Единаесет смртни случаи се резултат на пожарот во Итон во близина на Пасадена, а другите пет се последица на оној во округот Пацифик Палисејдс. Неколку големи пожари горат во пошироката област на Лос Анџелес од вторникот, но овие два се најтешки. Се очекува бројот на загинатите да се зголеми кога пожарникарите ќе можат да вршат пребарувања од куќа до куќа.
Пожарот ѝ се заканува на густо населената долина Сан Фернандо, како и на музејот Гети и неговите непроценливи уметнички дела.
Националната метеоролошка служба синоќа предупреди на зголемени ветрови во окрузите Лос Анџелес и Вентура и повторно в понеделник доцна навечер.
10.000 објекти се уништени или оштетени во пожарите што продолжуваат да горат во Лос Анџелес. Во сила е наредбата за евакуација за околу 100.000 жители. Речиси 30 лица беа уапсени во Палисејдс и Итон за кражби, грабежи и поседување дрога.
Од шесте пожари што ја зафатија областа на Лос Анџелес, три се ставени под контрола и во нив се изгасени 50 и повеќе проценти од областа под оган, додека најголемиот пожар во Пацифик Палисејдс сѐ уште не е под контрола, како ни тој во Итон и во Арчер, пренесуваат американските медиуми.
Пожарникарите во моментов можат да користат авиони за да ги локализираат пожарите, но постои голема загриженост за ширењето на жарот поради зголемените ветрови, рече шефот на противпожарната служба во Лос Анџелес, Дејвид Акуна, кој истакна дека на локалните противпожарни екипи им се придружуваат колегите од другите делови на Калифорнија, како и од седум други американски држави, Канада и Мексико.
Во меѓувреме, најмалку 27 лица се уапсени во Палисејдс и Итон, области каде што се активни најголемите пожари во Лос Анџелес.
Поголемиот дел од апсењата биле за кражби, грабежи и поседување дрога, а меѓу уапсените имало и две лица што биле приведени поради кршење на полицискиот час во тие области, соопштија градските власти.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, го повика новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да ја посети Калифорнија и да ја испита штетата предизвикана од смртоносните шумски пожари во округот Лос Анџелес.
„Третина од источниот дел на Малибу повеќе не постои“
Малибу изгуби третина од источниот дел на градот, потврди градоначалникот Даг Стјуарт.
На состанокот на заедницата во саботата вечерта, Стјуарт истакна дека градот претрпел три пожари во изминатите три месеци, но пожарот во Палисејдс беше најразорниот досега.
„Прекрасните домови покрај автопатот Пацифик Коуст ги нема, а истото важи и за населбата Биг Рок“, рече Стјуарт.
Тој додаде дека жителите се соочуваат со „огромна задача за обнова“ и предупреди дека битката со пожарот сè уште не е завршена. Тој особено нагласи дека најавените силни ветришта од пустината може дополнително да ја отежнат работата на противпожарните екипи во текот на неделата.