понеделник, 21 октомври 2024

Научници: Поради климатските промени, тајфуните стануваат се подеструктивни

Разорниот тајфун што минатиот месец ги зафати Филипините, Тајван и Кина, уништувајќи ја инфраструктурата и оставајќи повеќе од 100 мртви, значително е зајакнат од климатските промени предизвикани од човекот, велат научниците во извештајот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Додека друг тајфун пристигна на копно во Јапонија, климатските истражувачи велат дека потоплите мориња даваат дополнително „гориво“ за тропските бури во Азија, што ги прави поопасни.

Тајфунот Гаеми ја погоди Источна Азија на 22 јули, а повеќе од 300 мм дожд паднаа на филипинската престолнина Манила за само еден ден.

Ветровите кои достигнаа брзина до 232 км/ч предизвикаа олујни бранови што потопија танкер со нафта во близина на филипинскиот брег и товарен брод во близина на Тајван. Дождот од Гаеми предизвика и фатални одрони од кал во кинеската провинција Хунан.

Брзината на ветрот на тајфунот Гаеми била поголема за околу 16 км/ч, а врнежите до 14 отсто поинтензивни поради повисоките температури на морето, според научниците во извештајот на Ворлд ведер атрибјушн, сојуз на истражувачи кои ја анализираат врската помеѓу климатските промени и екстремните временски појави.

„Со зголемувањето на глобалните температури, веќе сме сведоци на пораст на температурите на океаните и како резултат на тоа, „моќното гориво“ станува достапно за овие тропски циклони, зголемувајќи го нивниот интензитет“, изјави на брифингот пред објавувањето на извештајот Надја Бломендал, истражувач во Кралскиот холандски метеоролошки институт.

На истиот брифинг, Клер Барнс, научен соработник во лондонскиот институт Грантам, рече дека сега има 30 проценти поголема веројатност да се појават тајфуни отколку во прединдустриското време, предупредувајќи дека тие ќе станат уште почести и поинтензивни доколку глобалните температури се зголемат за два Целзиусови степени.

„Источна Азија е навикната на екстремни временски услови, но нејзината инфраструктура за спречување поплави и планирање одговор при итни случаи е под зголемен притисок“, рече Маја Валберг, консултант за климатски ризици при Климатскиот центар на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

„Дури и со сите наши напори, доведени сме до крајните граници“, заклучи Валберг.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ