сабота, 27 јули 2024

Најлошиот масакр во Иран од исламската револуција. Најавуваат „многу силна одмазда“

Иранската револуционерна гарда и потпретседателот Мохамед Мокбер денеска најавија одмазда за терористичкиот напад во кој еден ден претходно загинаа речиси 100 лица на церемонијата на 4-годишнината од убиството на командантот Касем Сулејмани, кој беше убиен во напад со американско беспилотно летало во Ирак.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ќе добијат многу силна одмазда, од рацете на војниците на Сулејмани“, им рече Мокбер на новинарите во болницата каде што беше во посета на некои од повредените во најкрвавиот напад во Иран од Исламската револуција во 1979 година.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападите.

Официјален претставник на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден изјави дека двете експлозии личат на „терористички напад“ какви што во минатото вршеле милитантите на Исламската држава.

Во соопштение за печатот, Иранската револуционерна гарда го нарече нападот кукавички чин чија цел е „да создаде несигурност и да бара одмазда за длабоката љубов и посветеност на нацијата кон Исламската Република“.

Револуционерната гарда, исто така, тврди дека нападот ја зајакнува одлучноста за „праведно да се казнат виновниците“.

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси го осуди „грозоморното и нехумано злосторство“, а врховниот лидер ајатолахот Хамнеи исто така најави одмазда.

Техеран често ги обвинува своите најголеми непријатели, Израел и САД, дека ги поддржуваат антииранските милитантни групи. Во 2022 година, Исламската држава ја презеде одговорноста за смртоносниот напад на шиитско светилиште во Иран во кој загинаа 15 луѓе. Во 2017 година, таа група го нападна и иранскиот парламент и гробот на основачот на Исламската Република, ајатолахот Хомеини. Напади во Иран организирале и етнички арапски сепаратисти и Белучи милитанти.

Стотици приврзаници на Сулејмани се собраа вчера во неговиот роден град за да ја одбележат четвртата годишнина од неговото убиство. Сулејмани беше убиен на 3 јануари 2020 година во напад со американско беспилотно летало на аеродром во Багдад. Иран потоа возврати со напад на две ирачки бази со американски војници.

Клучниот командант на елитните сили Кудс, дел од Силите на Исламската револуционерна гарда, Сулејмани предводеше операции во странство и беше клучен во долготрајната кампања на Иран во протерувањето на американските сили од Блискиот Исток.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ