„Убаво е секој месец да земате плата, а да имате два проценти доверба кај граѓаните. Таа е најубавата позиција, комфорна. Заседнати со кожни фотелји, со црвени дебели килими и секој ден да доаѓате на работа, да броите илјадници евра месечна плата, а кај граѓаните да уживате само два проценти доверба. Нормално е кога некој ќе сака инвазивно да делува, да направи реформа и да го реши тоа веднаш, од друга страна да имаме одбранбен механизам којшто вели – не, ние сме против тоа“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по објавата на новата германско-белгиска инвестиција.
Вели дека ќе продолжат да нудат решенија и дека треба да се направат сериозни структурни реформи. Тој лично, како што рече, би се засрамил да има доверба од два проценти.
„Нормално е дека ќе се појавуваат и таков тип експерти и таков тип на луѓе кои се дел од тие кои имаат доверба од два проценти. Јас би се засрамил да имам толку доверба и ќе ја напуштам работата што ја работам, ќе се занимавам со нешто сосема друго. А оние кои најголемиот дел од нив видовме како се поставени, наместо да се засрамат и да речат дајте навистина нешто да направиме, продолжуваат да ги трошат народните пари и испраќаат пораки во јавноста, се закануваат“, рече Мицкоски.
Претставниците на Европската унија и на САД неделава на настан организиран од Судскиот совет порачаа дека најавеното распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители е дикретно мешање во независноста на судската власт.
Идејата на премиерот за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители наиде на остри реакции од експертите, луѓето од правосудната фела но и од меѓународните претставници во земјава.