сабота, 27 јули 2024
Истрагата за Палчо трае

Митровски: Спасовски се однесуваше во најмала рака чудно и непрофесионално во истрагата за Вања и Панче

Обвинителството не открива дали е најден пиштолот со кој беа убиени Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Редакцијата на МКД.мк во врска со оружјето со кое беше убиена Вања, а и Панче, праша дали во меѓувреме е најдено, но одговорот што го добивме беше дека истрагата е во финална фаза и дека наскоро јавноста ќе добие одговори.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Сознанијата за грабнувањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски на прес-конференција во почетокот на декември минатата година ги изнесоа јавниот обвинител Гаврил Бубевски и тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Овие изјави во најголем дел се темелеа на исказите на притворените осомничени, а дел се поткрепени и со материјални докази.

Обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска ја заврши истражната постапкa и преземени се сите дејствија за обезбедување докази против Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски. Тројцата се осомничени за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. За првоосомничениот Љупчо Палевски Палчо истрагата трае. Допрва треба да се направи споредба на најдената ДНК на местото на убиствата и на телата на Вања и на Панче, со ДНК на Палчо.

За другите осомничени лица овие анализи веќе се направени, а резултатите од анализите се испратени како доказен материјал во рацете на Обвинителството.

Осомничениот Палчо беше екстрадиран од Турција и во моментов се наоѓа во притвор во Истражниот затвор во Шутка, каде што чека адвокат да го брани во постапката за двете убиства и за грабнувањето на Вања. Адвокатот Јанаки Митровски за МКД.мк вели дека не знае дали некој од неговите колеги ќе сака да го брани Палчо, но тој тоа не би го сторил „за ниту едни пари“, дури ни по цена Комората да му покрене дисциплинска постапка, бидејќи Кодексот на адвокатската етика забранува да одбиваат странки за кривични постапки, а тоа се прави само во исклучителни случаи.

За тоа дали имало пропусти во текот на истражувањето на грабнувањето на Вања, како и потоа во текот на истрагата, адвокатот Митровски вели дека грешка на Спасовски е што со политички изјави му остави простор на Палчо да се брани дека е наместен под политички притисок.

„Дали имаше пропусти е малку тешко да се одговори бидејќи немаме целосен увид во истрагата, која по силата на законот е тајна. Доколку возилото е користено од одземањето од жртвата Панче до киднапирањето на Вања, тогаш можеме да говориме за евентуални пропусти во МВР, тогаш раководено од ексминистерот Спасовски, бидејќи, како што знаете, целиот град е под камерите на Сејф сити. Доколку не е управувано, не можеме да говориме за пропусти. Но за ова чинам и имаше постапка при внатрешната контрола, која не најде пропусти. Грабнувањето е на двесте метри од Владата на РМ и, како што рековте, во време на интернационален самит. Но не постои полиција што е сеприсутна во секое време. Секоја прес-конференција од тој тип е исклучиво по притисок на јавноста.“

„Ако колегата Бубевски и беше воздржан, тоа не беше случај со Спасовски, кој и во деновите потоа покажа доста чудно однесување – споделување детали што не смееше во тој момент да излезат во јавноста, за да се заштити истрагата, но и повикување на забрана на партијата Десна, со што му се остави простор на Палчо да тврди дека е наместен под политички притисок. Времето ќе покаже дека тоа ќе биде централен дел на неговата одбрана. Зошто така се однесувал Спасовски е прашање за него. Не ми е познато дали во тој момент веќе имало обезбедено материјални докази, но би било несериозно да се прави таква прес-конференција само врз основа на исказ на осомничени“, вели Митровски за МКД.мк.

За тоа дали овој случај ќе се расветли, адвокатот Митровски е дециден дека тоа ќе биде така, бидејќи се посочени местата на убиствата, каде што има најдено материјални докази.

„Да, овој случај ќе се расветли без особени тешкотии затоа што дел од осомничените ги посочија местата каде што се закопани телата од каде што се подигани материјални докази (отпушоци што ќе бидат ДНК-тестирани), а доколку е најдено и оружјето, тоа ќе биде ‘крај на играта’ (game over) за извршителот. Не би сакал да верувам дека се одело во насока да се предупреди Палчо тој да избега, но мојот впечаток е дека Спасовски се однесуваше во најмала рака чудно и непрофесионално. Колку и да притиска јавноста, истрагата е тајна со причина, не само оваа, туку сите истраги“, додава адвокатот Митровски.

Шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција лани во декември соопштија сознанија за грозоморните убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски.

Според нивните тогашни изјави, Палчо ги испукал куршумите со кои е усмртено девојчето, кое потоа е закопано во атарот на селото Бразда во Општината Чучер Сандево, како и велешанецот Панче Жежовски. Мотивот, како што кажаа тогаш Бубевски и Спасовски, се пари, но што тргнало наопаку за случајот да заврши со убиство на Вања, притворените осомничени го објасниле со своја верзија, која Обвинителството и полицијата треба дополнително да ја потврдат.

Според досегашните сознанија што ги објавија надлежните, Палевски на 27 ноември лани им давал насоки на Кешишов, Манев и Видевски, со автомобилот на претходно убиениот Панче Жежовски да ја грабнат Вања од зградата во која живее.

Сознанијата за нејзиното излегување, според нив, ги имале од нејзиниот татко. Откако ја киднапирале и ја ставиле во автомобилот, по пат им се приклучил и Палевски и заедно се упатиле кон Бразда, каде што е извршено убиството. Палевски потоа беше во бегство во Турција, а тројцата соизвршители, кои на 6 декември беа уапсени, ја признаа вината.

Шефот на скопското Обвинителство, Гаврил Бубевски, на прес-конференција посочи дека куршумот го испукал Палевски. Teлата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски беа пронајдени на 3 декември минатата година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ