Научниците објавија дека планот за оживување на мамутот се движи во вистинската насока, по создавањето на нов вид – волнениот глушец, пренесува РТС.
Бен Лам, ко-основач и извршен директор на Колосал, рече дека тимот ги проучувал геномите на античките мамути и ги споредувал со геномите на азиските слонови за да разбере како тие се разликуваат, и дека веќе е започната работа на менување на клетките на слоновите.
Тимот експерти вели дека имаат дополнителна поддршка за нивниот пристап, сега кога создале здрави, генетски модифицирани глувци кои имаат особини неопходни за живеење на студ, вклучително и крзно налик на волна.
„Тоа не забрзува ништо, но е огромна потврда“, рече Лам.
Во истражувањето, кое сè уште не добило рецензија од колеги, тимот користел голем број техники за уредување на геном за генетски модифицирање на оплодените јајца од глушец или модифицирање на ембрионски матични клетки од глушец и нивно инјектирање во ембриони на глувци, пред да бидат имплантирани во сурогат глувци.
Со промени во целни гени произведоа крзно кај глувците
Тимот се фокусираше на промена на девет гени кои ја контролираат бојата, текстурата, должината или фоликулите на косата. Повеќето од овие гени беа избрани затоа што веќе беше познато дека тие влијаат на обвивката на глувците, при што се очекуваше предизвиканите промени да создадат физички особини слични на оние присутни кај мамутите, како што е златно крзно.
Сепак, два од целните гени кај глувците биле пронајдени и кај мамутите, за кои се смета дека придонеле за создавање на крзно слично на волна. Промените што ги направија истражувачите во гените на глувците беа дизајнирани да го направат глувчето повеќе слично на мамут.
Тимот, исто така, го промени генот кој го контролира начинот на кој мастите се метаболизираат кај глувците за да го направи посличен на генот пронајден кај мамутите, за кој научниците сугерираат дека би можел да има улога во адаптацијата на животното на студ.
Истражувачите испитувале различни комбинации на овие гени, користејќи техника која им овозможила да направат дури осум промени на седум различни гени во исто време.
Крзното е тука, но што е со другата заштита од студ?
Иако многу експерименти не резултираа со младенчиња од глувци, младенчињата што се родиле имаа различни комбинации на карактеристични типови крзно, вклучувајќи крзно како волна, подолго и златно-кафеаво крзно. Сепак, тие имаа слична просечна телесна маса без разлика дали генот поврзан со метаболизмот на мастите бил модифициран или не.
„Ефикасноста на уредувањето на гените варира“, изјави Бет Шапиро, директорка на научниот оддел во Колосал.
Робин Ловел-Баџ, раководител на одделот за биологија на матични клетки и развојна генетика на Институтот Френсис Крик во Лондон, кој не бил вклучен во истражувањето, ги пофали техничките аспекти на студијата.
Сепак, тој изјави дека механизмите со кои гените влијаат на формирањето на различни видови влакна не се откриени и дека враќањето на мамутите на Земјата е многу покомплексно отколку едноставно менување на неколку гени за толеранција на студ.
До каде е реалноста со волнените мамути?
Ловел-Баџ истакнува дека не само што е нејасно дали ќе има доволно генетски модификации за да се обезбеди животните да изгледаат како мамути, туку и дали ќе се однесуваат како нив.
„Се грижам дали ова е мудро користење на ресурсите или губење пари во обид да се спречи исчезнување на видовите“, вели Ловел-Баџ, додавајќи дека друг проблем е што моментално нема резултати за тоа дали модифицираните глувци навистина подобро го поднесуваат студот.
„Сепак, имаме неколку слатки волнени глувци. Не ја разбираме нивната физиологија, однесување и слично. Ова не ги приближи истражувачите да знаат дали би можеле да го опремат слонот со корисни карактеристики што ги имал мамутот“, објаснува Ловел-Баџ.
Други научници истакнуваат дека овие експерименти не користеле гени на мамут вметнати во глувци, туку дека работата на експертите главно вклучувала промена на гените на глувците за да се добијат познати ефекти врз нивното крзно.
„Процесот на добивање слон кој изгледа како мамут е многу поголем предизвик. Вистинскиот број на гени за кои веројатно ќе бидат потребни промени е многу поголем, овие гени се помалку познати и допрва треба да се идентификуваат, а сурогат-женката ќе биде животно на кое вообичаено не се експериментира“, изјави доктор Тори Хериџ од Универзитетот Шефилд.
Додека некои веруваат дека оживувањето на мамутот е неизбежно, други се многу скептични. „Се чини дека враќањето на мамутот не е на повидок наскоро“, заклучи Хериџ.