среда, 23 октомври 2024

НАТО: Европа не може сама да се брани

Шефот на НАТО Јенс Столтенберг ја предупреди вчера Европа да не се обидува самата да се бави со одбраната откако коментарите на Доналд Трамп поттикнаа нова дебата за тоа дали може континентот и понатаму да се потпира на заштитата од САД.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Европската Унија не може да ја брани Европа. Осумдесет и осум отсто воено трошење на НАТО доаѓа од НАТО сојузници кои не се од ЕУ“, кажа Столтенберг за Ројтерс.

Генералниот секретар на западниот воен пакт изјави дека е јасно дека безбедноста на Европа не зависи исклучиво од самата Европа, туку и од другите членки на НАТО како САД, Канада, Турција, Норвешка и Исланд.

„Ако само ја погледнете мапата, очигледно е дека сите тие земји, кои не се членки на ЕУ, се од витално значење за заштитата на Европа“, кажа Столтенберг.

Додаде дека „секој обид Европа да се одвои од Америка исто така ќе ја подели Европа“. Бројни европски земји, особено на истокот, ги гледаат САД како свој примарен безбедносен гарант и би се противеле на секој потег тоа да се промени, наведува Ројтерс.

Трамп, поранешниот претседател на САД и фаворит за републикански кандидат на изборите во ноември, предизвика остри критики од западните лидери откако кажа дека на членките на НАТО им порачал дека САД нема да ги бранат оние кои трошат доволно на војската и дека дури ќе ја охрабри Москва да ги нападне. Бројни европски политичари сметаат дека коментарите на Трамп се повик за будење и дека би требало да ја поттикнат Европа да направи повеќе за да може да се брани.

Столтенберг кажа дека европските членки на НАТО мора да направат повеќе на изградба на воените капацитети и дека тоа го прават. Додаде, меѓутоа, дека тоа треба да се случи во трансатлантска рамка.

Тој претходно кажа дека европските сојузници оваа година ќе вложат 380 милијарди долари во војската, што ќе ја зголеми нивната потрошувачка на проценетите два отсто од БДП во 2024 во споредба со 1,85 отсто во 2023 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ