сабота, 27 јули 2024

НАкС: Зголемувањето на студентската партиципација нема да го реши проблемот со финансирањето на високото образование

Независниот академски синдикат (НАкС) денеска соопшти дека дискусијата по повод отпочнувањето на разговори од страна на раководството на УКИМ за зголемување на висината на студентската партиципација е во погрешна насока и нема да го реши проблемот со финансирањето на високото образование и науката во државата.

Објавено на

часот

Сподели

Од НАкС сметаат дека универзитетите треба да предлагаат решенија кои се во насока на подобрување на транспарентноста на финансирањето и реализацијата на буџетот од Министерството за образование и наука (МОН), а не во зголемување на издатоците на грбот на студентите.

„НАкС, од своето основање во 2016-та година до денеска, се бори за воведување на транспарентен систем на финансирање во високото образование. Со ова подразбираме создавање јасна методологија за креирање на буџетот на Министерството за образование и наука, со воспоставени критериуми за распределба и реализација на средствата кон различните високообразовни и научни институции, и секако, критериуми по кои се формираат платите на кадарот во секторот високо образование и наука“, соопштија од синдикатот.

Студентската партиципација, сметаат од НАкС, треба да се користи исклучиво за подигнување на студентскиот стандард, вклучувајќи ги опремата и материјалите кои им се потребни за да бидат подобри студенти, а никако за покривање на другите трошоци на универзитетите.

„Одговорноста за финансирањето на високообразовните и научните установи припаѓа исклучиво на државата и ресорните министерства, а понатака на раководствата на универзитетите и факултетите“, велат од синдикатот.

Ова доаѓа по објавите во медиумите за евентуално зголемување на партиципација на студентите. Претседателот на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, Александар Николовски  изјави дека тоа не е барање на Министерството за образование, туку станува збор за внатрешни процедури на УКИМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ