„НАТО разговара за распоредување на повеќе нуклеарно оружје, соочени со зголемената закана од Русија и Кина“, изјави Столтенберг за британски Телеграф.
Според него, Алијансата мора да го покаже својот нуклеарен арсенал за да испрати директна порака до своите противници.
„Нема да навлегувам во оперативните детали за тоа колку нуклеарни боеви глави треба да бидат оперативни, но мора да се консултираме за овие прашања. Токму тоа го правиме“, рече Столтенберг.
Тој посочи дека транспарентноста за нуклеарното оружје треба да биде еден од темелите на нуклеарната стратегија на НАТО во подготовката на Алијансата за, како што рече, поопасен свет.
„Транспарентноста помага да се пренесе директна порака дека ние, се разбира, сме нуклеарна алијанса. Целта на НАТО е, се разбира, свет без нуклеарно оружје, но се додека има нуклеарно оружје, ние ќе останеме нуклеарна алијанса, бидејќи светот во кој Русија, Кина и Северна Кореја имаат нуклеарно оружје, а НАТО нема е поопасен свет“, рече Столтенберг.
Според него, Кина особено инвестира во модерно оружје, вклучувајќи го и својот нуклеарен арсенал, кој, според него, до 2030 година ќе порасне на 1.000 боеви глави.
„А тоа значи дека во не толку далечна иднина НАТО би можел да се соочи со нешто со кое никогаш досега не се соочил, а тоа се два потенцијални противници со нуклеарно оружје – Кина и Русија“, рече Столтенберг.