сабота, 27 јули 2024

Наместо Дубаи, Тетово стана Русино, ДУИ му донесе ѓубре на Касами додека тој е во САД

Опозициската советничка група на ДУИ пред влезот на Општина Тетово остави црни кеси со ѓубре за да го потсетат градоначалникот Биљал Касами од Движењето Беса на ветувањето дека Тетово наликува на Дубаи. Тетово е постојано затрупано во ѓубре и наликува на депонијата Русино, порачаа тетовските интегративци. Касами не одговори бидејќи е во Вашингтон со лидерите на коалицијата Европски сојуз за промени.

Објавено на

часот

Сподели

Секој од советниците на ДУИ донесе и остави една црна кеса со ѓубре пред вратата на Општината, а откако камерите го забележаа дефилето, Лиридон Диша, координатор на интегративците во Советот на  Општината изјави дека Беса и градоначалникот Биљал Касами дадоа предизборно ветување дека од Тетово ќе направат Дубаи.

„Но изгубија контакт со реалноста, фокусот на нивната урбана мафија е кај милионските суми во изградба на згради и тендерите. Ги повикуваме, итно да се започне со ефикасно собирање на отпадот и да се најде трајно решение зашто Тетово фактички, наместо Дубаи, се претвора во депонијата Русино. Но штом одговорните се неспособни за одржување на хигиената во градот, треба да поднесат оставки“, изјави Диша.

Реакција ДУИ не доби, а за јавноста е пласирано соопштение со фотографии од Вашингтон, каде се наоѓа градоначалникот Биљал Касами заедно со другите двајца лидери од Европскиот сојуз за промени, Африм Гаши и Изет Меџити. Тие се пофалија за остварена средба со сенаторката Џони Ерст и за нивните напори Македонија да стане земја на Европската Унија.

„Заедно со лидерите на Сојузот, во Вашингтон имавме чест да се сретнеме со сенаторката Џони Ернст, копретседател на Групата за албански прашања на САД и претседател на Сенатот. Изразивме подготвеност да овозможиме интеграција на земјата во ЕУ и да го продлабочиме стратешкото партнерство со САД кон постојан мир и стабилност во регионот“, се вели во заедничкото соопштение.

Проблемот со собирањето на ѓубрето во Тетово трае со години. Беса е на власт во Тетово три години, претходно со градот раководеше Теута Арифи од ДУИ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ