сабота, 27 јули 2024

Највисокиот суд на ЕУ пресуди во корист на двајца руски олигарси

Рускиот милијардер Михаил Фридман и неговиот деловен партнер Петр Авен вчера постигнаа ретка победа против санкциите на Европската Унија, но засега ќе останат на нишанот на казнените мерки.

Објавено на

часот

Сподели

Европскиот суд на правдата (ЕСП), највисокиот суд на ЕУ, ги укина санкциите наметнати на двајца милијардери во периодот 2022-2023 година, наведувајќи дека блокот не дал доволно докази дека двајцата ги поддржувале акциите или политиките на Кремљ против Украина.

Иако нема веднаш да резултира со промени, одлуката е понижувачка за блокот, кој воведе санкции за повеќе од 1.700 поединци и ентитети за кои се верува дека се директно вклучени, имаат корист или на друг начин се соучесници во руската инвазија на Украина.

Портпаролот на судот рече дека санкциите поврзани со одлуката веќе се истечени. Тој посочи дека двајцата бизнисмени во моментов остануваат под санкции на ЕУ затоа што се воведени во март 2023 година и минатиот месец и дека тоа се одвоени случаи, кои се допрва во почетна фаза.

Фридман и Авен се главни акционери во конгломератот Алфа група, кој ја вклучува водечката приватна руска банка Алфа банка и најголемиот малопродажен синџир за храна Икс5 ритеил груп. Фридман вчера изјави дека тој и Авен се „задоволни“ од одлуката на судот.

Санкциите на ЕУ против поединци и субјекти вклучуваат забрани за патување и замрзнување имот.

Додека повеќето од казнените мерки на ЕУ остануваат во сила, ЕСП минатиот месец ги укина санкциите против рускиот поранешен Формула 1-возач Никита Мазепин. Во март, ЕУ одлучи да не ги продолжи санкциите против тројца мажи, меѓу кои и еден од основачите на рускиот интернет-гигант Јандекс, Аркадиј Волож, кој ја осуди војната на Русија против Украина како „варварска“.

Портпаролот на Судот рече дека се поднесени десетици жалби на санкциите. Во февруари, Судот отфрли две, меѓу кои и една од руско-узбекистанскиот металуршки и телекомуникациски тајкун Алишер Усманов.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ