сабота, 4 јануари 2025

Напаѓачот од Њу Орлеанс е Шамсуд Дин Џабар, служел во Авганистан, двапати се женел

Шамсуд Дин Џабар, 42-годишникот од Тексас кој со пикап се заби во толпа на новогодишната ноќ во Њу Орлеанс, убивајќи 15 и повредувајќи десетици лица, отслужил 13 години во американската војска, вклучително и во Авганистан.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Истражителите на ФБИ и локалната полиција соопштија дека Џабар не дејствувал сам и дека ги бараат неговите соработници. ФБИ објави дека тој имал знаме на Исламската држава на пикапот и дека инцидентот го разгледуваат како можен терористички напад. И додека истрагата сè уште е во тек, сè уште нема информации кои би објасниле зошто Џабар, американски државјанин кој пораснал во Тексас, би го извршил нападот во Њу Орлеанс.

Вооружениот напаѓач е убиен на местото на настанот во размена на оган со полицијата, соопштија официјални лица.

Џабар служел во војска од 2007 до 2015 година како специјалист за човечки ресурси и информатичка технологија, а потоа бил префрлен во резерви каде што работел како ИТ специјалист до 2020 година. Од февруари 2009 година до јануари 2010 година, бил распореден во Авганистан. Последните години работел како агент за недвижнини.

Тој се обидел да се пријави во морнарицата во 2004 година, но всушност никогаш не бил распореден ниту започнал обука.

„Нашите записи покажуваат дека Шамсуд Дин Бахар Џабар се пријавил на 12 август 2004 година во поморскиот регрутски округ Хјустон и бил ослободен од Програмата за одложено запишување еден месец подоцна на 13 септември 2004 година. Тој не отишол во Центарот за обука на регрути. Датумот на раѓање одговара. Со оглед на тоа што не служел во морнарицата, нема дополнителни информации кои би ги додале во приложената биографија“, рече портпаролот на морнарицата.

Ен-би-си, американскиот партнер на Скај њуз, објави дека Џабар бил специјалист за човечки ресурси и информатичка технологија од 2007 до јануари 2015 година во редовната армија на САД.

ФБИ верува дека Џабар изнајмил пикап Форд со кој рано наутро на новогодишната ноќ влетал во луѓето во популарниот Француски кварт пред да излезе и да пука во полицијата. Тој успеал да ја заобиколи заштитната ограда возејќи по тротоарот, соопшти полицијата во Њу Орлеанс.

На возилото било пронајдено знаме на Исламската држава, а внатре било пронајдено оружје и потенцијална експлозивна направа, како и други можни направи. „Веруваме дека Џабар не дејствувал сам“, рече агентот на ФБИ Алетеа Данкан на прес-конференција.

Џабар бил уапсен во Тексас во 2002 година за кражба, класифицирана како прекршок, за што судот го казнил со 100 долари. Тој исто така бил уапсен во истата држава во 2005 година за возење со неважечка дозвола, исто така класифицирано како прекршок, и казнет со 100 долари.

Според граѓанските досиеја, Џабар бил во брак двапати, а неговиот прв брак завршил во 2012 година, објави Ен-би-си. Барањето за вториот развод е поднесено во 2021 година.

Јавните записи покажуваат дека во 2020 година, тогашната сопруга на Џабар поднела барање за привремена забрана за пристап. Во наредбата се наведува дека двете страни не смеат да се вклучат во „намерно, свесно или несовесно нанесување телесна повреда на другата страна или на детето од која било од страните“ или „да ѝ се закануваат на другата страна или на детето од која било од страните со непосредна телесна повреда“. Разводот бил финализиран во 2022 година. Џабар и неговата поранешна сопруга добиле заедничко старателство над нивното дете.

Познато е дека се појавил во промотивно видео на Јутјуб во 2020 година, каде зборувал за својот бизнис со недвижнини.

Џабар изјавил дека е роден и израснат во Бомонт. Тој рече дека служел во војска 10 години како специјалист за човечки ресурси и ИТ, каде што ја научил „важноста на одличната услуга и сериозниот пристап во сè“. „Ги применив тие вештини во мојата кариера како агент за недвижнини, каде што мислам дека она што навистина ме издвојува од другите агенти е мојата способност да бидам… остар преговарач“, вели тој, охрабрувајќи ги клиентите да контактираат со него.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ