„Ќе смениме најверојатно уште некој директор. Засега се сменети двајца директори, во ‘Козле’ и во Општа болница во Гостивар, одговори министерот на новинарско прашање, по официјалното пуштање во употреба на компресорската станица за хируршките клиники.
Министерството за здравство на 4 февруари информираше дека е сменета директорката на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата – „Козле“.
„Министерството за здравство информира дека за нова директорка на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата – „Козле“ е именувана проф. д-р Катерина Бошковска, која над дваесет години е дел од тимот на оваа установа. Д-р Бошковска е супспецијалист по педијатриска пулмологија. Во рамки на наставно образовната дејност е вклучена во активностите на катедрата при УКИМ и во последните пет години има објавено голем број научни трудови. Министерството се заблагодарува за досегашниот ангажман на претходната директорка, д-р Каролина Симоновска“, беше наведено во соопштението.
На истиот настан, министерот Таравари изјави дека според него, ГОБ „8 Септември“ треба да остане добар „бекап“ за клинички центар.
„Мислам дека ГОБ ‘8 Септември’ треба да биде втора клиничка болница во Скопје, меѓутоа треба да се дадат повеќе ингеренции. Мислам дека ‘8 Септември’ треба да остане како и досега, добар ‘бекап’ за Клинички центар“, нагласи министерот, одговарајќи на новинарски прашања по официјалното пуштање во употреба на компресорската станица за хируршките клиники.
На прашање до кога ќе биде паузирана изградбата на нов клинички центар, тој одговори дека за 2025 нема таков план.
„За 2026 ќе зборуваме и ќе ви кажиме доколку има нешто конкретно“, рече Таравари.
Одговарајќи на новинарско прашање за болницата во Штип, тој рече дека не само таа, туку сите болници биле оставени така како што биле. Тој изрази надеж дека по јуни ќе се почне со проект за реновирање, односно нови болници во Штип и Кичево.
„Ако сега ви кажам – одма ќе ги направиме, тоа е невозможно. Оваа година, во план ни се да започнеме со работа на четири болници: во Струмица, „Свети Еразмо“ во Охрид, Кичево, Штип. Овие болници ни се во план за оваа година, како и реновирање на оддели и тука во Клинички центар, но и на други болници“, одговори тој на прашањето кога може да се очекуваат подобрени услови.
Министерот рече дека е оптимист дека барем болниците во Струмица и „Свети Еразмо“ во Охрид да бидат завршени до крајот на оваа година, а новите болници во Штип и Кичево да бидат готови барем за две години.