среда, 23 октомври 2024

Нагло е зголемен бројот на мртви во антивладините протести во Бангладеш

Откако синоќа во судири меѓу демонстрантите и поддржувачите на владата во Бангладеш се убиени 94 лица, бројот на мртви во протестите се искачи на најмалку 300, се вели во проценката на АФП врз основа на податоците на полицијата, официјалните лица и болничките лекари.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Антивладините демонстранти во понеделник планираат нов масовен протест во главниот град на Бангладеш, Дака.

„Дојде време за конечни демонстрации“, рече Асиф Махмуд, еден од водачите на студентското движење кое стои зад протестите, повикувајќи на демонстрации во главниот град.

Според извештајот на АФП, најмалку 300 луѓе се убиени од почетокот на протестите во јули.

Голем број припадници на безбедносните сили се распоредени на улиците на Дака, особено во оние што водат до канцеларијата на премиерката Шеик Хасина, кои полицијата и војската ги забарикадираа со бодликава жица.

Од вчера вечерта во земјата на сила е полициски час, мобилната интернет конекција е строго ограничена, а затворени се 3.500 фабрики.

Вчера, нови судири меѓу противниците на Шеик Хасина, полицијата и приврзаниците на владејачката партија оставија најмалку 94 мртви низ целата земја. Ова се најголемите човечки загуби во еден ден од почетокот на антивладините демонстрации пред еден месец во оваа муслиманска земја со 170 милиони жители.

Во Бангладеш огромен проблем е фактот што студентите и младите дипломирани студенти се соочуваат со висока невработеност. Студентите и младите дипломирани студенти бараат од владата да го укине системот на позитивна дискриминација, кој резервира и доделува квота владини работни места (околу 30 проценти) на членовите на семејствата на ветераните, односно на луѓето кои се бореле во војната за независност од Пакистан во 1971 година.

Системот делумно беше укинат во 2018 година, а за него повторно расправаше судството во јуни. На крајот на јули стапи во сила промената благодарение на пресудата на Врховниот суд. Според пресудата, 93 отсто од работните места мора да бидат засновани на заслуги, при што пет отсто одат на потомци на војниците кои се бореле за независност на Бангладеш од Пакистан во 1971 година, а два отсто на лица од етничките малцинства или лица со инвалидитет.

Во најновите судири загинаа најмногу луѓе откако Шеик Хасина дојде на власт пред 15 години.

За да го врати редот, нејзината влада прво го оневозможи пристапот до Интернет, затвори училишта и универзитети, воведе полициски час и распореди војска. По 16 јули, социјалната криза премина во политичка. Тогаш репресијата ги зеде првите жртви, а демонстрантите побараа оставка од премиерката.

„Веќе не се работи само за квоти за работа“, рече Сахават, млада демонстрантка од Дака, за АФП. Таа напиша графит на еден ѕид нарекувајќи ја Шеик Хасина „убиец“.

„Сакаме идните генерации да можат да живеат слободно“, посочи таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ