понеделник, 15 април 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Нарушување на националното

Секогаш кога општествениот договор на една земја се „расплетува“, созреваат условите за тоа да кружат гласини и апсурдни информации. Дури и кога тие се безобразни и, очигледно, бесмислени, тие сепак можат да ги изразат најдлабоките стравови и предрасуди на еден народ.

Таков е случајот во Русија денес, каде што Сергеј Марков, инаку поранешен советник на претседателот Владимир Путин, предупреди дека Украина создава „геј супер-војници“ за да водат војна против неговата земја: „Воените теоретичари и историчари знаат која армија во Грција беше најсилна, се сеќавате? Тоа се Спартанците. Нив ги обединило хомосексуалното братство. Сите биле хомоси. Тоа била политиката на нивните лидери. Мислам дека сега го планираат истото и со вооружените сили на Украина“.

Се разбира, оваа мешавина од хомофобија, лажна приказна и идеи за супер-војници инспирирани од стрип на „Марвел“ укажува на тоа дека Марков не е заинтересиран за поттикнување на критичко размислување и аргументирана анализа. Без разлика на тоа: ваквите идиотски изјави очигледно резонираат барем кај некои важни сегменти од руското општество.

Истото нарушување, исто така, сè повеќе можеме да кажеме дека се однесува и на руските историски сеќавања за големите национални трауми и злосторства. На неодамнешната церемонија во Великие Луки, во руската област П’сков, попот познат како „отец Антониј“ ја полеа со света вода статуата на Сталин висока 26 метри. Иако „црквата беше голем страдалник“ за време на долготрајното владеење на теророт на Сталин, тој забележа дека Русите денес треба да бидат благодарни што имаат толку многу „нови руски маченици и исповедници на кои сега им се молиме и кои ни помагаат во воскреснувањето на нашата татковина“.

Ваквото перверзно размислување е речиси исто како и тврдењето дека Евреите треба да му бидат благодарни на Хитлер што им го отворил патот за државата Израел. Всушност, токму тоа и се случи. Според една истрага од 2019 година направена од вестите на Канал 13 во Израел, идните офицери на израелската армија во военото подготвително училиште „Бнеи Давид“, финансирано од државата, учат од рабините дека:

„Холокаустот не бил само убивање на Евреите. Глупости. А тоа што било систематско и идеолошко ги прави убиствата повеќе морални отколку случајни. Хуманизам, секуларна култура – тоа е, во суштина, холокаустот. Вистинскиот холокауст е плурализмот. Нацистичката логика била интерно конзистентна. Хитлер бил на став дека одредена група во општеството е причина за сето зло во светот и затоа таа мора да биде истребена. …Со години, Бог „врескал“ дека дијаспората е завршена, но дека Евреите не се покоруваат. Тоа е нивната болест која холокаустот мора да ја излечи. …Хитлер беше најправеден. Секако дека било во право со секој збор што го кажал. Неговата идеологија била исправна. …Единствената грешка на [нацистите] беше кој е на која страна“.

Лекцијата не завршува тука. Студентите исто така учат дека:

„Со помош на Бога, ропството ќе се врати. Оние кои не се Евреи ќе сакаат да бидат наши робови. Овие луѓе околу нас имаат генетски проблеми. Прашајте еден просечен Арап што сака да биде. Тој сака да биде под окупација. …Тие не знаат како да водат држава – ништо друго не знаат. …Да, ние сме расисти. Ние веруваме во расизам. Расите имаат генетски карактеристики. Затоа, мора да помислиме како да им помогнеме“.

Секако, оваа екстремна реторика отворено е поддржана само од едно мало, фанатично религиозно малцинство. А сепак, ја навестува основната претпоставка зад политиките на сегашната екстремно десничарска влада на Западниот Брег. Да се ​​спореди ситуацијата во Израел и неговите окупирани територии со нацистичка Германија може да изгледа смешно претерување, и ако некој кој не е Евреин ја направи оваа споредба, тој веднаш ќе биде отфрлен како антисемитист; но ако водечките личности на Евреите го прават тоа, тие треба да се слушаат. Кога едно општество се „завиткало“ себеси во слоеви на тенденциозно самооправдување, потребни се луѓе одвнатре да го оттргнат тој покров.

Земете го како пример случајот со Амирам Левин, поранешен шеф на Северната команда на израелските одбранбени сили. Зборувајќи неодамна на израелскиот јавен радиодифузен сервис во врска со ситуацијата на Западниот Брег, тој тврди дека „таму нема демократија 57 години, и има тотален апартхејд. …ИДФ, која е принудена да спроведува суверенитет таму, скапува одвнатре. Тој стои на страна, ги гледа доселениците како се бунтуваат и почнува да им биде партнер на воените злосторства“.

Кога беше замолен да објасни, Левин се повика на нацистичка Германија: „Тешко ни е да го кажеме тоа, но тоа е вистината. Прошетајте низ Хеброн, погледнете ги улиците. Улици каде повеќе не смеат да одат Арапите, само Евреите. Токму тоа се случи таму, во таа темна земја“.

Тоа дека пензионираниот генерал на ИДФ може да дојде до таков заклучок е доказ не само за неговиот извонреден етички став, туку и за тоа колку лоши станале работите таму. Но, сè додека има Израелци како што е Левин, има и надеж, бидејќи само со солидарност и поддршка од луѓе како него Палестинците од Западниот Брег ќе имаат шанса.

Општествениот договор во Русија и Израел денес се распаѓа под тежината на колонијализмот и фундаменталните несогласувања за основните принципи. Овие услови се склони кон сè поапсурдни и екстремни форми на рационализација. Но, само затоа што можете да смислите причина за да направите нешто, не значи дека треба навистина и да го направите тоа. Кога општествата се фрагментираат, давањето отпор на погрешните причини често бара повеќе сила отколку следењето на правилните причини.

                                                                                                                                            Славој Жижек

                                                                                                                     (Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Мирко Стојановски

Културни војни: Мишко и Брега

Фестим Ризанај

Вештачка интелигенција: помеѓу информациите и дезинформациите

Ристо Цицонков

Гасификација на Македонија – дали е веќе доцна? (1)

Рајко Пеколски

Семантичка коректност

Омар Ашур

Зoшто ИСИС ја нападна Русија и зошто Русија ја обвинува Украина...

Прилив на мозоци

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ