среда, 18 септември 2024

Најмалку осум загинати во поплавите во Европа, во Полска е прогласена состојба на природна катастрофа (ФОТО+ВИДЕО)

Бројот на загинати во поплавите во централна Европа во неделата се искачи на осум, откако илјадници луѓе беа евакуирани од своите домови во Полска, Чешка, Австрија и Романија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Циклонот, наречен Борис, донесе обилни дождови од Австрија до Романија, што доведе до најголемите поплави во речиси три децении во тешко погодените области на Чешка и Полска.

Илјадници куќи беа оштетени за време на викендот, мостови беа однесени, а најмалку 250.000 домаќинства – главно во Чешка – останаа без струја.

Едно лице се удави во неделата во југозападна Полска, пожарникар кој учествувал во спасувачки операции загина во Австрија, а уште две лица загинаа во Романија, каде поплавите однесоа четири животи во саботата.

Како што пренесуваат локалните портали, во градот Гологлов во Полска автомобил во кој се возеле родители и две деца бил однесен од порој. Автомобилот бил на улица, но поројот дошол толку брзо и бил толку силен што не можеле да излезат од автомобилот. За среќа, пожарникарите успеале да го спасат семејството.

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека неговата влада ќе прогласи состојба на природна катастрофа додека се бори со разорните поплави.

„По консултација со надлежните министри и служби, наредив подготовка на уредба на Советот на министри за воведување состојба на природна катастрофа“, напиша Туск на Икс.

Состојбата на природна катастрофа ѝ дава на владата поголема контрола за да ги задржи и да се справи со последиците од катастрофата, што може да вклучува ограничување на одредени слободи и права.

Полски репортер објави слики од градот Клодско откако нивото на водата падна за 3 метри.

„Сè што градевме со години исчезна“, вели еден жител.

Се чини дека во Св. Полтен пукнал уште еден дел од браната на реката Трајзен, во близина на државното спортско училиште. Пожарникарите веќе се на пат таму. Според ОРФ, пукнатината наводно е широка и до 60 метри, а слични оштетувања на насипите неодамна се санирани со помош на големи вреќи.

Прогласена е катастрофа за цела Долна Австрија.

Иако ноќта беше мирна во Долна Австрија, сè уште не е завршено. За денеска повторно се предвидува пороен дожд. Се предвидуваат до 60 литри дожд на метар квадратен. Прогнозите на метеоролозите велат дека ситуацијата нема да се смири до средината на неделата.

Во Виена, метрото делумно е запрено и сè уште работи само во ограничен обем. До некои згради може да се стигне само со чамец.

Во Долна Австрија, која беше тешко погодена од поплави, во текот на викендот биле спасени стотици луѓе. Според извештајот на противпожарната служба, само во областа Св. Полтен до доцна во неделата навечер биле спасени 304 лица.

Покраината е прогласена за област на катастрофа од неделата и е во „кризен режим“, според заменик-гувернерот Стефан Пернкопф. „Ноќта помина мирно“, изјави утринава за АПА Клаус Стебал од државната противпожарна служба.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ