Во земјава моментно се лекуваат 54 пациенти од пожарот, на Клинички центар се 27 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ – 11, во Градска општа болница – 10, додека на приватните клиники се лекуваат шест пациенти.
Од 116-те хоспитализирани во странство, 38 се пратени на лекување преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој Владата го активирала веднаш по несреќата, а останатите се пратени преку директна билатерална помош.
Mинистерот за здравство Арбен Таравари по состанокот на Кризниот штаб за состојбата на пациентите, вчера соопшти дека од пациентите кои се лекуваат надвор од државата, се очекува идната недела пет да бидат вратени во земјава. По тријажата која ќе им биде направена, потенцира, ќе се утврди дали ќе бидат задржани на некои од трите болници во Скопје или ќе бидат испратени на домашно лекување.
Таравари нагласи дека шест пациенти се во критична состојба, додека пак, останатите 109 пациенти се во релативно добра состојба. Од пациентите кои се во критична состојба, двајца се лекуваат во Љубљана и четири во Воено-медицинската академија во Белград.
Во врска со оние пациенти кои се очекува идната недела да се вратат во земјава, Таравари рече дека според информациите кои ги добиваат тие дури би можеле да се вратат со комерцијални летови.
„Од Италија се планира еден испис, од Шпанија се планираат два исписа, од Шведска еден испис и од Австрија два исписи. Ова е планот, но не е дефинитивно во понеделник ќе ве известиме точно. Подготвуваме протоколи кои што ќе бидат прифатени од Кризниот штаб и објавени транспарентно за да се види како ќе се третираат пациентите. Најпрво ќе ги примиме во болниците, потоа ќе ги пуштиме дома“, рече министерот Таравари.
Според Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), утре се очекуваат протоколи за враќање во земјата на првите пациенти од странство кои се во добра здравствена состојба што ќе се случи, најверојатно, во втората половина на неделата. Тимови од Израел и Велика Британија, како што рече вчера на прес-конференција, помагаат да се направи планот за враќање, рехабилитација и натамошен третман во земјата.
Според него, борбата не е завршена, затоа што сега почнува ризикот од инфекции и допрва претстои можно влошување на состојбата. Информираше дека претходниот ден биле хоспитализирани шест нови пациенти – пет на Токсикологија и еден со комбинирани – респираторни проблеми и изгореници.
Клековски соопшти дека ФЗОМ им дал насоки на матичните лекари за отстранување на ограничувања во пропишување на лекови и боледувања за засегнатите во пожарот во Кочани и за нивните семејства, со оглед на тоа што досега не биле предвидени вакви ситуации освен за заразни болести.
Најголем број од хоспитализираните во странство, 31, се во болници во Србија, 15 во Бугарија, по 12 во Турција и Грција, седум во Шпанија, по шест пациенти се на лекување во Австрија и Унгарија, пет во Хрватска, по четири пациенти во Белгија, Литванија, Италија, Шведска и Словенија и двајца пациенти во Полска.
Чешка и Израел испратиле медицински тимови додека Романија, Луксембург, Норвешка и Финска, обезбедиле логистичка поддршка за транспорт на повредените.