Во пресудите за предметот Тврдина, констатирано е дека поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска не е виновна, односно нема релевантни докази за нејзина одговорност. На поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков му застаре делото, а поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски кои избегаа од Македонија во Грција се осудени на 14, односно на девет години и десет месеци затвор. На затворска казна од три години е осуден и поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Валентина Симоновска доби условна казна затвор.
Ослобоедената од обвинението, Гордана Јанкулоска, напиша на социјалните мрежи дека нејзината борба за правда продолжува и се надева дека ако не во кривична постапка, тогаш во граѓанска постапка ќе се утврди кој го вршел прислушувањето.
„Календарски помина речиси една деценија, а како да поминаа три животи на некој што доживеал длабока старост. Само семејството и релативно мал круг блиски луѓе и пријатели знаат како изгледаа овие години“, напиша поранешната министерка за внатрешни работи.
Универзитетскиот професор по кривично право, Гордан Калајџиев, временскиот период на развлекување на оваа афера со прислушувањето, го опишува како „толку долг, за јавноста дури и да ги заборави сите актери во неа“, но дека е лошо за државата, за правосудството и воопшто за правдата, што судските постапки за една таква капитална афера не завршија успешно.
„По десетина години развлекување на аферата за прислушување, која од видот на капитален предизвик за правниот систем, правдата и воопшто за државата Македонија, како јавност не добивме разјаснување од судот, некоја јасна претстава кој и зошто прислушувал.
Уште пред најмалку пет години констатирав дека судските постапки за аферата за прислушувањето нема да ги донесат очекуваните одговори за јавноста, зашто немаше развиено уверлива теза, кој и зошто прислушувал, а немаше ни многу уверливи докази. Не сум среќен што таа моја констатција од пред пет години се потврди со пресудите за овој преостанат предмет Тврдина, од целата афера со прислушувањето. Всушност, овој случај беше за одговорноста на тие што ја уништувале опремата за прислушување, а оној со кој требаше да се утврди одговорност за оние што давале налог за прислушувањето, уште претходно неславно пропадна. Сега сме во ситуација да констатираме дека аферата прислушување останува ‘црно петно’ за државата, безбедносните служби очигледно и понатаму остануваат ‘недопирливи’ за граѓанскиот надзор, а јавноста не може да има доверба дека и понатаму не се прислушува и дека не може да ни се повтори таква афера“ , вели професорот Гордан Калајџиев.
Поранешениот шеф на УБК, Сашо Мијалков беше обвинет за три кривични дела (злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и примање награда за противзаконито влијание), но поради застарување на делото постапката против него е запрена.
Повторената пресуда за Тврдина следеше откако застаре гонењето за првиот дел од овој случај познат како Таргет, а се однесуваше на масовното прислушување на илијадници граѓани. Случајот Таргет-Тврдина беше предмет на критики затоа што пред да ја укине пресудата, предметот стоеше во фиока девет месеци кај апелацискиот судија Енвер Беџети, а Судскиот совет за тоа го казни со парична казна. Во декември минатата година судија Беџети беше ставен на црната листа на САД поради „вклученост во значителна корупција“.
Аферата со прислушување, која започна во 2015 година, со објавување на прислушувани материјали од страна на политичката партија СДСМ, која тогаш беше во опозиција, беше причина за многу правни експерименти во Македонија, кои излегуваа од рамките на Уставот, но и од утврдените правни стандарди, што подоцна во праксата предизвика многу контроверзи. Оваа афера беше главната причина за формирање на Специјалното јавно обвинителство, кое доживеа дебакл во 2019 година, а односните предмети Тврдина ( и Таргет) се дел од неговото „наследство“, кои ги презема редовното јавно обвинителство. Како резултат на континуитетот на дебаклите, правосудството во сиве овие години не може да закрепне и да си ја зголеми довербата на јавноста која се движи во маргините до 2 отсто.
Поранешниот претседател на Врховниот суд на Македонија, Дане Илиев, смета дека последните пресуди за предметот Тврдина, кои произлегуваат од аферата со прислушувањето, нема да придонесат за подобрување на статусот на довербата во судството и во системот на правда во државата.
„Клучниот момент кој го одреди исходот на судските случаи кои требаа да ги дадат одговорите на прашањата од аферата со прислушувањето се измените во Кривичниот закон, кои овозможија застарување на предметите. Не може да се скрие впечатокот дека во пресудите има и мотив на некаква политичка компензација, а уште помалку може да се скрие дека ваквата разрешница е неуспех на судот и обвинителството. Ретки се вакви случаи од капитална важност за државата, кои сепак немаат голема тежина, во смисла на обемност и правен предизвик за докажување. Нема многу дејствија во случајот, за да се развлекува десетина години. Не требаше десетина години да молчи судот, а уште помалку обвинителството“, смета судијата Дане Илиев.
Доминантниот впечаток во јавноста по пресудите за Тврдина е дека одговорноста повторно е префрлена на извршителите, односно „споредните ликови“, па и „статисти“ во најголемата афера во Македонија, за прислушување на околу 20.000 граѓани. Притоа, главните извршители не се достапни на македонската правда, а на оние кои според хиерархиската позиција им следува најголемата одговорност – делото им е застарено, или нема докази за нивно учество.
Сепак, според судијата Илија Трпков, одговорноста за овој предмет ќе ја задоволи барем малку, како што кажа, правдата за прислушувањето во Македонија.
„Повредени беа човековите права на огромен број граѓани, бизнисмени и политичари. Се упадна во приватноста. Со прислушувањето се контролираа процеси и се контролираа бутновните граѓани. Со упадиот во системот, се овозможи кривичното дело за прислушувањето да застари. Со прислушуваните разговори целата држава се држеше под заложништво. Јас добив впечаток дека обвинетите многу знаат за тоа што се случувало со прислушувањето, како да не сакаат да посочат некого, како да сакаат да скријат некого. Обвинетата Силвана која во текот на постапката почина, си однесе сѐ со нејзе. Кај дел од обвинетите има страв, но и гнев – тоа е личен впечаток“, рече судијата Трпков при објавувањето на пресудата за случајот Тврдина.
Јасминка Павловска