едници.

Во 2023 година е промовиран Вториот индекс за родова еднаквост на Македонија за 2022 година. Индексот за 2022 година за Македонија изнесува 64,5 поени од максималните 100, со што се забележува напредок од 2,5 поени во споредба со последното мерење во 2019 година. Оваа информација дава информативна слика за состојбата на родовата еднаквост во земјата и може да служи како основа за поддршка и усовршување на политики и мерки со кои ќе се унапреди родовата еднаквост во иднина.

Според Родовиот индекс за 2022 година, процентуалната застапеност на мажите и жените во политиката, односно учество во министерски позиции распределено процентуално помеѓу мажите и жените, изнесува: во просек за 2018-2019-2020 година 14,7% жени и 85,3% мажи.

Во надоврзување на прашањето за министерските позиции исто така соодносот на мажите и жените во јавниот сектор за 2022 и 2023 година изнесувал: во поглед на распределбата на мажи и жени во министерствата во период од 2022 до 2923 процентуална бројка за 2023 година изнесува – вкупно 4.743 од кои 2.273 (47,92%) жени и 2.470 (52,08%) мажи.

Во јавниот сектор за 2022 година од вкупно вработени 110,465 застапеноста помеѓу мажите и жените била 62,178 (56,29), односно 48.287(43,71) мажи.

Исто така во Генералниот секретаријат на Владата во 2022 година 60,59% се жени, 39,41% се мажи, додека пак во 2023 година 62,29% се жени, а 37,71% се мажи, односно бројот на жените се зголемил за 1,7%.

Во просек за 2018-2019-2020 година во парламентот процентуалната поделба на мажите и жените изнесувала 38,3% жени, односно 61,7% мажи.

Во просек учеството на жените во локалната власт наспроти мажите за 2018-2019-2020 година изнесувало во просек со 32,4% жени, односно 67,6% мажи.

Учеството на жените во политиката може и треба дополнително да се развива преку политики, но и преку вклучување на клучните заинтересирани страни. И покрај двојното зголемување на застапеноста на жените во парламентите на глобално ниво, се проценува дека постигнувањето родова еднаквост во законодавните тела би можело да се оствари најрано во 2063 година, што не ја исклучува и состојбата во Македонија, со оглед на тоа што трендот на учеството на жените на високи политички функции не укажува на некои значајни поместувања во последните неколку години. Дополнително, и медиумското присуство на жените политичарки сѐ уште е на ниско ниво, покажува истражувањето на ИКС.

Катерина Додевска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ