петок, 27 декември 2024

Народниот правобранител смета дека во многу институции сѐ уште има дискриминација по етничка основа при вработување

Бројот на вработени на збирно ниво во јавниот сектор е намален за 2.488 лица за разлика од 2022 година, кога вкупниот бројот вработени изнесуваше 130.377 лица, наспроти 127.889 лица ви 2023 година, покажува Посебниот извештај за 2023 година изработен од Народниот правобранител, а кој се однесува на следењето на примената на начелото на соодветна и правична застапеност во јавниот сектор.

Објавено на

часот

Сподели

Народниот правобранител, Насер Зибери на денешната прес-конференција истакна дека анализата покажува дека мал е бројот на институции, установи, единици на локалната самоуправа и субјекти формирани од нивна страна, кои имаат солиден учинок во остварувањето на начелото на соодветна и правична застапеност, за разлика од оние кои не ги задоволуваат законски пропишаните норми и кои отстапуваат на сите полиња.

„Со соодветна и правична застапеност која ја отсликува реалната состојба на бројот на населението по етничка структура може да се пофали Собранието на Македонија, неколку министерства, може да се пофалат неколку единици на локална самоуправа без оглед каде е доминантно македонското или албанското население, но има многу институции каде отстапуваат од ова правило и јас при објавување на минатогодишниот извештај ги цитирав и по име. Промена или подобрување нема и во моментов можам да ги спомнам. Македонската академија на науките и уметностите од 91 вработен, 90 се Македонци, само еден е Албанец и ниту еден од друга етничка заедница. Може да ги спомнам и јавните државни претпријатија како што е МЕПСО, како што е ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор кадешто етничката застапеност е крајно непочитувана и таа е под 10 отсто, односно само 6 отсто на албанската етничка заедница, под 1 отсто на турската етничка заедница. Има институции кои се солидни и има институции кои ги надминуваат процентот на застапеност, но има и некои кои сериозно потфрлуваат. Не е подобра состојбата и во Врховниот суд. Тука секогаш зборувам за вработените, не за лица избрани и именувани. Не е подобра ситуацијата и во кабинетот на претседателот на државата и во самиот Секретаријат на Владата“, рече Зибери.

Извештајот покажува дека застапеноста на Македонците во 2022 година во јавниот сектор била со 71,9 отсто, додека за 2023 година е 71,6 отсто, што претставува намалување од 0,3 отсто во споредба со претходната година, но е поголем за 13,16 проценти во споредба со резидентното население во земјата споредени со резултатите од последниот попис на населението од 2022 година. Застапеноста на Албанците во 2022 година била со 21,4 отсто додека оваа извештајна година таа е со 21,7 отсто, што претставува пораст од 0,3 отсто, но е помала за 2,6 проценти во споредба со резидентното население во земјата. Мало зголемување има кај турската заедница, додека ромската, српската и влашката етничка заедница се со ист степен на застапеност во 2022 и 2023 година, а мал пораст од 0,1 отсто има кај бошњачката заедница но сепак недоволно во споредба со резидентното население во земјата.

„Како и изминатата година, така и за оваа 2023 година, Народниот правобранител упатува јавна критика која се однесува на недоволниот број на застапеност на лица од немнозинските заедници на раководни работни места, албанската (18 посто), турската (1,6 посто) а посебно ромската етничка заедница, односно од вкупниот број на лица на раководни работни места во јавниот сектор само 0,3% се Роми, назначени на раководна позиција. Кај останати етнички заедници македонската, влашката, и српската заедница застапеноста на раководни работни позиции процентуално е повисока како во однос на процентот на резидентното население така и во споредба со бројот на вработените од истите заедници во јавниот сектор, што всушност ја потврдува несоодветна примена на начелото на соодветна и правична застапеност кон останатите заедници“ – потенцираше Народниот правобранител.

По укинувањето на механизмот „балансер“ со кој се спроведуваа вработувањата во јавниот сектор и во очекување на ново законско решение, Зибери упати апел до извршната и законодавната власт за забрзување на постапката и активностите за законско регулирање на оваа прашање со кое ќе се обезбеди соодветен инструмент кој ќе го обезбеди и гарантира ова право притоа запазувајќи ги принципите на стручност и компетентност, односно запазувајќи го мерит системот, нешто што и досегашната регулатива го предвидуваше, но не ретко менаџментите на институциите недоволно го применуваа.

„Сепак, при спроведувањето на вработувањата покрај хоризонталната етничка застапеност, треба да се запази и вертикалната застапеност односно застапеноста во раководни позиции како и половата застапеност како во вкупниот број така и во делот на раководни позиции. Со донесување на соодветни пишани акти ќе се даде друга тежина на начелото на соодветната и правична застапеност, би се намалил просторот за евентуална злоупотреба на оваа мерка, но и ќе биде прилог кон остварување на уставно гарантираното граѓанско право, истото да не остане само декор на нашите уставни определби туку реална можност за вработување во јавниот сектор на граѓаните од сите заедници на локално и централно ниво, нагласи правобранителот и додаде дека начелото претставува директен прилог кон создавање поголена кохезија во општеството и најдобра превенција од дискриминација по етничка основа во доменот на пристапот кон јавните ресурси во делот на правото на вработувањето во јавниот сектор“, рече тој.

Мониторингот врз спроведувањето на начелото за соодветна и правична застапеност на етничките заедници во јавниот сектор е уставна и законска обврска на Народниот правобранител и само четири институции, не испратиле податоци за вработувањата. Во 2023 година бројот на институции е поголем за 10 субјекти во споредба со минатата извештајна година, односно нивниот број сега изнесува 1335.

„Четири институции кои не испратија податоци за вработеноста по етничка основа се основни училишта во одредени единици на локална самоуправа, додека за 10-те новоформирани институции се оние кои произлегуваат од поделба на постојните институции и тоа 8 на локално и 2 на централно ниво. Бројот на вработените кој бил во постојните е распределен во двете што подразбира дека соодветно се рефлектирала постојната застапеност на вработените“, рече правобранителот.

Тој забележа дека постои генерален проблем во јавниот сектор што одредени субјекти во уште користат електронска пошта со „домени“ кои се застапени на јавната комуникациска мрежа – јаху, џимеил, хотмеил (yahoo, gmai, hotmail )и слични, наместо да користат искреирани стандардизирани и препознатливи „домени“ кои ќе соодветствуваат на дадените препораки од поранешното Министерството за информатичко општество и администрација.

„Поради ваквата состојба која се повторува години наназад, во голем број на случаи се случува комуникацијата со одредени субјекти да се одвива преку лични електронски адреси на поединци кои работат во јавниот сектор, со што се брише меморијата за евентуална размена на податоци, не само со Народниот правобранител, туку и со останатите субјекти, рече Народниот пправобранител“, Насер Зибери.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ