понеделник, 9 декември 2024

Научниците ќе одземат секунда од часовниците поради промените во вртењето на Земјата

Променливото вртење на Земјата се заканува да си поигра со нашето чувство за време, часовници и компјутеризирано општество на досега невиден начин – но само за една секунда.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

За прв пат во историјата, светските мерачи на времето за неколку години можеби ќе треба да размислат да одземат секунда од нашите часовници бидејќи планетата се врти малку побрзо од порано. Часовниците околу 2029 година можеби ќе треба да прескокнат една секунда – наречена „негативна престапна секунда“, се вели во студијата во списанието Нејчр објавена во средата, пренесува Асошиејтед прес.

„Ова е ситуација без преседан и е голема работа“, рече водечкиот автор на студијата, Данкан Агњу, геофизичар од Институтот за океанографија Скрипс на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего. „Ова не е голема промена во вртењето на Земјата што ќе доведе до некоја катастрофа или слично, но е забележливо. Тоа е уште еден показател дека живееме во мошне необично време“.

Топењето на мразот на двата пола на Земјата го попречува забрзувањето на планетата и за околу три години веројатно ќе ја одложи оваа светска секунда од сметањето на времето, рече Агњу.

„Ние се движиме кон негативна престапна секунда“, рече Денис Мекарти, пензиониран временски директор на американската поморска опсерваторија, кој не беше дел од студијата. „Прашањето е кога“.

Тоа е комплицирана ситуација, која ги вклучува физиката, глобалната политика на моќ, климатските промени, технологијата и двата типа на време.

На Земјата ѝ се потребни околу 24 часа за да изротира, но клучниот збор е „околу“.

Илјадници години Земјата генерално успоруваше, а стапката варираше од време на време, рекоа Агњу и Џуда Левин, физичар од одделот за време и фреквенција на Националниот институт за стандарди и технологија.

Успорувањето најмногу е предизвикано од ефектот на плимата и осеката, кои се предизвикани од привлечната сила на Месечината, рече Мекарти.

Ова не беше важно сѐ додека пред повеќе од 55 години како официјален временски стандард не беа усвоени атомските часовници. Тие не успоруваа.

Тоа воспостави две верзии на времето – астрономска и атомска – и тие не се совпаднаа. Астрономското време заостануваше зад атомското време за 2,5 милисекунди секој ден. Тоа значи дека кога атомскиот часовник ќе покаже дека е полноќ, на Земјата е полноќ дел од секундата подоцна, рече Агњу.

Тие секојдневни делови од секунди на секои неколку години составуваат цела секунда. Почнувајќи од 1972 година, меѓународните мерачи на времето одлучија во јуни или декември да додадат „престапна секунда“ за астрономското време за да го стигне атомското време, наречено Координирано универзално време или УТЦ. Наместо 11:59 и 59 секунди да преминат во полноќ, ќе има уште една секунда во 11:59 и 60 секунди. Негативната престапна секунда од 11:59 и 58 секунди би водела директно во полноќ, прескокнувајќи го 11:59:59.

Помеѓу 1972 и 2016 година беа додадени 27 посебни престапни секунди додека Земјата го успоруваше вртењето. Но стапката на успорување се намалуваше.

„Во 2016 или 2017 година или можеби 2018 година, стапката на успорување успори до тој степен што Земјата всушност почна да забрзува“, рече Левин.

Земјата забрзува бидејќи нејзиното врело течно јадро – „голема топка од стопена течност“ – дејствува на непредвидлив начин, со вртлози и текови што варираат, рече Агњу.

Агњу рече дека јадрото веќе околу 50 години предизвикува забрзување, но брзото топење на мразот на половите од 1990 година го маскира тој ефект. Топењето на мразот ја поместува масата на Земјата од половите кон испакнатиот центар, што го успорува вртењето, слично како што лизгачот што се врти успорува кога ќе ги испружи рацете на страна, рече тој.

Без ефектот на топење на мразот, на Земјата таа негативна престапна секунда би ѝ требала во 2026 година наместо во 2029 година, пресметал Агњу.

Со децении астрономите ги изедначуваа универзалното и астрономското време со помош на тие згодни мали престапни секунди. Но операторите на компјутерските системи рекоа дека тоа не е лесно во однос на целата таа прецизна технологија на која сега се потпира светот. Во 2012 година престапната секунда збуни некои компјутерски системи, предизвикувајќи им проблеми на Редит, Линукс, Кантас ерлајнс и други, велат експертите.

„Која е потребата од ова приспособување на времето кога предизвикува толку многу проблеми?“, рече Мекарти.

Но рускиот сателитски систем работи со астрономското време, така што елиминирањето на престапните секунди ним би им предизвикало проблеми, велат Агњу и Мекарти. Астрономите и сите други сакаа да го задржат системот што би додавал една престапна секунда секогаш кога разликата помеѓу атомското и астрономското време би се приближила до една секунда.

Во 2022 година светските мерачи на времето одлучија дека почнувајќи од 2030-тите ќе ги променат стандардите за вметнување или бришење на една престапна секунда, што ќе го направи тоа многу помалку веројатно.

Технолошките компании како Гугл и Амазон еднострано воспоставија свои сопствени решенија за проблемот со престапната секунда со постепено додавање делови од секундата во текот на целиот ден, рече Левин.

„Битките се толку сериозни бидејќи влоговите се толку мали“, рече Левин.

Потоа земете го предвид „чудниoт“ ефект на вадењето, наместо додавањето престапна секунда, рече Агњу. Веројатно ќе биде потешко да се прескокне секунда бидејќи софтверските програми се дизајнирани да додаваат, а не да одземаат време, рече Мекарти.

Мекарти рече дека трендот кон потребата од негативна престапна секунда е јасен, но тој мисли дека тоа повеќе е поврзано со тоа што Земјата станува позаоблена од геолошките поместувања од крајот на последната ледена доба.

Тројца други надворешни научници рекоа дека студијата на Агњу има смисла, нарекувајќи ги неговите докази убедливи.

Но Левин не мисли дека навистина ќе биде потребна негативна престапна секунда. Тој рече дека целокупниот тренд на успорување од плимата и осеката постои со векови и трае, но пократките трендови во јадрото на Земјата доаѓаат и си одат.

„Ова не е процес во кој минатото е добро предвидување на иднината“, рече Левин. „Секој што прави долгорочно предвидување за иднината е на многу, многу несигурно тло“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ