сабота, 19 октомври 2024

Наивен пораз на Македонија (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Објавено на

часот

Сподели

 

Ракометарите одиграа уште еден фантастичен меч, но сопствените грешки овојпат многу повеќе ги чинеа отколку наклонетоста на судиите кон Германците. Германија имаше неверојатна помош од исландските судии Хлинур Леифсон и Антон Палсон. Ја толерираа грубата игра, немаа изедначен критериум, компензираа, исклучуваа по секој десетти прекршок, но сето тоа ќе се заборави, затоа што Македонија вечерва имаше победа во своите раце, која ја испушти. Промашивме седмерци (Лазаров), еден куп зицери (Стоилов, Темелков, Манасков), па дисциплинираната Германија не можеше да пропушти вакви подароци.

Младиот Дејан Манасков долго ќе ја памети оваа вечер, затоа што дебитираше на ЕП, ги даде првите голови (два) за репрезентацијата, но долго ќе го памети моментот на неполни две минути пред крајот, кога по една украдена топка и контра промаши чист гол. Исто како промашувањето на Дамјан Стојановски, кој го промаши чистото положување во кошот на Русија во битката за медал на Европското првенство во кошарка во Литванија. Неискуството го зеде данокот, иако ситуацијата и во двата случаи беше потешка да се промаши отколку да се погоди.

Наместо водство за нас, при резултат 23-23, Германците добија шанса, која ја искористија преку Уве Геншајмер и ни оставија цела минута за реми. Не направивме акција за гол, а Лазаров како капитен ја презеде одговорноста, но неговата намера беше прочитана. Германија се одбрани и победи, а на радоста на „панцирите“ ѝ немаше крај, затоа што останаа во живот. А можеа веќе вечерва да се пакуваат за дома.

Македонија повторно одигра борбен меч, во кој не подлегна на притисокот што го им го приредија судиите, плус германската грубост, провокации и нивниот константен притисок на арбитрите. Сепак, во клучни моменти немавме напад, а и не го искористивме доволно фантастичниот Петар Ангелов.

Популарниот Диви здиве во вториот дел, но залудно, затоа што пет одбрани завршија од втор обид во неговата мрежа. Токму тоа затворање на шесте метри не ни овозможи во клучните моменти, носени и од публиката, да се одлепиме и веројатно да исчекориме кон победата.

Ниту еден тим немаше поголема предност од два гола. Македонија последен пат имаше на средината на второто полувреме, 17-15, но Лазаров на двапати избрза и Германците се вратија во игра. Сè друго беше резултатски егал, водеше и Германија, и Македонија, но сè набрзина се враќање на нерешено.

Македонската ракометна репрезентација лошо го започна мечот со неколку технички грешки, по кои Германија стигна до водство од 3-0, но нашите ракометари набрзина се вратија во игра носени од капитенот Кире Лазаров. Сè потоа беше игра гол за гол, во која судиите го навлекуваа гневот со смешните подароци за Германците, па салата „Чаир“ неколкупати грмеше „ЕХФ мафија“ со ист интензитет како „Дојчланд, дојчланд ауфидерзен“.

Стојанче Стоилов го одигра мечот на кариерата, беше одличен, без оглед што промаши три зицери во серија, кога Македонија можеше и посериозно да се одлепи. Лазаров очекувано беше прв стрелец, но подзастана во второто полувреме, кога беше најпотребно, откако во првиот дел трипати ја „искина“ мрежата на Германците.

Лазаров со седум гола од 17 удари и два промашени седмерци беше прв стрелец. Стоилов даде шест, Мојсоски четири, а Ангелов собра 11 одбрани и 48 отсто одбранети удари. Од друга страна, Ларс Кауфман со шест гола беше прв стрелец, а уште деветмина се запишаа во листата на стрелците. Лихтлајн и Ханветер собраа заедно одбрани колку Ангелов, но сите завршија во рацете на Германците, а не во мрежата.

Македонија в четврток од 20.15 часот против Чешка ќе мора резултатски да се поправи за да го продолжи престојот во Србија.

 Златко Крстевски

Лазаров промаши во клучни моменти

Стоилов погоди кога беше најпотребно

Диви здиве на голот

Но, на крајот Германците се радуваа

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ