петок, 18 октомври 2024
Ројтерс

Навални беше на список за размена на затвореници, требаше да биде ослободен, вели негова соработничка

Алексеј Навални е „убиен“ затоа што беше блиску до ослободување со размена на затвореници, а претседателот Владимир Путин не можеше да ја поднесе помислата дека тој ќе биде ослободен, обвини блиска соработничка во понеделникот, пренесе Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Навални (47) почина во казнена колонија на Арктикот на 16 февруари. Кремљ, кој ги смета Навални и неговите поддржувачи за екстремисти поддржани од САД, негираше дека државата е вмешана во неговата смрт. Во посмртницата на Навални се вели дека тој починал од природна смрт.

Кремљ не одговорил веднаш на барањето коментар, а сојузничката на Навални Марија Певчих, која престојува надвор од Русија, не даде документарен доказ за нејзиното тврдење, вели Ројтерс.

Говорејќи на Јутјуб, Певчих рече дека преговорите за размена на Навални и двајца неименувани американски државјани за Вадим Красиков, убиец на руската безбедносна служба ФСБ што е во затвор во Германија, биле во завршна фаза во моментот на неговата смрт.

„Алексеј Навални можеше да седи на ова место токму сега, токму денес. Тоа не е метафора, тоа можеше и требаше да се случи“, рече Певчих, која е на чело на одборот на антикорупциската фондација на Навални и е со седиште надвор од Русија.

„Навални требаше да излезе во следните неколку дена бидејќи добивме одлука за негова размена. Во почетокот на февруари на Путин му беше понудено да го замени убиецот, агентот на ФСБ Вадим Красиков, кој во Берлин отслужува казна за убиство, за двајца американски државјани и за Алексеј Навални“.

Јулија, сопругата на Навални, на социјалната мрежа Икс напиша дека зборовите на Певчих покажале зошто Путин го убил нејзиниот сопруг.

„И дефинитивно ќе дознаеме кој точно и како точно го извршил ова злосторство“, напиша таа.

Еден западен функционер рекол за Ројтерс дека не била дадена официјална понуда за размена во која би бил вклучен Навални, но дека биле во тек првични дискусии меѓу Русија, САД и Германија.

Два руски извори рекле за Ројтерс дека биле одржани преговори за размена на Навални и дека размената начелно била договорена. Фајненшл тајмс го цитираше портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, дека не знаел за некаков договор за размена на Навални.

Вадим Красиков е во доживотен затвор во Германија откако беше осуден за убиство на прогонет чеченско-грузиски дисидент во Берлин во 2019 година. Путин во интервјуто со американскиот новинар Такер Карлсон овој месец сигнализираше дека сакал да го врати Красиков, кого го смета за патриот.

Германската влада во понеделникот одбила да коментира.

Певчих, која беше назначена за „странски агент“ од Русија, каде што властите ја обвинуваат за учество во екстремистичка организација, рече дека вечерта на 15 февруари добила потврда дека преговорите за размена се во завршна фаза.

Навални, вели таа, бил убиен еден ден подоцна бидејќи Путин не можел да ја поднесе помислата дека тој е слободен. Таа не објасни зошто Путин едноставно не одбил да го замени Навални ако бил против таквата размена, вели Ројтерс.

Таа рече дека бизнисменот Роман Абрамович бил тој што му ја пренел идејата на Путин за размена на Навални. Ројтерс не добил коментар од Абрамович.

Певчих не ги именува двајцата американски државјани што наводно биле во комбинација да бидат заменети заедно со Навални. Но Соединетите Американски Држави соопштија дека се обидуваат да ги вратат Еван Гершкович, новинар на Волстрит џурнал, и Пол Вилан, поранешен американски маринец.

Русија ги обвинува двајцата за шпионажа, нешто што тие го негираат.

„Навални прифати“

Еден руски извор што знаел за преговорите рекол за Ројтерс дека размената на затвореници требало да се случи во средината на февруари и дека и Навални и неговата сопруга се согласиле на тоа.

Изворот исто така рекол дека Абрамович бил вклучен во преговорите.

„Првично, планот предвидуваше размена само на Гершкович, а Абрамович разговараше за тоа со Путин. Единствената личност за која Путин беше спремен да го замени Навални беше Красиков. Но Германците беа категорично против тоа, бидејќи тоа беше американски проблем. Кога во рамките на овој план се појави Навални, Германците конечно се согласија“, рекол изворот.

Фото: ЕПА

„Конечно сè беше потврдено кога (германскиот канцелар Олаф) Шолц отиде во Соединетите Држави (тој одржа разговори во Белата куќа на 9 февруари). Веќе се дискутираа деталите за тоа кога и каде сето ова ќе се случи“.

Извор близок до Кремљ рекол дека Русија и Западот начелно се договориле да извршат размена на Навални и Гершкович, но дека прецизните детали за таквиот договор допрва треба да се решат.

Двата руски извори рекле дека шансите Гершкович да биде заменет сега се намалени.

„Тие повторно ќе бараат опции, но сега се вративме во времето на апсењето на Гершкович. На масата нема ништо“, рекол првиот руски извор.

Путин, кој јавно нема кажано ни збор за смртта на Навални, месецов рече дека се водат преговори меѓу руските и американските разузнавачки агенции во врска со Гершкович, но не го спомна Навални, чие име обично не го спомнува јавно.

Телото на починатиот опозициски политичар во саботата ѝ беше предадено на неговата мајка во арктичкиот град Салехард.

Деталите за неговиот погреб, кој се очекува да се случи во Москва, допрва треба да бидат соопштени. Портпаролката на Навални во понеделникот изјави дека неговиот тим бара локација каде што би можело да се одржи јавна проштална церемонија до крајот на оваа недела.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ