Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им порача на либанските граѓани да ги напуштат областите каде Израел го гаѓа Хезболах, додавајќи дека неговата земја не е во војна со нив, туку со групата поддржана од Иран.
Како што пренесува Си-ен-ен, илјадници луѓе ги напуштаат своите домови откако добиле автоматизирани повици и СМС-пораки во кои се повикуваат да се евакуираат.
Израелската војска соопшти дека се подготвува за своите „следни фази“ по нападот и не исклучува можност за копнена инвазија. Хезболах објави дека е во тек „битка без граници“. Иран, исто така, го предупреди Израел за „опасни последици“ по израелските напади.
Агенциите јавуваат дека Франција побарала Советот за безбедност на ОН да одржи итен состанок откако Израел го започна најсилниот бран воздушни напади против иранскиот Хезболах во Либан во последните неколку децении.
„По денешните напади на Либан, кои однесоа стотици животи, повикав на итен состанок на Советот за безбедност на ОН“, напиша во вторникот на платформата Икс новиот француски министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Израелската војска (ИДФ) соопшти дека погодила 1.300 цели на Хезболах во Либан.
ИДФ соопшти дека нападнала крстаречки ракети, ракети и беспилотни летала кои биле „сместени во домови на цивили“, тврдејќи дека Хезболах планирал да ги лансира кон Израел, „а истовремено загрозувајќи ги жителите на Либан“.