понеделник, 21 октомври 2024

НАТО ги најави најголемите маневри по Студената војна

НАТО планира вежби со околу 90.000 војници од февруари до мај, со што ќе ја одбележи 75-годишнината од своето постоење. Тоа ќе бидат најголемите маневри од крајот на Студената војна, а во заднината, меѓу другото, е и рускиот напад врз Украина, пишува Дојче веле.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

НАТО ќе мобилизира околу 90.000 војници за маневрите, кои почнуваат во февруари и ќе траат околу 4 месеци. Воената вежба наречена „Непоколеблив бранител“ (Steadfast Defender) ќе биде најголемиот маневар на НАТО во последните неколку децении, изјави американскиот генерал Кристофер Каволи, по состанокот на Воениот комитет на НАТО на 17 и 18 јануари во Брисел.

Според главниот командант на НАТО во Европа, подготовките треба да почнат веќе следната недела. Поточно, од февруари до мај, ќе се практикува тревога и преместување на националните и мултинационалните копнени сили, како што објасни Каволи:

„Со преместувањето на американските трупи, НАТО ќе ја покаже својата способност да ја зајакне евроатлантската област“. Вежбата ќе биде јасна демонстрација на кохезијата, силата и решителноста на НАТО алијансата за заемна заштита, рече Каволи.

Соопштението доаѓа нешто повеќе од четири недели пред втората годишнина од руската инвазија на Украина на 24 февруари.

„Се подготвуваме за конфликт со Русија и со терористичките групи“, рече претседателот на воениот комитет на НАТО, холандскиот адмирал Роб Бауер, по дводневните размислувања во седиштето на НАТО во Брисел, додавајќи: „Ако нѐ нападнат, мора да бидеме подготвени.“

Според информациите на агенцијата Дпа, сценариото на воените вежби е руски напад на територијата на НАТО, односно на некои нејзини членки – што доведува до активирање на членот 5 од договорот за НАТО – кој ја регулира обврската да обезбеди помош за членовите и во кој се наведува дека оружениот напад врз една или повеќе земји-членки, се смета за напад врз сите.

Во воената вежба учествуваат сите 31 членка на НАТО и земјата-кандидат Шведска.

Областа каде што ќе се одржуваат воените вежби „Непоколеблив бранител“ се протега од Норвешка до земји како Романија.

Се очекува во вежбата, покрај околу 90.000 војници, да учествуваат и повеќе од 1.000 борбени возила и десетици борбени авиони и поморски единици.

Годишнина: 75 години НАТО

Организација на Северноатлантскиот договор или НАТО, на француски Organisation du traité de l’Atlantique nord или ОТАН – е воен сојуз основан на 4 април 1949 година во Вашингтон. Во времето на формирањето имаше 12 члена.

Последното проширување на НАТО беше лани на 4 април, кога Финска влезе во НАТО како 31-ва членка. На 4 април НАТО ја слави својата 75-годишнина – со најголемите маневри од крајот на Студената војна, односно распадот на СССР.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ