четврток, 26 декември 2024

Најмалку 29 лица загинаа во израелските напади низ Либан

Најмалку 29 лица загинаа денеска во израелски напади во неколку области низ Либан, особено во нападите врз јужните предградија на Бејрут, упориште на Хезболах, соопшти либанското Министерство за здравство.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Либанското исламистичко движење Хезболах отвори фронт против Израел на 8 октомври 2023 година за поддршка на палестински Хамас во Појасот Газа.

По речиси една година прекугранично пукање, ситуацијата на 23 септември прерасна во отворена војна, кога израелската армија изврши силни напади врз Либан.

Главните цели на нападите се упориштата на Хезболах на југот и на истокот на земјата, но во некои напади беа погодени и региони каде што Хезболах традиционално го нема.

Денеска 12 лица загинаа, а осум се ранети во планинската област Шуф, јужно од Бејрут, соопшти Министерството за здравство.

Либанската национална новинска агенција Ани објави дека нападот бил вперен кон станбена зграда во која биле сместени раселените луѓе што избегале од израелските бомбардирања.

На неколку километри северно во планинскиот регион Алеј, источно од Бејрут, загинаа осум лица, а неколку други беа ранети, соопшти Министерството.

Безбедносен извор за АФП изјави дека нападот бил насочен кон вилата во која се засолниле раселените.

На југот на Либан, каде што од 30 септември израелската армија врши упади на либанска територија, седум лица загинаа во напади врз местата Тефахта и Румин, објави Министерството.

Израел, исто така, го гаѓаше големиот град Набатиех, како и крајбрежниот град Тир, кој е редовно бомбардиран во последните денови.

Покрај тоа, две лица беа убиени во напади во областа Херел во источната долина Бека, која граничи со Сирија и каде што Хезболах има упориште. Од друга страна, проиранскиот Хезболах објави дека истрелал ракети на воздухопловна база јужно од Тел Авив во центарот на Израел, како и експлозивни беспилотни летала во воена база во близина на градот Нахарија на северот на земјата. Двајца жители на Нахарија загинаа во ракетен напад, соопштија израелските градски власти.

Израел утрово изврши 13 воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут, јави агенцијата Ана, а тоа уследи по израелскиот повик за евакуација во неколку области на градот.

Од крајот на септември, израелската авијација редовно ги бомбардира јужните предградија на Бејрут, каде што пред тоа живееја меѓу 600.000 и 800.000 луѓе.

Израелската војска соопшти дека гаѓала терористички цели на Хезболах во јужен Бејрут и командни центри, локации за производство на оружје и друга терористичка инфраструктура.

Според либанските власти, повеќе од 3.300 луѓе загинале од почетокот на конфликтот во октомври 2023 година, а најмногу загинале од септември.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ