На церемонијата во Брисел, американскиот државен секретар Ентони Блинкен и неговите колеги ќе ја одбележат годишнината од потпишувањето на основачкиот договор на Алијансата на 4 април 1949 година во Вашингтон. Поголема прослава е планирана кога лидерите на НАТО ќе се сретнат во Вашингтон на 9-11 јули.
Шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром учествува на првиот состанок на министерско ниво откако неговата земја стана 32-ра членка на НАТО минатиот месец. Поради руската инвазија на Украина во февруари 2022 година и Шведска и нејзиниот нордиски сосед Финска, долгогодишни неутрални земји, побараа влез во Алијансата.
Бројот на членките на Северноатлантската алијанса е речиси тројно зголемен за повеќе од седум децении од нејзините 12 земји-основачи. Финска и Шведска во рекордно време влегоа во колективната безбедносна гаранција на НАТО, по одредено одложување на нивниот прием од Турција и Унгарија.
Во гаранцијата за колективна безбедност, Членот пет од Вашингтонскиот договор, кој беше испратен во Брисел за денешната церемонија, се вели дека нападот врз која било членка на Алијансата мора да има единствен одговор. Кон тој член се прибегна само еднаш, по нападот на Ал каеда врз Америка во 2001 година.
„НАТО е основан со едно официјално ветување – нападот врз еден сојузник е напад врз сите. Од таа основа го изградивме најмоќниот и најуспешен сојуз во историјата“, рече генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг во пресрет на годишнината.
Блинкен го опиша НАТО како „одбранбен сојуз без претензии кон територијата на која било друга земја, но со решеност да ја заштити територијата на секоја своја членка и да го направи тоа на начин што е уникатен во човечката историја“.
Како понов успех на НАТО, вели Асошиејтед прес, Алијансата ја вбројува својата воздушна кампања во 1999 година против поранешна Југославија за да ѝ се стави крај на „крвавата пресметка со Албанците“ и напорите да се спречи речиси сигурна граѓанска војна во Македонија во 2001 година.
Од другата страна на спектарот е операцијата во Авганистан. НАТО ја презеде командата со безбедносната операција во 2003 година и таа стана најдолгата и најскапа операција во историјата на Алијансата. Тоа беше обележано и со хаотичното повлекување во август 2021 година, кога пропаднаа голем број од успесите постигнати во речиси две децении, вели АП.
Денеска и Украина сака место во НАТО, но Алијансата работи на основа на едногласност и нема консензус за тоа дали таа треба да стане членка. Повеќето сојузници се против Украина да стане членка додека трае војната. Засега НАТО ветува само дека вратата е отворена за Украина во иднина.
Рускиот претседател Владимир Путин рече дека ја започнал војната, барем делумно, затоа што НАТО се шири поблиску до границите на Русија.
Сојузниците на НАТО, исто така, не можат да се договорат ни дали да ја вооружат Украина. Како организација, Алијансата дава само несмртоносна помош, како што се транспортни возила, гориво, храна за армијата, медицинска опрема и опрема за деминирање. Сепак, многу членови испраќаат оружје и муниција билатерално или во групи.
Членот пет можеби го имаше најтешкиот тест додека Доналд Трамп беше претседател на САД, земјата што е убедливо најмоќната членка. Трамп ја навести можноста дека САД нема да му помогнат на ниеден сојузник во НАТО што не издвоил најмалку два отсто од својот БДП за своја одбрана, како што беше договорено во 2014 година.
Трамп ја повтори таа закана за време на изборната кампања оваа година. НАТО очекува 18 од своите 32 членки да ја постигнат таа цел годинава, што е значително зголемување од само трите членки пред една деценија.
Алијансата периодов бара замена за Јенс Столтенберг, еден од генералните секретари со најдолг стаж, кој заминува во октомври. Холандскиот премиер Марк Руте е убедливо најголемиот фаворит за функцијата.