сабота, 27 јули 2024

Најдобрите фудбалски стрелци ни завршуваат во европската кал

Објавено на

часот

Сподели

Иако се знае дека рејтингот на фудбалерите од македонското првенство е многу низок во светот, сепак не ни годи кога ќе видиме дека двајца од првите три стрелци на есенската полусезона заминуваат во „второкласни“ клубови од потпросечни фудбалски земји.

Баже Илијоски е пред трансфер во романскиот Брашов

Така, еден од најдобрите фудбалери во македонското првенство, напаѓачот на Металург Баже Илијоски, треба да оди на тестови во Брашов, екипа што е 12-та во романското првенство. Илијоски сезонава за зелено-белите од Автокоманда постигна 10 гола, тој е еден од ударните игли на клубот под водство на Ѓорѓи Христов, згора на тоа има и солидно интернационално искуство, но сепак има понуда да замине во релативно слаба екипа.

Слична судбина има и Благоја Гешоски, досегашниот напаѓач на прилепскиот прволигаш 11 Октомври. Тој е пред трансфер во австрискиот второлигаш, ФЦ Фирст Виена, инаку една од трите екипи – најсериозни кандидати за испаѓање од второто по ранг австриско натпреварување. Исто како и Илијоски, и Гешоски за една полусезона постигна 10 гола.

За да биде трагедијата уште поголема, и двајцата македонски фудбалери не одат во клубовите за да потпишат договори, туку одат на неколкудневна проби, со цел да ги импресионираат менаџерите, па дури тогаш би следувала конечна разврска.

Гешоски оди во австриски второлигаш пред испаѓање

Во последниве неколку години, чест на исклучоците, мака мачиме да ги најдеме новите клубови на нашите фудбалери што потпишуваат во Виетнам, Мјанмар, Сингапур, Индонезија… Пред неколку сезони изгледот на нашата репрезентација беше – четворица фудбалери од германската Бундеслига и еден од Серија А, а другите беа стандардни за своите тимови од Русија, Австрија, Кипар. Сега имаме само двајца фудбалери од најдобрите пет лиги во Европа, а другите во најдобар случај играат во Кипар или во Украина.

Пред неполн месец беа објавени трансфери на неколку македонски фудбалери, и тоа Глигор Глигоров во Сингапур, Горан Ганчев (Индонезија), Никола Карчев (Мјанмар), Николче Клечкаровски (Виетнам), а од „егзотичните“ дестинации – во Саудиска Арабија играат Зоран Балдовалиев и Шакир Реџепи, во Казахстан настапува Боби Божиновски, а во Молдавија се Горан Димовски и Јасмин Мециновиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ