сабота, 27 јули 2024

Најмалку по 10 години затвор за родителите на момче кое извршило масовно убиство во училиште во САД

Родителите на момче кое извршило масовно убиство во училиште во американската сојузна држава Мичиген се осудени на најмалку по 10 години затвор поради тоа што не презеле чекори кои можеле да го спречат убиството на четворица ученици во 2021 година.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Џенифер (46) и Џејмс (47) Крамбли се првите родители осудени за масовно убиство во училиште во Соединетите Американски Држави.

Тие претходно беа прогласени за виновни за убиство од небрежност на посебни судења во февруари и март за време на кои обвинителите понудиле докази за необезбеден пиштол во нивната куќа и нивната незаинтересираност за менталното здравје на синот тинејџер.

Осудени се на казна од десет до 15 години затвор за убиство од небрежност.

„Овие пресуди потврдуваат повторени акции, или недостиг од акции, кои можеле да спречат заканувачка катастрофа“, кажа судијата на судот во Понтијак во сојузната држава Мичиген и ги осуди на иста казна од десет до 15 години затвор, минус две и пол години колку што веќе минале во притвор.

Нивниот син Итан Крамбли нацртал мрачни слики на пиштол, куршум и ранет човек на задача по математика со напишана фраза дека не знае зошто живее. Персоналот во средното училиште Оксфорд ги повикало родителите тој ден за да им го покажат загрижувачкиот цртеж и биле изненадени што родителите не го земале детето со себе по тој разговор, туку го оставиле во училиштето.

Тој подоцна истиот ден 30 ноември 2021, тогаш 15-годишен, извлекол пиштол од својот ранец, кој никој претходно не се сетил да го провери, и почнал да пука во училиштето. Убил четворица соученици и ранил седум лица.

Итан, кој сега има 17 години, служи доживотна казна затвор за убиство и други кривични дела.

Родителите на убиените во училиштето во сојузната држава Мичиген побарале од судијата да ги осуди родителите на Итан на најмалку 10 години затвор, осудувајќи ги како лица кои не успеале и чие самољубие довело до четворица мртви и трагедија во заедницата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ