сабота, 27 јули 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Напред мрш!

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север

Како демократска оаза во своето опкружување, за Апсурдистан беше од особено значење правилниот политички курс, а тоа значеше да се оди напред, каде и да води тоа. Во своите напори да оди напред, Апсурдистан особено беше охрабруван и поддржуван од своите партнери од Метафизичката унија. Впрочем, од Метафизичката унија не беа ни сигурни дали во Апсурдистан живеат мајмуни кои треба да еволуираат во луѓе, или можеби дури амеби кои треба да еволуираат во повеќеклеточни организми. Она во што беа сигурни, меѓутоа, е дека Апсурдистан мора да оди напред.

Така, на пример, Метафизичката унија им даде бесплатни лижавчиња на Апсурдистанците (подоцна се испостави дека лижавчињата всушност воопшто не се бесплатни, но од метафизичка гледна точка, тоа не е важно), меѓутоа, ѝ наложи да апсурдистанската влада да им ги исече прстите на граѓаните на Апсурдистан: очигледно е, имено, за секој што се разбира од меѓународна метафизика барем, дека лижењето лижавчиња без прсти е чекор напред во однос на лижењето лижавче што се држи меѓу прстите. И така, апсурдистанскиот премиер им ги исече прстите на сите апсурдистански граѓани, исто како кога сече црвена лента.

Но смелите чекори напред на Апсурдистан кон метафизичката иднина не завршуваат тука: Метафизичката унија потоа побара од владата на Апсурдистан да им ги исече и јазиците на своите граѓани; и тука, веруваме, дека прогресот е очигледен за секој што е упатен во проблематиката – да се лиже лижавче без јазик е уште поголем чекор напред, отколку лижење лижавче со јазик. И така, Надзајакот, славниот апсурдистански премиер, познат по своите ревносни заложби за одење напред, во кои го надминуваше дури и својот славен претходник, Големиот Зајак, им ги исече јазиците на граѓаните на Апсурдистан. Притоа, не заборави да додаде дека оваа реформа воедно е и голем чекор кон унапредување на слободата на говорот и когнитивните способности на Апсурдистанците: сега тие можеа да ги искажуваат своите мисли телепатски.

Не мина многу време, а Метафизичката унија побара граѓаните на Апсурдистан да бидат лоботомирани токму во име на слободата на мислата: имено, кој не знае дека без мозок е многу потешко да се мисли отколку со мозок? Но уште поважно, да се мисли само со мозок е политичко едноумие! Впрочем, колку беше напредно политичкото раководство на Апсурдистан на тој план можеше добро да се воочи преку фактот што Надзајакот и остатокот од апсурдистанските политичари веќе одамна беа научиле да мислат со цревата. И граѓаните на Апсурдистан беа лоботомирани.

Под водство на Надзајакот, граѓаните на Апсурдистан продолжија да прават смели чекори напред: откако им беа отсечени ушите, научија подобро да ги слушаат своите соседи, наместо севезден да оговараат, откако им беа извадени очите, научија да гледаат подобро и подалеку во иднината… Па сепак, и после сите овие сесрдно спроведени реформи од Надзајкот и неговиот тим, Метафизичката унија не беше задоволна од напредокот на Апсурдистан. Така, Метафизичката унија побара од Надзајакот да им ги исече главите на граѓаните на Апсурдистан како клучен следен чекор напред.

Тогаш се јави граѓаниниот Шљупков, кој некако ги беше избегнал смелите реформски зафати на Надзајакот:

„Па добро, бре луѓе, зарем без глава ќе одиме напред? Се оди ли негде без глава?“

На Шљупков му беше возвратено од Метафизичката унија, дека, навистина, без глава не се оди никаде, но во Метафизичката унија човек може да влезе само како бестелесен, а за човек да биде бестелесен, главата мора да се одвои од телото. На тоа Надзајакот побрза да додаде дека Шљупков безобразно ги искривува барањата на целомудрената и добронамерна Метафизичка унија и дека намерно шири непријателска пропаганда, за што соодветно ќе одговара пред органите на законот.

Секако, главите на граѓаните на Апсурдистан беа отсечени по итна постапка и со широк политички консензус на власта и опозицијата. Меѓутоа, до овој момент останува неизвесно дали отсечените глави (или политички коректно кажано: бестелесните глави) на апсурдистанските граѓани беа конечно примени во Метафизичката унија, или од бестелесните глави беше побарано да направат нови чекори напред, што, впрочем, би било сосема во склад со високомудрената логика на меѓународната метафизика – оти кој не знае дека за главата, чекорењето без тело претставува значаен чекор напред во однос на чекорењето со тело?

Како и да е, она што се знае е дека Шљупков експресно беше осуден на доживотен затвор за тероризам и говор на омраза против метафизичките вредности.

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ