сабота, 27 јули 2024

Намален е бројот на заболени од грип, објави ИЈЗ

Од 26 февруари до 3 март се пријавени 641 случај на грип што претставува 21,8 отсто помалку во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени оваа недела, во споредба со истиот период минатата година е намален за 3,9 проценти, покажуваат податоците од најновиот седмичен извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Во вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје пристигнале 35 материјали од рутинскиот надзор за лабораториско тестирање, паралелно тестирани за грип и ковид19. Притоа, детектирани се седум позитивни случаи на грип и тоа шет со грип А (Х1) и двајца со грип А(Х3). Регистрирани се два пациенти со ковид 19.

Според објавените податоци, најголем број пријавени случаи се во Кавадарци – 146, а во останатите, бројот на пријавени е помал или еднаков на 100.

„Во однос на возраста, 396 лица се на возраст од 15 до 64 години, 135 се деца на возраст од пет до 14 години, 68 – деца на возраст до четири години и 42 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст до четири години“, наведуваат од ИЈЗ.

Регистрирани се два смртни случаи поврзани со грип во текот на оваа недела. Се работи за лица на возраст од 39 и 66 години од Скопје и Велес, кои биле згрижени во градската општа болница 8 Септември во Скопје.

„Кај двете лица е утврдено присуство на коморбидитети – невролошки и не биле вакцинирани со вакцина против сезонски грип. Кај едното починато лице докажан е вирусот на грип A (Х1) и другото лице грип Б (Викторија)“, се појаснува во извештајот на ИЈЗ.

Во сезоната 2023/2024, вкупниот број случаи на грип – заболувања слични на грип изнесува 13.382 , во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 51 отсто, а во однос на моделот од последните 13 сезони, има намалување од 24,4 проценти.

Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани се 13 починати лица поврзани со грип.

„Се забележува намалување на бројот на заболувања слични на грип, кој е во рамки на ниска активност. Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над грипот покажуваат дека има регионална распространетост на вирусот на грип, а процентот на позитивност е над границата од 10 отсто. Според податоците од САРИ надзорот, бројот на хоспитализации е намален споредено со претходниот период. Согласно податоците од рутинскиот и САРИ надзорот, Македонија има регионална географска распространетост и низок интензитет на активност на вирусот на грип“, посочуваат од ИЈЗ.

Заклучно со деветтата недела, во земјава вакцинирани се вкупно 61.785 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ