сабота, 27 јули 2024

Наке Туфекчиев кандидат за европратеник од Шведска

Кандидат за европратеник на кандидатската листа на Партијата за човековите права и демократија на Шведска е и Наке Туфекчиев (75), шведски државјанин со македонско потекло. Партијата за човековите права и демократија на Шведска (МОД) е една од политичките партии во Шведска која учествува на претстојните европски парламентарни избори што се одржуваат од 22 мај до 9 јуни.

Објавено на

часот

Сподели

„Иако конкуренцијата е јака, посакувам победа, односно избор за пратеник од Шведска во Европскиот парламент. Доколку бидам избран, ќе бидам прв Македонец роден во државата Македонија кој се нашол во таква позиција“, вели тој.

„Американскиот унилатерализам и европскиот центризам се трајно минато свршено време. Светот се развива на мултиполарна основа и Шведска мора да ја прилагоди својата надворешна политика на новата геополитичка карта на светот. Шведска мора да гради политики на активен мултилатерализам – од пријатели никогаш доста, но врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост, што подразбира: взаемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи“, пишува во изборната програма на Туфекчиев.

Тој вели дека Шведска е држава на шведскиот народ. „Но, факт е дека во Шведска значителен е процентот на доселениците во разни периоди од нејзината историја. Јас не кријам, моите корени се во Македонија, но јас сум лојален шведски државјанин, јас сум веќе неотуѓив и нераскинлив дел од шведската нација. Во Шведска сум повеќе од половина од мојот живот. Јас сум натурализиран Швеѓанец, овде оженет за Швеѓанка, моите деца се Швеѓани, кои, се разбира ги паметат и родителските корени. Но, во тоа е богатството на оваа држава на ова кралство кое ги отвори вратите за многумина од светот. И ако бидам избран во Европскиот парламент на Европската Унија, кон која и мојата прататковина претендира на членство, ќе ги штитам интересите на Шведскиот народ и Кралството Шведска, бидејќи ова е моја татковина“, вели Туфекчиев.

Ќерката на Наке Туфекчиев – Ромина Туфекчиева, исто така, е член на Партијата за човековите права и демократија и беше кандидат за пратеник во Парламентот на Шведска.

Наке Туфекчиев е прогласен за македонски сенатор, највисоко семакедонско признание кое му го додели Светскиот македонски конгрес поради неговиот македонски активизам за заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континутет, наследство и простор. Наке Туфекчиев е координатор на СМК за Шведска, Норвешка, Финска и за балтичките земји.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ