сабота, 27 јули 2024

Најголемото индијанско племе во САД е против планот на НАСА да испрати човечки остатоци на Месечината

Соединетите Американски Држави наскоро ќе го лансираат своето прво вселенско летало во обид за меко слетување на Месечината од времето на мисиите Аполо, во историска соработка со приватниот сектор која не ја прифатија сите добро.

ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Народот Навахо, најголемото американско домородно племе, изрази загриженост за присуството на кремирани човечки остатоци во леталото, а мисијата ја нарекоа „сквернавење“ на Месечината која има свето место во нивната култура.

Лендерот Перегрин на Астроботик треба да биде лансиран на 8 јануари на ракета на компанијата Јунајтед лонч алајанс, која тргнува на своето прво патување во рамки на комерцијалното партнерство на НАСА за да се заштедат парите на американската вселенска агенција.

Научните инструменти на Перегрин ќе ја истражуваат радијацијата на површината на Месечината, помагајќи ѝ на НАСА подобро да се подготви за мисиите со екипаж кои таму ќе бидат испратени подоцна оваа деценија во рамки на програмата Артемис.

Приватната компанија ќе пренесе и пратки на други две приватни компании кои вклучуваат кремирани остатоци и ДНК за засекогаш да останат на Месечината, но во лендерот.

Компанијата Селестис има во нејзината пратка 69 поединечни посмртни остатоци, вклучувајќи ги покојниот творец на Ѕвездени патеки Џин Роденбери и писателот на научна фантастика Артур Ц. Кларк.

Лидерот на народот Навахо Бу Нигрен им изрази во писмото од 21 декември на функционерите на НАСА и американското министерство за сообраќај „длабока загриженост и разочарување околу прашањето на најголема важност“ и побара од НАСА да го одложи лансирањето. „Месечината има свето место во многу домородни култури па и во нашата“, напиша Нигрен.

НАСА се извини и се обврза во иднина да се консултира со Индијанците.

Администраторот на НАСА за истражување Џоел Кернс кажа дека владин тим договорил средба со народот Навахо, но истакна дека агенцијата нема контрола врз товарот на својот приватен партнер.

„Многу, многу сериозно ја сфаќаме загриженоста на народот Навахо и ќе продолжиме да разговараме“, им кажа Кернс на новинарите.

Компанијата Селестис објави дека го почитува верското право на сите култури, но дека „ниедна култура или религија не би требало да стави вето на вселенските мисии од верски причини“. Негирајќи дека мисијата „ја сквернави Месечината“, компанијата истакна дека кремираните остатоци ќе останат во лендерот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ