Најпрецизна, но и најмудра дефиниција за дилемата „најдобар на сите времиња“ даде токму еден од кандидатите Мајкл Џордан, кој запрашан во врска со оваа тема изјави: „Таков едноставно нема! Не може да се споредат играчи од различни декади и различни времиња бидејќи кошарката и НБА со времето еволуираа“.
Апсолутно правилно. Може да има најдобар во одреден период, кошаркар кој со своите играчки квалитети доминирал во лигата низ една или две декади и доколку тој период ви е омилениот, веројатно и најдобриот кошаркар од тоа време за вас е најдобриот на сите времиња.
НБА памети навистина големи кошаркари, играчи што го сменија изгледот на овој спорт и привлекоа цели генерации да играат кошарка и да бидат приврзани кон најдобрата лига на „кралицата на игрите’.
Меѓу тие кошаркари три имиња имаат посебно место, а за многумина чие мислење посебно се цени како на пример Меџик Џонсон и Лери Брд, токму во овие тројца го наоѓаат својот фаворит за звањето G.O.A.T. – The Gretest of all time: Бил Расел, Вилт Чембрлен и Карим Абдул Џабар.
Бил Расел: како се гради династија
Додека играчите како Мајкл Џордан и Вилт Чембрлен се дел од дискусиите за најдобар на сите времиња првенствено поради нивните речиси нестварни индивидуални можности и талент, успехот на Бил Расел се мери со еден многу поредок, но и позначаен стандард: освоени шампионати. Расел е човекот со повеќе шампионски прстени од прсти на рацете. 11 НБА титули во вкупно 13 НБА сезони, 85% успех вкупно во својата играчка кариера! Просто неверојатно. Дури 7 титули повеќе од ЛеБрон Џејмс и 5 повеќе од Мајкл Џордан. Притоа неговиот удел во шампионската династија на Бостон Селтикс не се сведува на едноставен дел од тимот, туку на клучен штраф во системот на легендарниот тренер Ред Ојербах. Осум од овие 11 титули Селтикси со Бил Расел ги освоија едноподруго. Во своите први 10 НБА првенства, пред доаѓањето на Расел, Бостон не освои ниту една титула. Првата дојде во дебитантската сезона на Бил Расел 1957-ма, иако на тимот му се приклучи на половина од сезоната поради учество на Олимписките игри во Мелбурн 1956-та на кои го предводеше тимот на САД до златниот медал. Ред Ојербах знаеше за каков спортски талент се работи. Во неговите три колеџ сезони во Универзитетот Сан Франциско оствари просек од речиси 21 поен и 20 скокови по натпревар. Но, пред да дојде до својот НБА тим, Расел ги презентираше своите од Бога дадени физички квалитети и во атлетиката. Во 1956-та, тој беше седмо рангиран атлетичар во светот во скок во височина со 206 цм, исто колку што имаше и тогашниот првак на САД Чарли Думас, кој на истите Олимписки игри 1956-та го освои златниот медал како прв во светот што прескокнал 7 фита (214 цм). На драфтот истата таа 1956-та година Сент Луис Хокс го одбраа Расел како втор, но се согласија да го отстапат на Бостон во замена за првата ѕвезда на Селтикси, 6-кратниот Ол Стар, Ед Меколи. Сѐ потоа е историја за една од најсјајните ѕвезди на кошаркарскиот терен и една од најдолгите кошаркарски династии во НБА лигата. Во своите 13 НБА сезони, покрај 11-те титули првак од кои во две учествуваше и како играч-тренер, Бил Расел беше и пет пати НБА МВП, 12-кратен Ол Стар, четири пати најдобар скокач во лигата. Во сите 13 сезони оствари дабл-дабл просек во поени и скокови, а вкупно низ кариерата во 963 одиграни НБА натпревари дојде до просек од 15 поени, 22,5 скокови и фантастични 8,1 блокови по натпревар. Еден од нестварните натпревари на Расел беше против Сан Диего на кој имаше учинок од 12 кошеви, 20 скокови и 20 блокови! Сo неговата способност да го заштити обрачот со блокови, да ги сече додавањата и да ги ремети шутевите на противникот може да се спореди само уште еден единствен кошаркар – Вилт Чембрлен. Токму тој дефанзивен начин на игра и сфаќањето дека натпреварот се добива на својата половина од теренот го издвојуваа од сите останати играчи во неговата генерација, а и подоцна. Но и надвор од кошарката Бил Расел остави голем траг. Тој беше пионер во борбата против расните бариери и еден од најистакнатите афроамерикански спортисти во време на расна сегрегација. Расел ја искористи својата популарност да се залага за расна еднаквост и правда. Таа негова активност го зацврсти неговото наследство не само како одличен кошаркар, туку и исклучително влијателна личност во американската историја.
Вилт Чембрлен: Кошаркарската легенда што ја редефинира играта
Вилт Чембрлен не беше само кошаркар, тој беше икона која целосно го преобликува начинот на кој се игра и гледа кошарката. Сo височина од 214 цм и комбинација од вештина и сила без преседан за неговото време, Чембрлен стана една од најдоминантните фигури во историјата на кошарката и на НБА лигата.
Кошаркарската кариера ја започна како тинејџер во дресот на Овербрук средното школо од Филаделфија. Како чудо од дете, на еден од натпреварите успеа да постигне 90 поени во само 28 минути на теренот од кои 15 за само една минута! Следуваа настапи на колеџ сцената во дресот на Универзитетот Канзас, каде што помина само три години во кои оствари просек од 30 поени и 18,3 скокови по натпревар. Многу интересен момент од неговата кариера е сезоната 1958-ма кога, по 3-те колеџ првенства, потпиша за Харлем глобтротерс и со нив како патувачки циркус ја крстареше Америка. Иако сакаше, не можеше да замине директно во НБА бидејќи во тоа време лигата не смееше да ангажира студенти кои не завршиле четири години колеџ. А, за потписот со Глобтротерс доби за тогашни услови фантастични 65.000 долари за една година.
На НБА драфтот 1959-та го избраа Филаделфија/Сан Франциско Вориорс и веднаш по неговото стапнување на НБА терените почна да руши рекорди со истата фрекфенција со која другите ги поставуваа. Уште во својата прва НБА сезона покажа дека ќе ја доминира лигата станувајќи најдобар дебитант, но истовремено и МВП на првенството. Еден од најпознатите подвизи на Чембрлен, и веројатно врв на неговото индивидуално достигнување, беа 100-те поени постигнати на 2 март 1962 година, против Њујорк Никс. Во првата четвртина постигна 23, во втората 18, во третата 28 и во последната 31 кош! Бројки од секоја четвртина што се сметаат за одличен учинок за секој денешен кошаркар за еден цел натпревар. Само три месеци претходно против Лос Анѓелес Лејкерс реализира 78 поени и го сруши рекордот на Елџин Бејлор од 71 кош. До денес, стотката против Никси е еден од најнедостижните рекорди во светот на спортот.
Статистичките подвизи на Вилт Чембрлен низ целата негова кариера се легендарни. Во текот на неговите 14 НБА сезони оствари просек од 30,1 поени и 23 скока по натпревар. Беше прв стрелец на лигата сеум пати и 11 пати најдобар скокач. Сезоната 1961/62 стигна до неговата статистички најневеројатна индивидуална сезона со просек од фантастични 50,4 поени по натпревар, рекорд кој стои и денес, а многу веројатно дека никогаш нема да биде ниту надминат. Таа сезона оствари уште еден несфатлив рекорд играјќи просечно 48,5 минути по натпревар, што значи дека поминал помалку минути одморајќи се на клупа во текот на регуларниот дел од сезоната, отколку што играл во натпреварите со продолженија! Можеби уште поневеројатен беше учинокот од 55 скока на еден натпревар и тоа против Бостон Селтикс и против директниот чувар – Бил Расел! Заради него НБА беше принудена да го смени правилото за изведување на слободни фрлања: на почетокот од кариерата слободните фрлања ги изведуваше на начин што ќе се повлечеше два чекора зад линијата ќе се одразеше по двочекорот и ќе ја забиеше топката во обрачот! Токму поради тоа беше донесено правилото играчот што шутира да не смее да влезе во рекетот пред топката да го допре обрачот.
Во НБА кариерата освои две шампионски титули, 1967-ма предводејќи ги Филаделфија 76 против фаворизираниот Бостон Селтикс и 1972-ра во дресот на Лејкерси против Њу Јорк во една серија од пет натпревари по која дојде и до единствениот трофеј за МВП на финалето. Следната година се повлече од активното играње кошарка на свои 36 години. Неговите физички квалитети и врвна шутерска вештина беа вистинска револуција во кошарката, а достигнувањата што тој ги постави како стандард имаа огромно влијаение врз модерниот стил на игра. Неговото име засекогаш ќе биде синоним за величина, а неговите рекорди стојат како монументални достигнувања во историјата на кошарката.
Карим Абдул-Џабар: Наследство на една кошаркарска икона
Карим Абдул-Џабар е еден од најголемите кошаркари што некогаш го украсил кошаркарскиот терен, а неговото наследство, изградено на неговиот редок талент и достигнувања постигнати во период од цели две децении, меѓу кои и шест шампионски прстени, шест НБА МВП титули и многу други признанија, сведочи за еден од најсјајните периоди во историјата на лигата.
Хорог шутот на Карим Абдул-Џабар, како негов заштитен знак, не само што беше незапирлив, туку и револуционерен. Височината од 218 цм и распон на рацете од фантастични 2 метра и 54 цм му дадоа предност што никој не можеше да ја достигне. Неговиот грациозен хорог упатен високо над одбранбениот играч, го промовира Абдул-Џабар во офанзивно оружје за кое одбрана не постои. Тој својот хорог заштитен знак го усоврши со години упорно тренирање и го претвори во еден од најпознатите шутеви во историјата на кошарката. Повеќето од своите вкупно 38.387 поени во кариерата, Абдул-Џабар ги собра преку хорог шут. Долго време оваа бројка му ја носеше титулата најдобар стрелец во НБА на сите времиња, сѐ додека Леброн Џејмс не го собори рекордот во 2023 година. Сепак, не беше само бројот на поените што ја дефинираа неговата игра, туку и начинот на кој танцуваше на теренот. Неговиот стил беше редок спој на финеса и моќ, комбиниран со софистицирано разбирање на играта и со доминантно присуство во рекетот. Карим Абдул-Џабар е шесткратен НБА шампион, освојувајќи ги титулите со два тима, Милвоки Бакс и Лос Анџелес Лејкерс. Два пати беше прогласен за МВП на финалето и шест пати за МВП во регуларниот дел од сезоната, рекорд кој сè уште стои. Паралелно со неговите офанзивни постигнувања, Абдул-Џабар беше и елитен скокач и дефанзивец. Во 11 првенства беше најдобар скокач и 19 пати Ол Стар во 20 сезони минати во НБА. Листата на извонредни достигнувања оди и понатаму: два пати МВП на финалните серии, 10 пати во најдобрата НБА петорка, пет пати во најдобрата дефанзивна петорка, два пати најдобар НБА стрелец, четири пати најдобар блокер…
Династијата на Лос Анџелес Лејкерс од 80-тите, предводена од Карим Абдул-Џабар и Меџик Џонсон, е една од најпознатите епохи во историјата на НБА. Доминацијата на Абдул-Џабар во рекетот, во нападот и одбраната, во комбинација со неспоредливата техника и преглед на играта на Меџик Џонсон, направија вистинска револуција во лигата. Играта на овој тандем на Лејкерси донесе не само резултати, туку и вистинска радост и забава на терените, брендирајќи го секој настап на тимот во „Шоутајм“. Заедно, тие ги доведоа Лејкерси низ 80-те до пет шампионски титули. Нивната синергија не само што донесе успех на теренот, туку и помогна да се зацврстат Лејкерси како еден од најзабавните, најуспешните и најпопуларните тимови во историјата на кошарката.
Но, влијанието на Карим Абдул-Џабар се протега многу подалеку од кошаркарскиот терен. Во текот на неговата кариера, тој ја користеше својата популарност меѓу сите генерации за да промовира социјална правда и еднаквост. Во 1960-тите и 70-тите, во екот на движењето за граѓански права, Абдул-Џабар беше отворен застапник за правата на Афроамериканците. Тој го промени своето име од Лу Алсиндор во Карим Абдул-Џабар во 1971-ва откако се преобрати во ислам како лична одлука и дел од неговата посветеност за рамноправност на сите, без оглед на бојата на кожата и религијата на која ѝ припаѓаат. Тој беше еден од спортистите кои се солидаризираа со Мухамед Али кога одби да биде регрутиран во Виетнамската војна што го чинеше загуба на светската титула во бокс. Својата политичка и хумана активност Џабар ја продолжи и по кариерата, пишувајќи книги и колумни против системската неправда, за важноста на образованието, емпатијата и разбирањето. Неговата работа како јавен интелектуалец, зборувајќи за прашања кои се движат од политика до филозофија, е доказ за неговата длабочина и сестраност.
Неговото место во рангот на „најдобриот на сите времиња“ се должи на комбинацијата на атлетска извонредност и трофејни достигнувања, но и на личниот интегритет и интелектуалниот пристап на сѐ што правеше низ животот. Неговото лидерство, на теренот и надвор од него, ја обликуваше НБА во она што е денес, а неговата кариера служи како пример за тоа како спортистите можат да бидат многу повеќе од само забавувачи, да бидат лидери и активисти кои ќе оставаат трајно влијание во светот.
Љубомир Николовски