сабота, 27 јули 2024

Намалено јавното финансирање за Чарлс Трети и кралското семејство, по барање на кралот

Објавено на

часот

Сподели

Од министерството велат дека делот од профитот од кралскиот имот исплатен на кралското семејство ќе мора да се преполови од 25-те проценти давани во претходните години на 12 проценти следната година.

Чарлс и кралското семејство добиваат годишен таканаречен „Грант на суверенот“ од Министерството за финансии, врз основа на дел од профитот од Кралскиот имот, низа земјишни парцели, фарми и други имоти низ Британија.

Кралскиот имот е независна компанија со комерцијален имот во вредност од околу 16 милијарди фунти (речиси 20 милијарди долари) и вклучува некои од најскапите имоти во Лондон.

Кралскиот имот, исто така, управува со бреговите и морското дно околу Британија, а договорот за закуп на крајбрежните ветерни електрани, постигнат оваа година, генерира профит проценет на 1 милијарда фунти (1,3 милијарди долари) годишно.

Чарлс побарал профитот да се користи за „пошироко јавно добро“, наместо за финансирање на неговите службени должности.

Износот на „Грантот на суверенот“ годинава е 86,3 милиони фунти (109 милиони долари), исто како и минатата година.

Министерството за финансии соопшти дека претстојното намалување на уделот даден на кралското семејство на 12 отсто значи дека буџетот на монархијата ќе остане ист следната година бидејќи нема да ги добие дополнителните 24 милиони фунти (30 милиони долари) што би ги добиле доколку уделот останел непроменет на 25 отсто.

Потоа, во 2025 и 2026 година, буџетот на кралското семејство ќе биде 130 милиони фунти (167 милиони долари), што е помалку отколку ако процентот на уделот остане непроменет.

„Овие средства ќе се користат за витални јавни услуги, за доброто на нацијата“, се вели во соопштението на Министерството за финансии.

Чарлс е познат по тоа што се залага за „зелена енергија“, но зборува и за кризата со трошоците за живот и за притисоците со кои се соочуваат милиони негови поданици. Намалувањето на неговиот удел од профитот од договорите на ветерните електрани ќе му помогне да ги ублажи критиките дека кралското семејство не знае како живее британското општество.

Според системот на уставна монархија на Обединетото Кралство, кралевите и кралиците ѝ ги предаваат на владата профитите од имотите на круната, кои не се приватна сопственост на монархот, туку се наследни средства што му припаѓаат на суверенот само за време на владеењето. Министерството за финансии обезбедува дел од овој профит во форма на „Грант за суверенот“ за поддршка на кралските должности.

Чарлс и неговиот син принцот Вилијам имаат и приватни приходи од кралските имоти – војводствата Ланкастер и Корнвол.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ