Поддржувачите на Доналд Трамп што пред четири години упаднаа во американски Капитол, денеска почнуваат да ги напуштаат затворите, откако новоизбраниот претседател издаде масовно помилување, кое ја сигнализираше неговата намера агресивно да ја користи извршната власт.
Помилувањето на 1.500 осуденици потпишано од републиканскиот претседател во понеделникот, на денот на инаугурацијата, ги налути пратениците што беа во опасност во нападот на 6 јануари 2021 година, кога илјадници поддржувачи на Трамп упаднаа во Капитол во неуспешен обид да го спречат Конгресот да го потврди неговиот пораз на претседателските избори во 2020 година против Џо Бајден.
„Доналд Трамп воведува златна доба за луѓето што го кршат законот и се обидуваат да ја соборат владата“, рече лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер, користејќи ги зборовите за почетокот на златната доба за Америка што Трамп ги изговори во своето инаугуративно обраќање.
Нападот беше поттикнат од одбивањето на Трамп да го признае поразот на изборите, што првпат во историјата на САД беше закана за мирниот трансфер на власта.
При нападот беа нападнати околу 140 полицајци, а четири лица го загубија животот.
Меѓу оние што треба да бидат ослободени се и водачите на екстремно десничарските организации „Прауд бојс“ и „Чувари на заклетвата“, вклучително и некои што беа осудени за бунтовнички заговор.
Околу 40 мажи со значки на „Прауд бојс“ разменуваа навреди со демонстрантите на улиците на Вашингтон за време на инаугурацијата на Трамп во понеделникот.
Трамповото помилување беше само една од низата извршни наредби што тој ги потпиша по церемонијата на инаугурацијата во салата Ротонда, каде што неговите поддржувачи четири години претходно дивееја.
Трамп, исто така, му нареди на јавниот обвинител да се откаже од сите нерешени случаи поврзани со немирите.
„Овие луѓе се уништени“, рече Трамп веднаш по враќањето во Овалната соба.
„Она што им го направија на тие луѓе е нечуено.“
На списокот на помилувани се наоѓа Енрике Тарио, поранешен водач на „Прауд бојс“, кој беше осуден на 22 години за заговор за бунт, најдолго од сите кривично обвинети во немирите.
Тарио беше прогласен за виновен за планирање насилно да се спротивстави на трансферот на власта по изборите во 2020 година.
Другите помилувања вклучуваат лица осудени за употреба на цевки, палки и хемиски спреј за напад врз полицајците што го обезбедуваа Капитол.
Стјуарт Родс, поранешниот водач на милицијата „Чувари на заклетвата“, не е помилуван, но неговата 18-годишна затворска казна беше ублажена и тој треба да биде ослободен.
Грант Тјудор, од невладината „Заштитете ја демократијата“, рече дека помилувањата испраќаат порака дека „ако се вклучите во насилство во име на кауза, Трамп ќе ве заштити“.
„Овие помилувања ќе овозможат идно кршење на законот, вклучително и насилство“, рече Тјудор.
Трамп, исто така, покрена сеопфатна акција против мигрантите, ја намали поддршката за ветерната енергија и за електричните возила и го отвори патот за дупчење нафта на Арктикот.
Се повлече од Парискиот договор за климата и од Светската здравствена организација.
Тој, исто така, ја одложи забраната за популарната видеоапликација Тикток, која стапи во сила во неделата.
Сепак, Трамп веднаш не воведе царини за Мексико и Канада, како што се закани.